Токму пред на почнам со пишување, на социјалните мрежи ми наидува афоризам од Алан Форд што толку добро ја опишува состојбата на умот (ако ум воопшто ни остана). Вели: не крши си ја главата со ситници, земи цигла! На прв поглед, велат, се случувале „драматични настани“, најголеми во последните 30 години, спектакл ја маѓепсал нацијата. Се делат во најголемата опозициска партија како во времето „кој е за Тито, а кој за Сталин“; но, како што духовито напиша еден кумановец, слично е и во таборот на владејачката СДСМ, „едни за Грују, други за Мицка“. Оваа димна бомба (за разлика од аудиобомбите) има неколкукратна цел, а сите актери во фарсата се и добитници (освен ние): во предизборие, СДСМ добива разнишана опозиција (бидејќи, колку и да тврди ВМРО-ДПМНЕ дека Груевски им ја зајакнал кохезијата, сепак има луѓе што се збунети и разочарани зошто во Груевски гледаат „најуспешен премиер во независна Македонија“ – тоа се оние што му го простија бегството и кои уште го гледаат како икона). Во таквата шашма очекуваат некој „прелетувач“ за евентуално двотретинско мнозинство и за промена на Уставот. Христијан Мицковски, молчалив и калкулант кога стануваше збор за национални прашања од највисок ред, конечно доби архетипски антихерој кому ќе му покаже и докаже каков лидер е! Али Ахмети си има друг проблем: му го чепнаа имиџот на воен херој и борец за албански права со тоа што еден новинар го раскринка и покажа како профитер, кој не само што удобно живее во „сараите во Зајас“ туку ги обезбедил и внуците. Во две интервјуа направи салтомортале, првото интервју стана второ, едниот лик го засени другиот, а притоа дури и им фрли петарда во дворот на двете македонски партии. Уставниот суд, досега скриен во глувчешка дупка, набрзина заклучи дека сè е во ред со Преспанскиот договор. Никој ни да претне; веќе сите си легнале на брашно и само чекаат ред или врска во МВРО да сменат документи. Кривичарите, прави или криви, главно си молчат за атаката врз елементарната идеја за право и правда, т.е. за експресните промени на Кривичниот законик. Изјавата на Ленче Ристовска дека овој чин го доживува како навреда за сите правни професионалци се губи во гласниот молк на Агелер (која одеднаш ја откри својата „непристрасност“ во политичката битка; иако имам чувство дека таа ја прифатила онаа стара изрека на Мао дека не е важно дали мачката е црна или бела додека лови глувци, т.е. носи уставни измени). Но, тука е и високостручното мислење на Али Ахмети дадено пред двајца новинари што му се обраќаат со „Претседателе“ (!?) и го гледаат со почит небаре зборува бивши судија на меѓународен суд (а не човек што ја избегна меѓународната правда).
За тоа време протести, ама овде-онде… пензионери, пациенти и други згрозени од скандалот на Онкологија, па трет на жртвите во модуларната болница… секој посебно, секој за својата мака. Како да не посакаш со цигла да си ја треснеш главата наместо со преписката на „џиновите“, како стрини на плот (ситницата)? Не само поради ниското ниво и патетичноста на која паѓаат некои што биле или претендираат да бидат лидери туку и поради фиксацијата на површното и спектакуларното, за сметка на суштинското и длабокото. Пак ќе ја констатирам дијагнозата, бидејќи без неа нема ни терапија: општеството е аномично (а може да се каже и анемично); луѓето се чувствуваат толку шашардисани, збунети, отуѓени едни од други што не можат ниту да селектираат (нај)важно од ситница/прашина фрлена в очи. Дали се тоа пензиите, сиромаштијата, урнисаното здравство и образование, греењето??? Или е тоа Уставот, Бугарите? Зошто сите овие каузи би биле спротивни едни на други? Потоа веќе и не знаат кој е патот, има ли излез од овој ѓаволски круг, кому да му веруваат… Зошто сите оние што досега ги поведуваа во некакви масовни авантури со бајраци на кои беа запишани сите морални, граѓански и национални вредности, се покажаа не само недостојни туку и венецијански трговци или луѓе што ќе ги купиш за кило чварки (што би рекол Балашевиќ).
Оние што мислат за себе дека се свесни и одговорни, повикуваат на единство, на сплотување, на заеднички „фронт“ (а зборот „фронт“ е со воено потекло и значење – правиш фронт ПРОТИВ некого, а не ЗА некого). Слични се повиците и од страна на оние што сметаат дека оваа власт мора да падне бидејќи земјата не може веќе да поднесе ваков башибозук и некадарност, но од другата „трибина“ повикуваат на некаков „европски фронт“. Се разбира, станува збор за (пре)групирање спроти избори. Откако со измените на КЗ си обезбедија неказнивост (врана на врана очи не вади), сега акцентот е на освојување/задржување на власта. Она што малкумина го забележуваат (или ако го забележуваат им е страв да го кажат) е следното: изборите изгубија смисла откако ДУИ (веќе 21 година) е на власт, а таа власт се штити себеси од секоја критика со наводна албанофобија. Ако кажеш што било на нивна сметка, дури и очигледното (за новото албанско семејство, како пандан на фамилиите од другата страна) – Али, високоморален човек, татко, брат, чичко, Претседател итн., ќе те обвини не само за национализам туку и за нацизам. Врвот на објаснувањето зошто дошло до 2001 година (за која не само што не одговараше туку никогаш не се ни извини, ниту помогна да се најдат телата на оние несреќници што ги викаме „исчезнатите“) била етнички неправедната приватизација. Значи, тој нема проблем со криминалната приватизација од страна на СДСМ, туку затоа што немало албански тајкуни. Ете, сега ги има, цвета бизнисот, дивоградбите, корупцијата – иако жали дека децата бегале и копале канализација на Запад зашто не сме биле во ЕУ… Оди па разбери го „мудрецов“, пред кого сите медиуми (па и интелектуалци) гувеат (Попетрески малку како да се охрабри откако емисијата премина во националниот сервис)! Задуман во своите геополитички и геостратегиски визии, тој ќе се претстави себеси како лидер на сите Албанци и ќе каже дека сите треба да се обединат за да добијат максимум места во парламентот. Со други зборови, овој човек заговара албански сојуз, нешто слично на ССРНМ во социјализмот: нема партии, тие се штетни (за Албанците), сите на купче и во „фронт“ – за да победат и освојат уште повеќе? Сфаќате ли што заговара овој кому не смееме да му кажеме дека пукаше во живи луѓе, а една година по војната си изградил сарај!? Овој човек некој го смета за демократ? За проевропски политичар? Она што не може да му се приговори е нескриената позиција на албански националист, кој фронтално би се борел (повторно, иако првиот пат од заседи убиваше повеќе отколку фронтално) против Другите. А тие Други сме сите ние, неалбанци! Се разбира, по принцип на акција-реакција, сè повеќе се заговара единство, сојуз, па и „фронт“ од македонската страна. Веќе ме обвинуваат што не сум била вмровка, туку (како што ми порача еден виден член на партијата): идеологијата (левата, во случајов) сум ја ставала над националните интереси! (Прашањето му беше за кого би гласала на избори, па не му се допадна одговорот дека јас гласам по идеолошко убедување и за оние во кои имам доверба, т.е. не ја упропастиле земјата и довеле на ова дереџе.)
Да заклучам: кавгата преку фејсбук-плотот не верувам дека е спонтана, познавајќи го зихерашкиот карактер на двајцата актери. Некој однадвор им дал „изим“/благослов, а тие или се доведени на тенок мраз или не гледаат што им чинат и на својата партија и на земјата. Второ, демократијата е одамна мртва заедно со политичкиот плурализам и изборите. Како и да гласаш, ДУИ ти е судбина (сам или во „фронт“). Всушност, победата на ДУИ е одамна и постепено извојувана особено во време на мир: пенетрација во сите структури, особено репресивните и правосудните, но и во сите јавни служби; гаранција на недопирливост и за критика и за кривично гонење; финансиска олигархија и монопол на одлучување; отсуство на секаква сериозна опозиција и тивок интелектуален блок (ако и најдете критичар на Ахмети и ДУИ, тогаш бидете убедени дека она што го нуди е уште порадикално од сегашниот божем унитарен поредок, па Али ќе ви се види како помало зло). Редно е да си признаеме дека капитулацијата не беше во 2001-та, туку во сиот период што следуваше – сè додека не станавме кираџии во својот (единствен) дом. Ако демократијата ја сведуваме на битка на два етнички блока, тогаш треба да се каже дека тоа воопшто не е демократија (нема демос), туку одмерување на силите на два етноса. Божем излезени од лошиот комунизам, а заглавени во трибализам и политика на уцени. Во првото (всушност, второто) интервју, Ахмети се пофали дека сè што прогнозирал и ветил се исполнило, така што ако не се смени нешто радикално, треба да си честитаме уште една атака врз сè што значи уставна вредност и дигнитет, вклучувајќи и суверенитет и самоопределување.
Додека политичките елити прават кујни и даваат рецепти за „единство“ против непријателот, и фронт за победа (над кого?), оние што си имаат реална мака се организираат во протестни движења. Но, без западна помош, сите тие се осудени на пропаст. Она што единствено може да има ефект кај оние во „сараите“ и „замоците“ е спојување на сите во едно народно НЕ, без оглед дали станува збор за модуларната болница или онкологија, дали се тоа пензионерите или студентите по право. Нам ни продаваат демократија, а тие усојузени против граѓаните! Но, на граѓаните никако да им текне дека е нужен генерален штрајк, парализа макар на еден ден, без многу пароли и избирање причини, бидејќи сите сме во ист сос. Секој од нас е егзистенцијално загрозен од овие што тврдат дека нè водат кон ЕУ. А ЕУ е друга приказна, за која веќе пишував дека само оние со розови очила ја гледаат како безбеден брег… и единствена алтернатива. Да се вратам на почетокот: или продолжете да се занимавате со спектаклот или земете цигла да си ја треснете главата со неа. Има и трета опција, но треба народен фронт!