Ефектот на соперничкото банално новинарство врз публиката главно резултира со скептицизам, недоверба и рамнодушност, така што ваквиот тип поларизација во медиумите најчесто придонесува кон одржување статус кво во општествата и нерешавање на клучните проблеми
Аљоша Симјановски
Живееме во време кога нам луѓето сѐ ни е претставено, поедноставено и ни е на дофат. Во печатот, електронските медиуми, социјалните мрежи и платформи се презентираат готови мислења, популарната култура нуди веќе подготвени вредности, а филозофските школи ги нудат сопствените тези како неприкосновени вистини. Пронаоѓањето на смислата на човечката егзистенција е силно искомплицирано и тешко може да се дојде до адекватен одговор и логичен заклучок. Па така, застанати на работ и загледани во бездната на сопствениот редукционизам и материјализам не останува многу простор за пронаоѓање одговори за прашање за смислата.
Пропагандата и дезинформациите низ социјалните мрежи стануваат сѐ посериозен проблем за кредибилното новинарство, кое, за да ја има довербата од јавноста, треба да ги контролира властите, да ги обврзе да бидат транспарентни. Како да се брани? Дали образованието е единствениот одговор? Како да се регулира сферата на слободата на говорот?
Интернетот стана доминантна комуникациска и информативна платформа, чија клучна особеност беше конвергенцијата, односно поврзувањето на различните техники, медиуми и кодови за комуникација. Синтезата на текстот, звукот, сликата, видеото, повеќенасочната комуникација, беше градена постапно и откако се создаде функционална целина, таа почна да влијае врз класичните /ТРАДИЦИОНАЛНИ/ медиуми. Тие сега се принудени да ги конвергираат различните платформи (печат, радио, телевизија, онлајн) и да се обидуваат да пласираат содржини што ќе бидат достапни и влијателни.
Во таквиот невротичен амбиент, во услови на сѐ поизразени негативни видови на конвергирање, интегрирани дескови и функционални медиумски мултиплатформи, главно се продуцираат појави од типот „новинари за сите теми“ и „конвергирање на медиумите и партиите“, што медиумите ги концептуализираат како „отелотворено политичко несвесно, лишено од чувството за место и историја“.
Како надоврзување на инфозабавата се јавува т.н. банално новинарство во кое доминира дуализмот, односно логиката на двојност и поделеност (ние – тие). Во баналното новинарство движечка сила се поларизирањето и сензационализмот, кои треба да креираат интерес и вклученост на публиката, при што не се одбираат средства, зборови. Доминираат навредите вулгаризми, простаклак, неетичност – несвојствено за дејноста и журнализмот воопшто. Некои автори овој процес го именуваат и како ,,таблоидизација на информирањето“, жолто новинарство, а некаде се сретнува и терминот ,,треш“ /ѓубре/ новинарство. Сепак останува дистинкцијата на терминот „банално“ како поширок термин, главно за содржини што не се стриктно сензационалистички, а се дел од начините за поларизирање на јавноста. Баналното новинарство се фокусира на површност, брзина и шокирање, како техники за привлекување внимание и реакции, додека балансираноста и барањето решенија за проблемите се целосно надвор од интересот.
Постојат новинари што навистина уживаат во пишувањето ужасни и непотребни работи или, кои, поради себепромоција, неинвентивност, сиромаштија, скандалот го гледаат како основа за стабилен извор на приход, но и како почетна основа за вклучување во политичкиот живот и кариера. Тоа особено зема замав и се потврдува со последниве случувања на политичката сцена – секако убаво надградени од медиумскиот пристап, со зашеметувачко богатство на форми, но и грозничави напори – да се биде ексклузивен, најгледан, да се одработи… Така, искрената духовност и емпатија напати се транспонираат во сеирџиски разговор на глуви (но и тврдоглави), каде што често наместо силата на аргументите, замената на тези ги воспева ароганцијата, силата и силеџиството.
Поаѓајќи од фактот и свесни дека јавноста има незаситната љубопитност и сака да знае сѐ.
Дел од баналното новинарство е т.н. „сопернички надзор“, односно пракса за критичко следење на само една страна од општествената или политичката сцена врз принципот на поедноставување на реалноста и емоционализација на публиката. Форсирање на ривалските модели кај медиумите и претераната драматизација на фактите и реалноста ја заокружуваат концепциската матрица на ваквите „банални медиуми“.
Ефектот на соперничкото банално новинарство врз публиката главно резултира со скептицизам, недоверба и рамнодушност, така што ваквиот тип поларизација во медиумите најчесто придонесува кон одржување статус кво во општествата и нерешавање на клучните проблеми.
Но се разбира дека постојат и други новинари, образовани и воспитани, кои навистина не сакаат да објавуваат сенешто и кои знаат дека е погрешно да го прават тоа. Тие го прават тоа само поради нездравите услови во кои се занимаваат со нивниот повик, кои ги принудуваат јавно да го испорачуваат она што јавноста го сака и да се натпреваруваат со колегите од еснафот за што поцелосно задоволување на вулгарниот апетит на толпата, позиција што е понижувачка за секој образован човек и без сомнение дека повеќето од нив ја доживуваат како мошне болна.
И да бидеме начисто, во светот, па и кај нас – кој плаќа – тој порачува музика и во тие рамки се движи слободата на медиумите (новинарите). Значи, за валканите кампањи – некој нарачува и плаќа, некои (корумпирани новинари) пишуваат и реализираат прилози, емисии, сајтови, блогови, а дали и колку јавноста (консументот) ќе ги препознае и одобри тезите – некогаш и не е најважно – стопати повторената лага станува вистина (или барем создава сомнеж). За жал – бидејќи политичката власт е концентриран одраз на економијата и (за жал) носи со себе моќ и пари – средствата се немилосрдни. За квалитетни и добри новинари и медиуми (според бројот што ги има), за жал пазаров е премал – имаме најмногу телевизии по глава на гледач во светот. Среќа е што граѓаните (јавноста) се ерудирани и секогаш ги препознаваат измамите и вистинските вредности.