Деновиве бев на суд. Тужени сме телевизијата и јас како одговорно лице. Станува збор за работен спор. Пред две години две лица на раководна позиција беа разрешени и поставени на нови работни места. Но тие беа незадоволни, сакаа да бидат директори и продуценти! Замислете, во приватна компанија, бараат со сила, против волјата на сопственикот и менаџментот да управуваат со неа. Ова ви се чини неверојатно, нели? Но, вистина е. Започнаа судски спор. Основен аргумент им е тоа дека јас сум ги разрешил неправедно. Главен сведок им е уредник, вработен во телевизијата. Невидено, човек за кој сите знаат дека живее надвор од Македонија и дека спротивно на сите правила и добри практики на професијата новинарство уредува онлајн емисија од странство, даде изјава за односите помеѓу менаџментот во фирма во која престојува ретко и повремено. Адвокатот на Алфа реагира, го прашува сведокот колку часа неделно тој доаѓа на работа и во кое време од денот, за да ги познава односите во друштвото. Судијата не дозволува прашања кон сведокот на тужителот и започнува да го наведува што да изјави и што да биде воведено во записникот. Тој, судијата. Зборува тужителот, повторно судијата го води низ океаните на мудроста и му ги составува речениците, па ги преформулира, адаптира и воведува во записникот. Одбива во записникот да биде запишана изјавата на тужителот дека никогаш не сум го навредил! Циркус! Зборувам јас. Судијата тешко дише, воздивнува, возрасен судија, жена, не може да си го додржи анимозитетот кон мене, не може да ме слуша и да ме гледа, се бори со мене и со моите изјави, се обраќа кон адвокатот „да ме заштител од мене самиот, не сум требало да го кажувам тоа што го кажувам“, а го кажувам тоа што го знам: дека не може некој без адекватно образование, квалификации, знаење и вештини за таа работа да бара да биде менаџер во приватно друштво и да управува со него! Ѝ велам дека таа не ми суди мене, туку на капитализмот! Не допира до неа. Сосема е јасно, ќе ме осудат. Јас сум Јани Бојаџи, а ја застапувам телевизијата што тие не ја поднесуваат! Завршува расправата. Го чекаме записникот, веќе ги знам процедурите. Записничарката типка по тастатурата. Тишина. Судијата започнува разговор, пријателски со тужителите, речиси цитирам, судијата кажува: „Состојбата во судството е катастрофа, јас не знам кои се тие три проценти што им веруваат на судовите и правосудството, сѐ е отидено по ѓаволите, ништо не функционира, во оваа земја нема правда“! Слушам и не ми се верува. Јас сум во суд, тужен сум, очекувам правда, барем правичност, судијата со тужителите и нивните сведоци зборува дека нема правда, а мене ме тужат! Молчам, не ми влегува во глава! Седам до записничарката, таа го подава записникот, потпишувам и заминувам. Воспитано кажувам пријатно, судијата се врти и ме гледа, со очи полни омраза и бес. Сосема е јасно, ќе ме осуди, таа не го поднесува моето човечко присуство! Толку од моето судско искуство.
Скромно и тривијално, на крајот што и да се случи во оваа постапка, јас како граѓанин нема да бидам засегнат, може да се случи дури и да не бидам одговорно лице до крајот на постапката, тоа е барем нормална и разбирлива работа. Директорите доаѓаат и си заминуваат. Она што ми минуваше низ глава цело време во тој суд беше прашањето како им било и како им е на тие луѓе што ги судеа за 27 април. Како им е сега, кога Врховниот суд ќе ја повтори пресудата за дело за кое сите, дури и каков-таков претседателот на државата, зборуваат дека е непостојно и дека тие луѓе не можат да одговараат за тероризам! A во најмал случај надвор од правото се изземени од процесот на аболиција! Како им е ним ако јас, во една граѓанска постапка, се вознемирив дотолку да мора за тоа да пишувам колумни и да зборувам јавно?!
Боже господе, ова е крај! Ние повеќе не можеме да живееме заедно! Ова е невозможно! Нивните полицајци, истражители, обвинители и судии ќе нѐ судат и осудуваат во земја во која без срам, во суд, од позиција на судии, на луѓе што треба да раздаваат правда, тврдат дека во нивната држава и нивните судови – нема правда! Што ни преостанува нам? Тие што трета генерација владеат со државата, правото и судовите не веруваат во правда! Во што да веруваме ние? Како да живееме со нив? Што ни преостанува нам? Да се разделиме можеби? Да формираме свои институции, свои органи на управа, своја полиција, свои обвинителства и свои судови? Можеби тоа е решението?
Македонците мора да разберат дека комуњарите и северџаните не им се повеќе ништо. Комуњаросеверџаните по род со Македонците по род не споделуваат национална, религиозна, културолошка, историска, социјална, идеолошка, политичка и друга граѓанска припадност. Ние не припаѓаме на иста нација, на иста вера, на иста заедница, а ниту на иста држава. Македонците во Северна Македонија немаат своја држава. Македонците во Северна Македонија се граѓани од втор ред, кои се угнетувани и онеправдани од малцинството на некогашни нивни сонародници, а денес по сопствен избор припадници на друга заедница. Македонците во Северна Македонија се робови што треба да им служат на интересите на црвената буржоазија, нивните деца и внуци, кои сметаат дека се „од господ црпната“ каста што треба да управува со земјата, да носи закони, да има сила и моќ, да ги контролира финансиските текови, да управува со здравството, образованието и судството онака како што сака, со крајна цел – вечна власт! Да се разделиме? Не гледам некој да нуди друг излез од овој пекол.
Сите вие што мислите дека ова не е така, се лажете само и единствено себеси. Вашите деца го знаат ова и ќе заминат, ако веќе не заминале. Зошто мислите дека некој нормален човек може да се проектира себеси како „нормален“ ако дозволува со современите текови на неговото живеење да господарат Димитар Ковачевски и Стево Пендаровски? Кој здраворазумен и пристојно образован Македонец може да воспостави идентификација со овие луѓе, за што и да е во животот? М? Чаре? Да се разделиме? Ние повеќе не може да живееме заедно со нив. За да живееш со некого, треба да споделуваш барем минимум заеднички вредности. Ајде да видиме дали споделуваме нешто и што е тоа? Споделуваме ли иста земја? Не. Тие ја нарекуваат Северна Македонија, а ние не сакаме ниту името да ѝ го кажеме. Значи, ние не живееме во иста земја. Дали ние споделуваме исто минато со нив? Не. Тие мислат дека тоа минато започнува од определен датум и дека тие го споделуваат со Бугари по род, а не со нас. Дали споделуваме иста сегашност? Не. Тие мислат дека сегашноста е прекрасна состојба на мир, стабилност, развој и просперитет. Што мислиме ние? Дека ова е катастрофа каква не сме виделе досега. Дали споделуваме иста иднина? Не. Тие мислат дека нашата иднина е во светот во кој нас ќе нѐ нема. Што мислиме ние? Дека иднината е проколната, опасна состојба на неизвесности и страв.
Е па, како ќе живееме во страв? Се живее ли во немир и страв? Сосема е јасно, ние и северџаните немаме ништо заедничко. Не залажувајте се, биде искрени, дали дури и со пријатели, другари, па и со роднини за кои знаете дека се северџани по убедување и припадност си ги честитате некогаш заедничките празници? Дали се дружите во слободното време? Дали одите во исти кафеани? Дали излегувате со заеднички пријатели? Дали одите во исти театри? Дали сакате исти филмови? Дали размислувате на ист начин за што и да е поврзано со животот? И на крајот, бидете реални, кажете дали ги сакате тие луѓе како што сте ги сакале некогаш? Дали планирате со нив што и да е во иднина заедничко? За што и да е? Искрени ли сте? Соберете ги одговорите. Ќе ви стане сосема јасно дека вие и сега сте разделени! Вие живеете во паралелни светови. Вие не ѝ припаѓате на иста нација. И наместо епилог, одговорете си барем себеси, барем во себеси: Имате ли мир?! Мирни ли сте, внатре, во стомакот? И една педа над стомакот? Треперите, чувствувате бес, омраза, се плашите од сопствените мисли? Разбирам. Исто и јас. Чаре? Пак прашувам! Дали е време да се разделиме? Ние веќе не можеме да живееме заедно. Да се разделиме во мир, додека е мир. Како ќе се живее вака? Ова прашање било често поставувано во Ирска, Шпанија и Грција. Немањето одговор ги одвело кон граѓански војни. Последиците од нив сѐ уште се жива рана на тие земји. „Како ќе се живеј?“. И Григор Прличев си го поставувал ова прашање. Го има во неговата Автобиографија. Прочитајте ја. Може ќе најдете некои одговори што вам ви недостигаат. Прочитајте ја, драги мои. Сега, додека сѐ уште е мир.
Јани Бојаџи
Авторот е режисер и универзитетски професор