Прашалниот наслов на текстот „Чие е македонското востание“ изгледа на прв поглед нелогичен, излишен, дури и апсурден. Секој што ќе го прочита ќе си го даде одговорот дека е сосема нормално македонското народно востание на биде македонско.
Но дали е навистина така?
Прашањето го поставувам во контекстот на мислата: ако нас нѐ лаже историјата дали ние имаме право сега, денес, да ја лажеме истата таа. Веќе неколку години празникот 11 Октомври се одбележува под називот „Денот на народното востание“. Ја нема придавката со која се објаснува чие е тоа народно востание. Може да биде на Бугарите, на Србите, на Грците, на Власите, на кој било народ на планетата земја. И на Хутите и Тутсите и на кое било поголемо племе во џунглата, иако племето не е народ.
Не најдов сили и начин да проверам од кога при одбележувањето на тој славен ден во македонската историја им е избришано името на тој народ и на земјата, територијата на тој народ.
Не сум сигурен, а и не верувам дека тој анационален трик е изведен во времето на првото СДСМ.
Не можам да тврдам дека е тоа направено во времето на ВМРО-ДПМНЕ на Љупчо Георгиевски или на Никола Груевски, доба кога нивната партија ја омаловажуваше и се обидуваше да ја фалсификува историската борба на македонскиот народ за своја слобода и своја држава во Втората светска војна. Може да се сомневам, но немам доказ дека е тоа од времето на одродениот СДСМ, од времето на Зоран Заев кога тој и партијата бесрамно, на тацна, ги предадоа во бугарски раце идеалите на генерации и придобивките на македонскиот народ, извојувани низ крв и борба.
Можеби сум пропуштил, но не исклучувам дека атентатот врз придавката е извршен по склучувањето и стапувањето во сила на Охридскиот рамковен договор, по кој Македонците го изгубија приматот во земјата во која се мнозинство и кои мнозински учествуваа во Втората светска војна. Оттогаш нема народи туку има граѓани. Но би било крајно глупаво востанието да се одбележува под име „на граѓанското востание“. Плус да се додава дека е тоа востание на граѓаните на Северна Македонија, која тогаш била далеку во вселената во форма на неразвиен сперматозоид.
Но кој и да бил, кога и да било, забележливо е дека и при последното, годинашно одбележување на празникот во официјалното именување на востанието изостанува клучниот елемент – чие е и кој го кренал тоа востание. Дали е тоа востание на некој познат, признаен и жив народ или на некој мртов, одамна исчезнат по кој треба да се трага на буништето на историјата.
Токму на денот пред да го пишувам овој текст кога ми го вртеа умот ваквите дилеми, почитуваниот поранешен банкар Бранко Тозија ми испрати СМС со слика од еден историски документ. Читајќи го некои нешта ми станаа појасни, ако некому му е јасно денес што се случува во светот, посебно во Република Македонија, сега Северна.
Документот, всушност, е слика, фототип, од првата страница на „Службен весник на Федерална Македонија“, број 20, со датум од 1 октомври 1945 година. Во него е објавено дека врз основа на ставови на АСНОМ, Президиумот на Народното собрание на своето заседание одржано на 8 септември 1945 година донесе „Закон за прогласуење на денот на народното востание во Македонија за народен празник“. Во членот 1 се образложува дека законот е донесен „за да се прослави споменот на овој ден кога во Македонија пукнаа први востанички пушки против фашистичките окупатори и неговите слуги. Се прогласује денот 11 октомври за народен празник кој се прославува секоја година како ден кога отпочна во Македонија народното востание против фашистичките завојувачи и нивните слуги“. Потпишани се М. Андонов-Ченто, претседател, и д-р Б. Спиров, секретар.
Значи: според овој закон, автентичен, оригинален, донесен од учесници во борбите и без лажни сведоци, востанието има свое легитимно име, своја државотворна и територијална локација и свој народ. Тоа е народно востание во Македонија против фашистичкиот окупатор. А во документите на АСНОМ јасно и повеќепати е назначено дека фашистички окупатор на Македонија била тогашната бугарска, царска држава.
За да нема недоразбирања и нејаснотии несомнено дека треба да се провери дали официјалното именување на 11 Октомври со „Денот на народното востание“ е извршено со промена на законот од 1945 г. Дали во меѓувреме Собранието на Република Македонија донело нов закон, дали има одлука на Владата објавена во „Службен весник“, дали е тоа решение на некоја комисија или, не дај боже, самоволна одлука на некој моќник, поединец?
Но кога се знае дека по Спогодбата за името со Грција се избришаа „со еден клик“ националните, македонски називни атрибути од и пред сите државни институции и кога се зборува дека постои некаква одлука во Министерството за правда да не може во официјален документ регистриран во државата да се запише името Македонија, не би било никакво чудо да има некаков премолчен договор да се постапува така.
Парадоксот е дотолку поголем што во Грција и во Бугарија има десетици институции, фондации, здруженија со името Македонија или со македонските префикси и суфикси. Таму може, во Македонија не може да има македонско име што треба да загине. Не е за шега, но слободно може некој закоравен соседен националист, поддржан од домашни либерали, да го постави прашањето што ќе биде со именувањето на убавите Македонки, кои се одликуваат ем со убавина ем има многу од нив што го носат и тоа име Македонка.
Прашањето е: зошто се кријат историските факти. И кому му служи тој еквилибризам? Кому му е срам да каже дека народното востание било во Македонија. Зошто не се спомнуваат или се бришат и другите историски факти? Во сите светски книги, во сите релевантни енциклопедии во светот, во мемоари на славни светски политички и воени личности, во темите за Втората светска војна во позитивно светло се спомнуваат Титовите партизани и комунисти од сите народи, вклучувајќи го и македонскиот. Акт на бришење во тие книги не му паѓа никому на ум. Само кај нас се прави сквернавење со намера, по нечиј диктат или како начин за додворување. Намерите се домашни, дикатот е од Запад, полтронството се однесува за Бугарија, поразената страна во Втората светска војна.
Ако своевремено, во првите години од независноста на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ го носеше македонскиот народ до раб на граѓанска војна, СДСМ со Зоран Заев пред пет години повторно го крена востанието во Македонија, но под антимакедонско знаме. Преку Спогодбата за името со Грција и преку Договорот за пријателство со Бугарија ги врати на дневен ред сите прашања отворени во 1941 – 1944, за кои се сметаше дека се цементирани во полза на Македонците – нивната нација, нивната историја, јазик и писмо. Сега Република Северна Македонија живее во фаза на политичко, дипломатско, социјалмрежно востание на кое не му се знае крајот, но се насетува македонскиот пораз. Ако Илинденското востание беше кренато преурането, северномакедонското најверојатно е задоцнето во која било смисла.
Македонија е земја во која востанието тече, не застанало со децении. Во него не запира и војната меѓу Македонците, едните на страната на СДСМ, другите зад појасот на ВМРО-ДПМНЕ. Фрчат пресметки, обвинувања, скандали, бомби. Арсенал што се возобновува сам од себе, од ноќ на ноќ, од ден на ден. „Фала богу“ нема живи жртви, што не значи дека благодарение на таа пресметка ќе нема струја, а благодарение на НАТО и на ЕУ, братството си е братство, а сирењето со пари.
Во востанички услови, Македонија се наполни со комити и разни комитети, со ограбувачи на народното богатство наместо јајца и кокошки, со јатаци, со борци и предавници и како круна на секое востание, со востанички профитери од секаков вид, без разлика на нација, вера, пол и возраст.