Со децении глумиме дека ние сме над нештата, соседите воделе неевропска политика и на крајот нашите пријатели во Брисел и во Вашингтон ќе дојдат да ни ги решат наметнатите проблеми. Ама не е така!
Ни велат да им ја оставиме политиката на политичарите, а историјата на историчарите, ама не било така! Една политичка теорија, која е стара триесет и кусур години, ни соопштува дека во една скора иднина, светот ќе биде „поделен на еден постисториски свет и свет што сѐ уште е заглавен во историјата.“ За да им биде појасно на читателите, во постисториските општества политичарот не се занимава со историјата, тој е слуга на држава и нацијата и се грижи за општото добро на сите. Во овие општества, историчарите се експерти на минатото со намера да извлечат поуки од историјата, за да не се повторат некои настани, како што беше Втората светска војна или „Аушвиц“. Во историските општества, политичарите немаат умешност да обезбедат економска благосостојба и затоа тие се најголемите „историчари“, како такви, тие се творци на националистички митови и историски претензии. На овој начин, споменатите политичари компензираат за нивната немоќ да ја подобрат состојбата на нацијата и честопати измислуваат непријатели и опасности. Во овие општества, историчарите им се само слуги на политичарите и ништо повеќе.
Според споменатата политичка теорија, главната оска на заедничкото дејствување помеѓу државите во постисторискиот свет ќе биде економската, а старите принципи на политиката на сила ќе имаат сѐ помало значење. Постисторискиот свет сѐ уште ќе биде поделен на национални држави, но посебниот национализам на секоја од нив ќе биде во склад со слободарството и ќе се изразува исклучиво во сферата на личниот живот. Во овој постисториски свет можеме да ги наброиме државите како што се Норвешка, Шведска или Финска.
Истовремено, историскиот свет сѐ уште ќе биде раскинуван од националистички, религиозни и идеолошки конфликти, а во зависност од степенот на развој на државите што влегуваат во овој историски свет ќе владеат старите правила на политиката на сила. Историските држави ќе продолжат да ги напаѓаат своите соседи, а некои и ќе предизвикуваат нови крвави војни. Меѓу историските држави можеме да ги наброиме и нашите соседи, како што се Бугарија и Грција.
Приврзаниците на оваа теорија велат дека двата света ќе се судрат околу неколку нешта. Производството на нафта и гас се сконцентрирани во историскиот свет и се клучни за економската благосостојба на постисторискиот свет. Затоа природните енергенти, како нафтата и гасот, ќе бидат една од главните причини за судири помеѓу државите од историскиот и од постисторискиот свет. Бидејќи со производството на нафта и гас може да се манипулира, одредени историски држави ќе ги користат нафтата и гасот како орудие, бидејќи уривањето на производството на природните енергенти може да доведе до опустошувачки економски последници врз постисторискиот свет, со што постисториските држави ќе бидат принудени да прават одредени политички отстапки.
Има и други причини околу кои би можеле да се судрат постисториските и историските држави, секако, најважната е определувањето на светскиот поредок, но за ова во некоја друга пригода.
Ние би се задржале на нешто друго. Според споменатата политичка поставка, историскиот свет сѐ уште функционира во согласност со реалистичките принципи (реалполитиката) и затоа постисториските држави ќе бидат принудени да ги користат реалистичките методи при односите со светот што сѐ уште е во историјата, односно макијавелизмот и политиката на силата.
Досегашните напишани редови беа само еден подолг вовед. Сега да се насочиме на суштината. Македонија се гранични со историски држави, без разлика дали тие се членки на Европската Унија и на НАТО. Со децении имаме наметнати проблеми околу името на државата, нашиот национален идентитет, нашиот јазик, нашата историја и сѐ така до бесконечност. Нашите соседи се ирационални и очигледно е дека ја користат политиката на сила. Само присетете се на првото грчко вето, кое само му претходеше на бугарското вето. Првите велеа сменете го името на државата, па ќе влезете во НАТО, а вторите велат признајте ги бугарските корени на вашиот национален идентитет и јазик, па ќе влезете во Европската Унија. Каков апсурд!
И тука логично е да се постави прашањето: Каков е нашиот однос кон оваа ирационалност? Со децении глумиме дека ние сме над нештата, соседите воделе неевропска политика и на крајот нашите пријатели во Брисел и од Вашингтон ќе дојдат да ни помогнат. Ама не е така. Мора да се има став, особено за оние нешта што се однесуваат за државата и нацијата. Кога еден сосед постојано ти вели дека си вештачка творба, дека немаш своја историја и јазик, не можеме едноставно да кажеме: политичарите да не се мешаат во историјата, а историчарите да не се мешаат во политиката. Ова може да се однесува за скандинавските држави, но ние не се граничиме со Норвешка или со Шведска. Ние се граничиме со држави и нации што длабоко забраздиле во ирационалноста на националистичките и квазиисториските митови.
Што можеме да направиме? Во овој момент, членството на Македонија во Европската Унија не е суштествено. Нашата политичко-општествена елита треба да се стреми кон развој на институциите, бидејќи институциите се она што ја олицетворуваат државата. Сѐ додека немаме институции, нема да имаме ниту држава во вистинска смисла зборот. Кога ќе создадеме функционално држава, тогаш ќе можеме да се насочиме и кон економскиот развој и благосостојба на нацијата. Патот кон Европската Унија се отвора со борба против корупцијата и клиентелизмот, а не со флоскулата политиката на политичарите, а историјата на историчарите, како да живееме во некој постисториски свет. Треба да бидеме реални и конечно да разбереме дека сме опкружени со грабежливци.