Ќе речете: зошто глупоста би се определувала баш како македонска? Зарем не е тоа општа (човечка) одлика? Зарем другите нации/држави не прават/правеле глупости? Е па, не ќе да е баш така. Примерите низ кои се покажува нашата недоветност не само што се уникатни, но и се множат, никако не се намалуваат. Небаре леминзи, па тераме кон бездната на колективното самоубиство… (единствената разлика е што кај нив тоа е резултат на пренаселеност, а кај нас – на некаков бизарен нагон што нè тера набрзина да исчезнеме и ние малку што останавме).
Но на почеток да дефинирам што овде подразбирам под глупост. Тргнувам од онаа позната дефиниција дека неразумност (лудило, во оригиналот) е кога одново и одново чиниш иста работа, а очекуваш различни резултати. За да бидам помалку строга во изразот, се одлучив ова да го наречам глупост. На пример, одново и одново менувате устав и прифаќате сè што ќе ви наложат однадвор, а резултатот е НУЛА! Или дури и уште полош од претходната состојба. Се сеќавате дека Преспа ќе важеше само кога ќе ги затворавме поглавјата од ЕУ-интеграциите, па еве сега мораме да менуваме и лични документи – од интеграции ни И. Сега некој верува дека ќе ја натерал ЕУ да отстапи од рамката што ни ја наметна и дека уставните измени ќе важеле дури кога ќе влегуваме во Унијата. Таква одложена уставна реформа не е позната на светот! И човек не знае дали се глупави или се прават наудрени (и мислат дека ние пиеме нафта).
Ако ми замерувате што зборувам за сите нас, а не посочувам со прст само на главните виновници, ќе кажам дека барањето виновници само надвор од нас е начин на бегање од одговорноста и од срамот. Главните актери во македонските (лидерски) патрдии се таму затоа што се избрани од гласачите, а тоа сме сите ние. Ги толерираме сите нивни коруптивни и елементарно глупави однесувања и одлуки, па уште и се расправаме и делиме околу тоа кој е помалку виновен. („Нашите“ против „вашите“ – е само варијанта на онаа римската „подели, па владеј“). Е сега зошто глупоста е македонски производ во случајов? Затоа што нас ќе нè проучуваат некогаш (под услов човештвото да не се самоуништи во нуклеарен Армагедон) како уникатен случај на нација што доброволно, па дури и со некаква меланхолија, се препуштила на процес на самоуништување. Обидете се да се сетите на некој друг пример на држава што безброј пати го менува Уставот во очекување дека тоа ќе биде од полза за сите, т.е. дека на тој начин ќе се пристапи кон Унијата (ЕУ), а тоа го прави под притисок на надворешни сили и внатрешни колаборатори и безрбетници? Има ли народ што трпи како никој досега? Трпевци и Трајчевци сме сите ние кога не стануваме на нозе.
Циркусијадата на т.н. лидерска средба немам ни волја да ја коментирам колку е небулозна (а крајот извесен). Еден што се нарекува новинар даде дефиниција по која не знаете дали да плачете или да се смеете: „Ковачевски бил креативен, Мицкоски бил кооперативен, а Ахмети – далековиден“. Хмм, за последниов погоди – ама не во смислата во која тој зборува. Друго е во прашање. Креативниот што ни се заканува е неранимајко без изборен легитимитет; сличен е и неговиот партнер во злосторството – кооперативниот. (Мицковски, не заборавајте, не се осмели да застане на изборна листа, па така, „лидерува“ од заднина). Вториов, кој се обидува да изигрува Итар Пејо, да седи на две столчиња, да биде божем патриот, но и лојален поданик на Империјата, има подолго искуство во политиката. Попусто му е! Ако ја пропушти средбата со историјата во 2018 година и не сфати за што станува збор, сега не очекувајте ништо, освен вербални акробации (и нешто како вицот со кокошката што не сакала да биде „лесна“). Кучата е продадена – одамна. Првиот е феномен: ако мислевме дека Заев е IQ33, за овој нема коефициент – иако тврди дека имал „болс“ и диплома од „Харвард“ (пази да не). И треба ли повторно да ја кажеме елементарната вистина дека во Македонија ниту еден од нив не е лидер? Вистинскиот е далековидиот што седи во Шипковица, а негова десна рака е оној нежен, а Груб/и. Но и тие се само пиони на геополитичката шаховска табла, и тоа со децении – оваа губернија е вуко**бина на САД, управувана од тие на Калето. Се чини овој третиов барем остварува нешто што си го има зацртано во умот и програмата. Македонците се најдискриминираната група во земјава. И не смеат да писнат.
Уставот е само празен контејнер што се полни со различни содржини, зависно од барањата на другите. Тој не е основа за политичката заедница на овој народ. Заедница и не постои, односно не се знае ни чија е, ни кој ја сочинува. Среде сета фокусираност на тоа дали ќе се промени тоалетната хартија (која служи знаете за што) пред очите ни минува министер на кој не му е гајле дека, по дефиниција, тој е слуга на народот (вистинското значење на зборот „министер“), а не обратно. Тој дури има моќ и да кажува кои се „наши“, па не треба да ги третираме како странци во здравствениот систем; тој „знае“ кој е мрцина, а кој не; тој не менува одлуки, бидејќи му се може. Дипломи од областа на медицината никнуваат како печурки по дожд (најновата информација е дека и приватен универзитет од Гостивар ќе штанца такви).
Во земја во која не можете да добиете елементарна здравствена услуга без да се начекате или платите, цвета медицинската наука. Да не ти се верува! Овде не смее ни да се покаже со прст на оние што научија што е власт и моќ, па можат (барем привремено) и да се откажат од учество во Владата. Бидејќи, ниту моќта, ниту власта се во Владата. Капиларниот карактер на моќта е навлезен длабоко во сите сфери, а веќе е без контрола. Секој обид да се сопре погубното дејство на неконтролираната и нетранспарентна моќ е осуден на пропаст зашто предизвикува масовна хистерија против наводната албанофобија и македонски национализам. Затоа, како што рече една умна жена, членка на МАНУ, која за малку ќе ја линчуваа: соживотот има висока цена. Затоа, трај, молчи, менувај устав, мижи пред распадот – зашто можело и полошо, велат!
Да се вратам на почетокот, на јаловите обиди со промена на Уставот и демакедонизација да се влезе во ЕУ. Ај што на патот кон божемното членство во ЕУ (кое е налик на очекување по смртта да заминете во рајот) се губите себеси, веќе не знаете ни кој сте ни што сте, затоа што сте прифатиле да бидете ставка од едно западно мени што нуди „македонска салата“, туку ЕУ нема ни намера да се проширува. На оние што се таму им секнуваат изворите на благосостојба, поради силната милитаризација и инвестиции во индустријата на смртта, а не на животот и развојот. Ние сме двојно глупави: мислиме дека „само уште овој пат и ќе завршат сите условувања и малтретирања“, а некои сериозно мислат дека ќе доживеат европска благосостојба во предвечерје на светска војна.
Македонија тоне во Бермудски триаголник (уште наречен и Ѓаволски). Навигатори се капетаните Креативниот, Кооперативниот и Далековидиот (од тројца еден асолен не можеш да направиш) привлечени од песната на американската сирена. Ние сме посадата што ги движи веслата под палубата. Од договор до договор, од уставни амандмани до уставни амандмани, од бенчмарк до бенчмарк… Во тешката магла што се спуштила врз нас, како осамен светилник опоменува само еден политички фактор, еден светол пример на храброст и отпор кон Глупоста и Лудилото, а кој служи и како громобран, собирајќи ги ударите на моќните богови на Олимп. Како клисурине… Па ти навираат на ум и стиховите што следуваат од таа моќна химна… знаете веќе на што мислам. Тоа го мислеше и Гоце, кој сметаше дека сме редок пример на народ што најмногу страдал од своите синови. Да бевме народ (демос) ова немаше да го трпиме, немаше да дозволиме да дојдеме до ова дереџе, до дното на кое и натаму копаме – креативно, кооперативно и далековидо. Отаде светот и векот.