Декември е месец кога најчесто се враќаме во детството. Веројатно заради магијата на Дедо Мраз и другите зимски аквизиции. Волшебен период, волшебна атмосфера. Би рекле, единствено чувство, кое загрева и денес во студени дни исполнети со гадотии во воздухот и истрели од пиротехнички помагала, кои, за име на вистината, не се со засилен интензитет. Пред фаровите на многубројните автомобили дефилираат честички што имаат забавено дејство. Неговото височество канцерот, кој сѐ повеќе личи на епидемија, е новиот симбол на госпоѓата со темна наметка, со ковчесто лице без израз и коса во раце. Галиба, човекот се префрли на задоволство со засилена доза на садомазохизам и доброволно прифаќа подарок што самиот си го сервира. Во потрага по пари, заборава дека салдото на крајот и не е поволно за него. Но, рековме дека наближуваат убави денови со прекрасни моменти, кои нѐ прават среќни дури и со еден куп маки на грбот. Не дека некој ги нема дури и кога плива во богатство. Без исклучок, сите ние водиме некои свои војни.
Еден познат американски журналист пред секоја Нова година или Божиќ излегува со предлог што може да помогне да го кренеме на повисоко ниво празничниот амбиент во нашите домови. Тој препорачува да отвориме шише со старо винце, да ги вкрстиме нозете на столот како шериф во својата канцеларија и да уживаме гледајќи го ремек-делото на Френк Капра, „Тој прекрасен живот“, со Џими Стјуарт и Дона Рид во главните ролји. Ова важи и ако сме сами дома, но и во кругот на семејството. Во вториов случај ќе мора малку да внимаваме да не се натрупаме со малигани за да не ни се смеат децата и да не „врие“ сопругата. Како и да е, сторијата за ангелот Кларенс е ниво што доминира и денес, по 79 години (1946 г.), со своите квалитети и топлината на човечката душа, која, за жал, сѐ повеќе еродира. Не помалку квалитетен беше и филмот „Чудото од 34-та улица“ на Џорџ Ситон од 1947 година. Оваа божиќна комедија е непосредно врзана за денешнава тема, која со децении не успева да расчисти со определени дилеми значајни за празниците. Како и да е, Холивуд ќе намириса профит и тој е вистински бастион на заработката, па продолжува упорно да форсира филмови со слична содржина. Тие ретко промашуваат, иако е очигледно дека квалитетот од содржините сѐ повеќе се префрла на технологијата и ефектите.
Далеку назад во седумдесетите години од минатиот век, домашна светост ни беа печките на нафта. Бидејќи во Гостивар имаше само две бензински пумпи, родителите ќе нѐиспратеа да наполниме по еден канистер од дваесетина литри. Ако имаше снег, ќе се организиравме и со неколку санки заедно ќе довлечкавме нафта до нашите домови. Често ќе се случеше кога ќе тргневме по нафта, снегот да трупа. Но кога ќе се враќавме добро натоварени, со по неколку канистери, ќе започнеше да се топи бидејќи беше влажен. Потоа, вистинска мака. Влечи по улиците поплочени со коцки и поти се среде зима.
Вечер пред самиот пречек на Нова година, заедно со мојот другар Диме Димовски-Мимина, проблемот со набавка на нафта го решивме на тој начин што си ги засукавме ногавиците, ги собувме чорапите и го прегазивме Вардар. Носевме дебел стап и два канистери на него. Воопшто не се грижевме што имаше наврнато над половина метар снег, кој и вечерта интензивно паѓаше. Мостот ни беше далеку, а бензинската веднаш преку реката. Ништо не можеше да ни застане на патот, бидејќи магијата на новогодишната ноќ како да ни вдахна сила и издржливост. Ние веќе ја бевме дочекале Нова година. Тоа беа мигови за помнење.
Во тие исти седумдесетти години, но малку подоцна, пречек на Нова година во Штрпске Плесо, тогашна Чехословачка. Студена војна, железна завеса, блоковски поделен свет и хотел од висока категорија недостапен за многумина од матичната држава. Бандуш, Жабарот, Штуре, Владе и јас, глобтротери од Дутлок – новата населба. Од преку Вардар или Ново Маало, Шаре, Саракот и Војо. Недостасуваа Киро и Ѕуп како дел од единствена екипа за патувачки мисии. Слободно може да се рече дека во тоа време бевме вистински Американци за источниот блок држави. Наближува полноќ, на столот само алкохол. Нема вода ниту за лек. Грмат македонски песни и цела сала ја поздравува веселбата. Дури ни дозволија да се фатиме за инструментите иако не музициравме. Атрактивен ни беше барабанот. Кутрите домаќини, не беа учени на слобода и врева. Времето си покажа дека денес сето тоа ни се удри од глава. На полноќ влегува руска патрола. Поручник и тројца војници. Строги фаци и молк. Само ние не даваме ниту ни пет пари. Веројатно работата ја заврши алкохолот. Офицерот приоѓа и поздравува. Прашува дали можеби сме Бугари. Ние капеме од смеа и му велиме дека сме Југословени. Го поканивме да седне заедно со неговите, но тој се заблагодари и љубезно нѐ одби, бранејќи се со тоа дека се на должност. Сепак, голтнаа по една чашка и со насмевка ни наздравија од нога. Поздравувајќи нѐ пријателски, се оддалечија. Штом излегоа надвор, салата се претвори во панаѓур. Којзнае, можеби и ова беше магија на новогодишната ноќ?
Дедо Мраз како икона и амбиентална институција без која нема вистинска прослава е цел на темава. Потребата на дечињата да им се каже дека Сента Клос, Дјед Божичњак, Свети Никола, Морозко или како сѐ не го нарекуваат низ светот дебелкото од мразните приказни на Лапландија, постои или е измислена личност, ја обработува токму горенаведениот филм од 1947 година со Мојрин О’Хара, Гвен и Џон Пејн, во кој му се суди на лажниот Дедо Мраз. Свое деби на голем екран имала и прославената Натали Вуд. Следува вистинско дефиле на сведоци, ароганција на државниот обвинител и одбрана што не е вообичаена во судниците. Таа како да инсистира на тоа дека личноста од зимските бајки навистина постои. Филмот е добродушен, топол, полн со шарм и со празничен дух и како таков е примен од страна на публиката низ светот. Приказната што го следи Крис Крингл, лажниот Дедо Мраз што е вработен во голема стоковна куќа и кој користи невообичаени методи на дејствување (дури и ги испраќа купувачите кај конкуренцијата, каде што цените биле пониски), упорно тврди дека е вистинскиот дедичко со бела брада и дебело стомаче. Филмот се занимава со комерцијализација на празниците (Нова година и Божиќ) и верувањето во Дедо Мраз како еден вид духовна потреба за радост и на возрасните и на дечињата. Во судскиот процес организиран против него, Крис Крингл мора да го докажува својот идентитет.
Дилемата е дали е потребно да се наметне една бела лага за дечињата чија радост е и наша радост односно радост на возрасните што сакаат барем за миг да се вратат во детството или да им се забрани да веруваат. Лично сметам дека таму во далечната 1947 година, судот си го кажа своето. Оти верувајќи, ние го храниме нашиот детски дух со кој подоцна низ животниот тек многу полесно ќе ги водиме нашите животни битки. Освен тоа, ретко кој во овие зимски денови не погледнува макар и срамежливо кон небото со прикриена желба да ја здогледа санката со ирвасите и веселиот дебелко, кој носи еден куп подароци за сите дечиња во светот. Неговата весела насмевка е билетот за влез во нашето детство. На вас е дали ќе успеете на вашите деца да им пренесете да веруваат во една величествена магија, дури и да е бела лага.
Хо, хо, хо! Среќни празнични денови на сите што веруваат во магија!
Љубомир Јованоски
Авторот е писател































