Комунистичкото минато сиве години се користи политички за да се манипулира јавниот дискурс, станувајќи туѓо тело во националната историја на македонскиот народ, ѓаволски потфат што чека да биде поразен со соодветен егзорцизам. А дотогаш Македонија сѐ повеќе тоне како заложник на духовите на нејзиното комунистичко минато, кои ја прогонуваат сегашноста и ја загрозуваат нејзината иднина
Ѓаволот во македонската историја има име: комунизам. Во човечката историја, лошите идеи се како зомби; кога мислите дека се мртви, доаѓаат, се враќаат наоколу и потешко се убиваат, затоа што тие наводно веќе се мртви. Гледаме како комунизмот во Македонија се врати од мртвите, но сега потешко е да се убие отколку некогаш. Неуспехот на Македонија да направи радикален раскин со својата брутална комунистичка историја го наруши нејзиното сеќавање на минатото и ја оштети нејзината транзиција од посттоталитарно општество во функционална демократија. Ова комунистичко минато продолжува да го прогонува македонското општество. Неуспехот да се исчистат политиката и државните институции од луѓето што ѝ служеа на угнетувачката машинерија на комунизмот го олесни продолжувањето на елитата на тоталитарниот режим. Држава што е длабоко затрупана со остатоци од комунизмот не можеше и не може да го направи оној потребен исчекор кон Европа. Затоа Македонија е токму онаква каква што ја живееме денес – бесперспективна и неизвесна, како и опстанокот на државата.
Македонија сиве години негува искривен историски наратив, со кој се засенија криминалите, економската и социјалната беда што ѝ ги донесе комунизмот. Одржувањето во живот на овој наратив го оневозможи градењето на обединувачка колективна меморија за комунистичкото минато во Македонија. Најдобриот трик на ѓаволот е да ве убеди дека не постои. Оваа често цитирана фраза од расказот на Бодлер, „Дарежливиот коцкар“, може добро да се примени на симбиозата меѓу историјата и комунизмот кај нас. И токму тука треба да ја бараме неспособноста на Македонија да ги разоткрие злоупотребите на нејзиниот тоталитарен режим и да воспостави правда за жртвите, како и жигосување на џелатите што служеа и го одржуваа во живот репресивниот механизам на таквиот режим. Кога нема да се пресметате со прекршувањето на човековите права од страна на комунистичкиот режим и (не)луѓето што го хранеа злото во Македонија, сериозни се последиците за нејзината демократска насока. Комунистичкото минато сиве години се користи политички за да се манипулира јавниот дискурс, станувајќи туѓо тело во националната историја на македонскиот народ, ѓаволски потфат што чека да биде поразен со соодветен егзорцизам. А дотогаш Македонија сѐ повеќе тоне како заложник на духовите на нејзиното комунистичко минато, кои ја прогонуваат сегашноста и ја загрозуваат нејзината иднина.
Не сум изненаден дека во Македонија сѐ уште намерно не е идентификувано наследството на комунизмот, идеолошката дискриминација на чувството на национална припадност на Македонецот и неговото историски вкоренето национално незадоволство. Затоа до денес остануваме во историскиот егзодус што ни го наметнаа оние чии имиња ги носат белегот и симболите на комунизмот во Македонија. Македонската историја поради нив е историја на човечката несреќа, наука за човековото страдање. За жал, македонската држава никогаш не почувствува долг кон жртвите, кон оние чии судбини беа вткаени во македонскиот непокор како залог кон вистината и правдата. Барањето правда преку осознавањето на вистината би значело рушење на табуата во историјата и градење колективна свест за злото што било продуцирано од еден режим што се хранел од несреќата на луѓето што го сонувале сонот за македонска држава. Она што наследниците на комунизмот во Македонија не го сакаат. Затоа е стравот од рехабилитацијата на жртвите на комунизмот и нивните индивидуални искуства. Говорењето и пишувањето за комунистичкото минато може да биде терапевтско само ако биде слушнато од оние што сочувствуваат со човечката несреќа, оние што одбиваат да се согласат со политички спонзорираниот терор на своето минато, па ако сакате и сегашност, и оние што носат одговорност пред историјата за исправање на неправдите на минатото и анулирање на злото што го продуцирало. Без тоа нема да изградиме нормален однос со нашето минато и да се чувствуваме комотно во сопствената историја. За жал, сѐ додека злото на комунизмот ја владее оваа држава, тоа ќе биде само пуста желба.
Да не заборавиме, комунизмот е и политичка и академска биографија на одредени личности во македонското општество, инкарнација на ѓаволски нихилистички принципи на човечко потчинување и полтронство во име на зачувување на мистично егоцентрирана заблудена визија за своето место во таквата историја. Тоа се демоните на македонскиот комунизам што сѐ уште живеат врз грбот на македонското општество. Паниката спие во еден неосветлен агол од нивните расипани души.
Се прпелкаат во комунистички затруената параноична фантазија за нивното историско погребување, што им создава еден вид лудачка смисла на нивното постоење денес. Наспроти исконската структура на човечкото жртвување на луѓето во комунизмот, ги имаме овие демони на комунизмот како реликвии на злото, бесот на фанатизмот и паранојата, која засекогаш се повторува кога е загрозен нивниот опстанок. Тоа е нивниот договор со ѓаволот што не им дава мир. Можеби нивните кошмари се луѓето што чекаат да бидат рехабилитирани од злото што им го нанесоа? Или можеби оние што повикуваат на лустрација и расчистување со комунистичкото минато во Македонија? Едно со сигурност знам. Знам дека нивната параноја сè уште го испумпува истото мрачно атрактивно предупредување кога комунизмот или сликата за него е загрозена во Македонија. Зашто нивните животи и нивните верувања се една фатална илузија. Затоа е потребен егзорцизам на комунистичкото минато како нужно погребување на злото во Македонија. И, ве молам доста со повиците за сплотување, простување, помирување и заедништво. Со демоните во македонската историја не може да правите пакт. Не можете и не смеете.
Автор: Проф. Звонимир Јанкулоски