Кому му е повторно потребно да црта нови внатрешни граници во Македонија, во форма на некаква замислена заедница на албански општини? Лекција што сите ние од просторите на поранешна Југославија ја научивме најсурово и најбрутално е дека нема цртање и прецртување нови граници, внатрешни и надворешни, без војна и крв. Кога безумните политичари тргнаа да кројат нови граници на голема Србија и на голема Хрватска, и тоа да биде апсурдот уште поголем на салфетки по ексклузивни ресторани во монденски места, тогаш целиот регион потона во мракобесие од кое до ден-денес не сме целосно излезени и кое проголта цели заедници, голем број животи и судбини. Секоја големодржавна идеја завршува во трагедија, особено тука на Балканот.
Во текот на 19 век баучот на национализмот доаѓа и на овие простори. Дотогаш тука не постоела ничија национална свест. Преродбениците и романтичарите од секој балкански народ во тој период на историјата започнуваат да сонуваат замислени држави на својата нација којашто треба да израсне од умртвените тела на отоманската и на Хабсбуршката Монархија. Во почетокот тие имаат голем проблем да ги разбудат припадниците на сопствените замислени нации. Како да се создаде мегали Елада, велика Србија или голема Бугарија кога уште нема Грци, Срби и Бугари? Притоа, како и во западниот свет, каде што овие идеи започнуваат неколку децении порано, изградбата на современата нација се судира со реалните проблеми на културната комплексност на населението на секоја педа од Земјината топка. Никаде не постоеле и не постојат етнички, јазично и верски хомогени простори. Оттука секогаш е тешко да се дефинира, изгради и да се консолидира една нација. Доколку претходно проблем беше интеграцијата на различните самоникнати заедници, денес предизвик се мигрантските заедници. Што ја врзува нацијата? Културата, што ќе рече етносот, јазикот и/или верата, или, пак, граѓанството? И тука на Балканот овие теми се предмет на постојана дискусија, особено во најмешаните општества како македонското.
Но, да се вратиме на границите… Освен две македонските државни меѓи, тие кон Србија и кон Косово, преостанатите македонски граници не ги цртале тукашните самоникнати заедници, туку туѓински војски, а парафот повторно го ставале туѓински моќници, во Лондон, Букурешт, Версај и на Јалта. Само македонско-српската и македонско-косовската граница биле предмет на договор помеѓу македонските, српските и косовските комунисти, иако никој од нив никогаш и не сонувал дека тие нивни договарање некогаш ќе значат и тврди меѓудржавни граници, наместо административни црти во една многу поголема федерација. Да биде апсурдот поголем, никогаш нема да има поголема Србија, поголема Хрватска, поголема Македонија, поголема Босна, поголема Словенија, поголема Црна Гора, а и поголемо Косово од поранешна Југославија, но ете ние решивме да се делиме, пребројуваме и прецртуваме, па завршивме и во помали граници и во поголеми проблеми, а и со далеку економски пооскудни и културно победни животи, но тоа е тоа. Во историјата нема втор обид или втор живот.
Во времето на Отоманската Империја албанскиот етнички простор бил обединет, како што бил и македонскиот етнички простор. Преродбениците и романтичарите сонувале за голема Албанија и за обединета Македонија што ќе изникнела на овие етнички простори, но и едните и другите никогаш немале идеја што ќе прават со „другите“ во своите идни замислени држави. Во меѓувреме на Балканот се формираа држави во поинакви граници, борбата за етничка рамноправност горе-долу е изборена, барем во границите на наша Македонија, а картите на голема Албанија и обединета Македонија треба конечно да се вратат во учебниците по историја, наместо да се летаат со дронови по стадиони и да им ги земаат мирот и сонот на домаќините луѓе, Албанци и Македонци, кои се борат да им ги обезбедат спокојот и благосостојбата на своите семејства.
Никогаш не сум ги сакал „прецртувачите“ на картите, како и „делителите“ на земја и „разменувачите“ на народи. Поточно, органски не ги поднесувам. Има огромна нечовештина во нелуѓето, кои од удобни кабинети цртаат етнички граници, сосема игнорантни за реките народ чии судбини засекогаш се менуваат на полошо. Спротивно на балканските кафеански премудрости, поделбите, етничкото чистење и геноцидот ништо не решаваат. Читајте го само она море романи за грчко-турската „размена“ од 1920-тите, гледајте ги филмовите за нивните судбини, или слушајте ги тажните песни на семејствата што засекогаш ги оставиле своите вековни огништа за да бидат протерани во некоја недојдија само затоа што дома зборувале „погрешен“ јазик и оделе во поинаков божји храм. Раните се предлабоки и болат до денешни дни, а новодојденците уште имаат проблеми да се снајдат во своите „матични земји“. Зарем има поголема нечовештина од протерување на кој било човек од неговиот дом?
Покрај тоа, „прецртувачите“ во Македонија се јавија и со други проблеми. Велат дека имале проблем со „македонските енклави“ во „етничкиот албански простор“, кои требало да бидат избришани. Притоа, ваквите големи „патриоти“ заборавија на „албанските енклави“ или едноставно се откажаа од нив. Тоа е проблемот на шовинистите. Тие своите сонародници што не ги споделуваат нивните крвави сништа не ги поднесуваат и подготвени се и своите соплеменици да ги жртвуваат, а сè во име на некои лудила и будалаштини.
„Прецртувачите“ Албанци имаат и проблем со бројките. Ако ја цртаат новата карта на заедницата на албански општини во Македонија за да ги опфати сите општини каде што има макар и едно албанско село или градско сокаче, тогаш и во таа нова „заедница“ Македонците ќе бидат мнозинство. Ако, пак, цртаат карти само со општини каде што Албанците се мнозинство, тогаш и во тие нови граници процентуално ќе има далеку повеќе Македонци отколку што има Албанци во Македонија, а веројатно половина и повеќе од албанските семејства ќе останат во „другиот дел“. Со слични проблеми се судираат и „прецртувачите“ Македонци, кои сонуваат за некаква „ампутација“ на „Илирида“. Како и да цртаат, не им излегува есапот со замислените етнички чисти граници.
Во меѓувреме, во Македонија нештата драматично се сменија. Денес нема веќе ниту едно дете Албанче во Македонија што нема можност да посетува настава на албански јазик, употребата на албанскиот јазик е овозможена и на општинско и на државно ниво, а ако му веруваме на „првиот вицепремиер“, правичната застапеност е достигната и престигната во сите државни институции. Исто така уште од самиот зародок на македонската држава, партиите што го добиваат изворниот глас на македонските Албанци секогаш се дел од владината коалиција и ја споделуваат власта со Македонците и со преостанатите во државата.
Чуму тогаш заедница на албански општини во Македонија?
Ивица Боцевски