Да не се заборави

Во пресрет на двојните избори, претседателски и парламентарни, барам: никогаш да не се заборави распродажбата на името на државата, на идентитетот, јазикот и историјата на македонскиот народ. Потписниците на договорот од Нивици, барам да одговараат, бидејќи згазнаа на јасно изразената волја на народот, потврдена на референдумот во 2018 година и уште повеќе на референдумот од 1991 година. На овој вториот, народот со над 95 отсто од излезените се определи за независна Република Македонија. Бевме лажени дека новото име нема да важи и внатре во државата. Лажеа и дека нема да има уставни промени. Лажеа кога се колнеа во глупости како „жици на гитарата“, а излезе дека нашата позиција како народ ја ставија на жица. За срам пред целиот тој свет, кој им „аплаудираше“ јавно, а тајно им се потсмеваше и им се чудеше на умот. Бидејќи истите тие не се виновни. Сѐ е направено со наш, односно со нивен потпис. За ова грубо прекршување на нашиот устав, за поткупот на пратеници, за лагите, за откажувањето од грижата за нашите малцинства, за поништувањето на идеалите од АСНОМ, кои се фундамент на државата, барам највисоки казни.
Никогаш да не се заборави дека истата таа влада ни донесе и непристојни уцени од Република Бугарија, каде што како во монтиран судски процес треба да признаеме дека до 1945 година сме биле Бугари и јазикот ни бил дериват од бугарскиот. Се надминаа и самите себеси со својата неспособност и незаинтересираност за македонскиот народ. Ете, токму тие „Европејци“ ни ги нарушија соседските односи со Република Бугарија, наместо да ги подобрат. Истите тие прифатија уште понепристојна рамка за преговори со ЕУ, повторно од целосна негрижа за постоењето, достоинството и вековните идеали на македонскиот народ. Згазнаа на нашето антифашистичко минато, релативизирајќи ја нашата историја, која како на послужавник им ја нудат на соседни држави да ја преправаат и поништуваат. Уште, пак, ни стојат со „пиштол“ на чело да прифатиме нешто што над 70 отсто од народот не го прифаќа. Не можеа ништо попаметно да договорат со ЕУ (во која божем нѐ носат на нивните, тешки од пари, плеќи). Којзнае што зборуваат во Брисел и насекаде каде што шетаат, ако воопшто нешто зборуваат. И поарно да молчат. Од ова подолу не може. Важно, овде силни, најлесно им е да нѐ стават како жртвени јагниња во редица за нови и нови уцени, по системот земи или остави. Сега или никогаш. Патетични некадарници. И за тоа ќе си одат.

Никогаш да не заборавиме дека буквално нѐ искрадоа. Затоа и се колнат во некој замислен спасител, кој ќе ни донесел благосостојба. Но, спасителот си доаѓа да си ги врати назад дури и парите што ги давал, а биле проневерени. Нема ниту еден ден да помине без корупциски скандал. Што сакате повеќе, кога и прочуеното специјално јавно обвинителство стана друштво за трговија со тајни материјали. Има ли поголем срам од тоа? Дали има некаде во светот, потпретседател на влада да се тргне од функцијата, за да продаде 19 мобилни болници што горат за три минути заедно со пациентите? И никој да не одговара. Никој да не направи експертиза на вградениот материјал, наместо да нѐ замајува со „германски експерти“ што виделе дека болницата се запалила од дефибрилатор или решо, сеедно. Но да изгори за три минути?! Уште кога стапнаа на власт го ограбија Фондот за иновации, делејќи им дебели пари на свои луѓе. Дури и на пратеници. Каде тоа во светот бившиот премиер од нивната партија е трговец со марихуана и топло препорачува сите да сме саделе по балконите „две-три стракчиња“? Каде тоа во светот децата, жените на највисоки челници во владата и челници на партиите на власт, имаат енергетски компании (не за производство, туку за купи-продај) во време на жестока енергетска криза? Како тоа внуци на партиски челници, уште дечишта, купуваат грандиозно големи деловни објекти во центарот на Скопје? Од каде им се парите? Зошто не го донесоа законот за потекло на имот? Како смееше да се потпише договорот со „Бехтел и Енка“, со најскап километар пат во светот? На грбот на оваа сиромаштија? Каде тоа двајца генерални секретари во владата, еден по друг, излегоа со лепливи прсти? Каков е тој морален пад да се крадат и препродаваат скапи цитостатици за најтешко болните? Луѓе од самата болница за онкологија, раководена токму од оваа власт. Поголема монструозност не можам да замислам. Можам да редам до утре. Но најважно е да не заборавиме и секој да го добие своето место (во Идризово).
Народот го осиромашија, пепел го сторија. Зарем не се движат по улиците на градовите и не гледаат дека секоја втора мала фирма е затворена, а другите живеат во страв од рекет, но и од бесмислени давачки од типот „фирмарина“. Затоа пак, улиците станаа Лас Вегас. Понудата за младите се коцкарници и спортски обложувачници. Не спорт, не образование, не наука, не култура, не забава, туку коцка. Способните ги набркаа, за да можат нивните чеда да живеат на државни јасли, да се возат во прескапи автомобили и да уживаат на одмори таму каде што еден лекар или професор или новинар, сеедно, не може да помисли ниту кафе да испие.
Македонскиот народ посебно не смее да заборави дека е дискриминиран во божем сопствената држава. „Правичната застапеност“ и последно „балансерот“ дополнително не им даваат можност на македонските деца да се вработат. И сопствените мајки ќе си ги продадеа, само СДС да го задржат сиве овие години на власт. Таков неспособен, а дебело уценет. Оставаат држава во која мора наново да ги бараме правата на мнозинскиот народ. Во која тоа држава Заводот за статистика работи со врзани потписи на Македонец и Албанец? Па, во таа каде што во сила мора да се намали бројот на Македонци, а резултатите од пописот да се штимаат цели седум месеци.
Не смееме да заборавиме дека нѐ оставија да живееме во 19 век.

Никаква инфраструктура. Неосветлени автопатишта (каде што ги има, ретко, ретко), нерамни, со неквалитетен асфалт, со испокршени и попаѓани знаци. Околу тревишта, од кои се крстиш да не ти излета некое животно. Да ти е мерак да излезеш од државата, бидејќи секаде наоколу е подобро. За патот до Охрид, веќе ми е срам да зборувам, иако ним не им е срам што имаме пат убиец до најголемиот туристички центар. Извозете го патот до аеродромот во Скопје. По тие џумки и крпеници, со ѓубрињата до патот, мртви ладни пренесуваат делегации. Појдете по селата. Самите, по неколкумина останати селани најчесто по планинските села, си асфалтираат патчиња, кои им ги носи првиот порој, а за вода копаат бунари. Имаме големи села, како на пример Куклеш и Банско до Струмица, каде што главниот и прометен пат нема жив тротоар, па дечињата кога одат на училиште се лепат на оградите од дворовите за да не ги прегази кола. Веројатно ова го нема ни во Тунгузија. Урбано место не е такво, ако улиците немаат проодни тротоари. Прва лекција во урбанизмот. Од ветуваната железница, трага нема. Од клинички центар за југоисточна Македонија, исто нема ниту збор. Животот ни е скотски, но, најлошо, веќе и не забележуваме. Ама затоа денес Скопје доби нов трговски центар. Не се знае кој по ред. Пералните за пари вртат. Тоа е единственото нешто што работи без застој.
Да не заборавиме дека половина граѓани ги оставија без лични документи. Можеби за да не гласаат на однапред, за нив, изгубените избори. Ваков третман, вакво понижување на луѓето што со денови вртеа попусто на некој телефон да закажат термин, треба да се казни. Дури и оние што скапо платија „брза постапка“, со денови не можеа да си ги подигнат документите. Немало обрасци. Па, добро, бре луѓе, да беа излезени од ментална институција, ќе се однесуваа поодговорно и понормално.
И кога ги слушате како се наддаваат со разни ветувања, со разни бонуси и покачувања на плати, пензии, на само еден месец пред избори, немојте да им верувате. Имаа цели седум години да направат многу работи, наместо што цело време нѐ занимаваа со тоа дали ќе сме почнеле преговори со ЕУ или не. Политика на една карта, па и таа не знаат да ја играат. Сѐ што знаат е да лажат и да клеветат. Опозицијата, а можеби и Трпе мајсторот им е крив за пустошот што го оставаат зад себе.
Зошто колумната ја нареков: „Да не се заборави“?
Затоа што забораваме. Затоа што релативизираме. Затоа што мислиме дека сме немоќни да промениме нешто. Затоа што сме поделени. Ајде да се опаметиме и да си го побараме назад сето она што ни е одземено. На сите нас.