Имав дедо гурбетчија. Заминал за „пусто“ Влашко (Романија), но мошне брзо се вратил дома. Од границата на Кралството Југославија го довеле двајца џандари. Баба ми раскажуваше дека вриел од вошки. Не знам колку казани со врела вода биле потребни за да се ослободи од нив. Вошките биле единствената печалба. За печалбата не сакаше да ни зборува. За економијата ми велеше дека е најголемата несреќа на човештвото. Кога ќе го прашав зошто мисли така кога светот е изграден, постои и се развива токму по законите на економијата, само ќе се насмееше и небрежно ќе одмавнеше со рака. Сите расправии помеѓу роднините, соседите, како и државите, потекнувале од потребите на економијата и заради неа. Омразата ќе започнела со меѓите и дворовите. Таму често играле секири и вили, за педа земја и инает помеѓу луѓето. Конечно и најважно, за интерес. Сето тоа се пресликувало и помеѓу државите, кои биле заложници на мал број луѓе. Богатите со малку природни ресурси, а со моќна индустрија, вршеле поробување на бедните што располагале со ретки скапоцени дарови во утробата на земјата. Војните никогаш не престанале. Причина, повторно економски интереси. Денес, ништо поразлично. Дури и посурово од кога било. Економијата ги разбрка и измеша луѓето. Постои пазарно стампедо што ги загуби сите правила, а нас нѐ сметаат за пазарни идиоти. Заради процесот на деиндустријализација, уште повеќе се загуби компасот.
За бренд односно ведета на економијата, Гашо го есапеше Али Баба од 1.001 ноќ, придружуван од своите четириесет разбојници. Се разбира, сам не се краде. Освен него, ги спомнуваше багдадскиот крадец, ситниот џепчија Аладин и Робин Худ како ајдутин што им помагал на сиромашните. Свое место имаа и карипските пирати, кои ја почитувале и биле во служба на круната (малку за нив, малку данок на империјата), потоа познатиот француски ајдутин, софистицираниот џентлмен Арсен Лупен и англиските мајстори на занаетот што ја извршија најголемата кражба на железницата во Британија. Во неговите изјави имаше место и за булументата од Дивиот Запад, Алфонс Капон, Џон Дилинџер, Бони и Клајд. Нив ги нарекуваше друштвото на „лева рака, десен џеб“. Дедо ми критикуваше, а всушност и самиот се обиде да влезе во светот на пазарната економија. Откако дошол дома, отворил трафика или бутка за продажба на тутун и дреболии. Арно ама, не го бивало и… банкротирал! Чесен до бога, не успеал да се вклопи во пазарната економија на Али Баба. Кариерата ја завршил како служител во гостиварската даночна управа, каде што со бедна плата одгледувал сопруга и шест деца. Пет ќерки и еден син.
Но пред да ја отворам темата за која сакам да пишувам, ќе кажам дека во постарите години одеше често во чајџилница. Го почитуваа сите гостиварци од турско, арнаутско, па до каурско, што се вели кај нас. Сите го честеа. Тој беше Аџо Гашо за сите. Кога ќе се вратеше дома, за мене и брат ми носеше по едно локумче завиено во хартија. Кога ќе го задрев за економијата или несреќата на човештвото, ќе речеше дека под знамето на Али Баба може да се стават „оние од горе“. За нив се водат војни, а нивните амбари колку и да се полни, имаат потреба од уште. Ако не со милост, тогаш со сила. Впрочем, велеше, зошто војни ако не од интерес?
За време на окупацијата, како чирак во шнајдерската работилница на мајстор Живко работел неговиот шеснаесетгодишен единец Васил Василески. Бидејќи во дуќанот доаѓале и италијански војници за да шијат облека, се спријателил со еден Италијанец по име Бадолато. Биле толку блиски што од страна на Италијанецот дошла понуда. Сестрата на Бадолато за Васил, Менка за Бадолато. Но бидејќи набрзо Италија капитулирала, а Васил побегнал во партизани, трансферот не бил реализиран.
Во едно магливо октомвриско утро, вооружен со револвер, Васил упаѓа во тогашната гостиварска пошта. Притоа заробува тројца италијански карабинери, ги собира материјалите од важност за отпорот и бега во „шума“. Причина, големата сиромаштија на многубројното семејство. На негови шеснаесет години и во време кога не располагале со многу информации, идеолошката страна не била примарна за разлика од неправдите и бедата. Стариот Гашо, неговата сопруга Сава и девојчињата Мица и Менка од тој момент, па натаму, голем дел од своето време ќе го поминат во подрумите на жандармеријата. Сава слободата ја дочекала таму.
По наредба на главниот командант на НОВ и ПОМ, генералот Михајло Апостолски, единицата во која бил и Васил добила заповед за учество во Февруарскиот поход. Како катализатор на состојбите биле профилирани три оперативни групи. Првата, составена од Македонско-косовската бригада, требало да се пробие до селото Брахов–Мариово–Дрен–Мукос-Бабуна Планина во централниот дел на Македонија за да биде индикатор на борбите што се воделе во 1942 година. Некаде кај селото Богомила, под исклучително тешки зимски услови и високи навеви од снег, заборавена е радиостаница на последното одмориште на единицата. Петмина доброволци, меѓу кои и шеснаесетогодишното момче од Гостивар, се враќаат назад по радиостаницата. Притоа се заробени од страна на бугарски војници. Кога на денот на ослободувањето на Гостивар, 18 ноември, колони граѓани излегуваат на патот што води до селото Вруток за да ги пречекаат партизаните, мајката и двете ќерки ја дознаваат вистината за нивниот син и брат. Еден преживеан соборец им ја соопштува тажната вест. Васил заедно со четворица другари е застрелан во касарната во Велес.
По војната, моите попусто се обидуваа да му го најдат гробот. Во име на вистината, постои заеднички споменик во Богомила со кој е одбележана нивната смрт. Некаде во деведесеттите години од минатиот век, мојот повозрасен колега од Службата на општественото книговодство во Гостивар, кој служел како висок офицер во гарнизонот во Велес, ми ја кажа вистината за судбината на петтемина партизани. Ѓоко Кузмановски раскажа дека мојот вујко Васил е застрелан заедно со другите четворица. Потоа телата се парчосани и расфрлани како храна за кучиња скитници. На мојата баба и на мајка ми ништо не им спомнав околу тоа. За ова знаеше само мојот брат. Од моментот кога разбрале за неговата смрт, баба ми постојано удирала со глава во ѕидот. Сестрите биле присилени да ја врзуваат за да преживее. Се проколнуваше што ѝ е подарен долг живот. Живееше 103 години…
Никогаш ама баш никогаш не инсистираше да ги мразиме Бугарите ниту кој било друг народ. Не се тие виновни, велеше. Режимите се тие што ги присилуваат луѓето да убиваат за да не бидат убиени. Војна е тоа и таму нема милост. Власта не е народ иако народот гласа за неа. Народот не смее да се става во еден кош. Луѓе таму, луѓе ваму. Богати, сиромашни, секакви. Има и злосторници, секако. Соседите треба да се внимателни еден кон друг. Бугарија не смее со притисоци да истера некоја своја фикс политичка замисла. Нејзината големина ќе биде потврдена само доколку подаде рака. Милоста не се купува со сила. Тие еднаш веќе го почувствувале тоа. Дали сите Бугари биле на страната на Адолф Хитлер? Секако дека не. Долго беа под капата на СССР и беа еден од најлојалните придружници. Сега се во НАТО како и ние. За лојалноста кон новиот стопан, не знаеме. Во секој случај, треба да бидеме добри соседи. Нема да ги заборавиме ѕверствата на нивниот фашистички режим ниту жртвите од лудилото на окупациската власт. На тоа нѐ обврзуваат очите на Васил, момчињата од Ваташа и уште многу други бројни жртви на лудилото. Треба да го потиснеме злото и да си подадеме рака.
Патем, на 18 ноември Гостивар го слави денот на своето ослободување. Нека е честит и вековит!
Љубомир Јованоски
Авторот е писател

































