Продолжувам каде што сопрев: некадарноста е капиларно навлезена насекаде. Во партиите (сеедно дали се „леви“ или „десни“ и дали се на власт или не), во образованието, во медиумите, во невладиниот сектор. Тешко им на писмените таму, малцинство се, владее полуинтелигенцијата. А таа е поопасна и порасипана од буквално неписмен, невин човек.
Таа полуинтелигенција е, што велат старите, „полусвет“ и личи на оние свински „полутки“ што порано синдикатот ги делеше доцна попладне со камиони-ладилници како (бесплатна) храна за народот: ветеринарно прегледано партиско месо, со печат на партијата, пресечено на половина и за секој случај со исчистена утроба (да не мисли), така што не е цело, а ти се прикажува како цело прасе. Основна особина на полуинтелигентот е да етикетира, да ги жигосува различните и неистомислениците, да разединува. Вистинската интелигенција обединува (лат. intellego, поврзува во целина, сознава). И бидејќи не е стручен да расправа аргументирано со противниците на неговите партиски газди, полуинтелигентот го прави само она што може: лепи морални етикети врз луѓе како врз тегли туршија, па прогласува МОРАЛНО НЕПОДОБНИ ЛУЃЕ, за НАВРЕМЕ да го предупреди газдата кој ајвар е лут, кој благ, а кој е сомнителен: морално расипан. Етикетите се најчесто лажни, затоа што се добро платени. А интелектуалната полутка е толку погласна колку што е понеука.
Најупотребуваните етикети во нашиот јавен знаковен простор се: „конзервативен“ наспроти „авангарден“, или „старо“ наспроти „ново“. Притоа, под „старо“ се подразбира (целосно праксеолошки незасновано) нешто априори лошо, зашто наводно им се противи на ПРОМЕНИТЕ, а под ново – нешто априори добро, зашто е ЗА ПРОМЕНИ. Притоа се заборава дека и да си за промени, не значи дека си авангарден, зашто искуството од нашиот политички живот покажа: повеќето промени досега водеа кон полошо, не кон подобро.
И одеднаш, пред очи ми излегува мојата соученичка од основното училиште, Ленче. Така ќе ја викам за оваа пригода. Беше сиромашна, потекнуваше од многудетно семејство, а само мајка ѝ беше вработена, како хигиеничарка. Ленче носеше стара облека, од постарите сестри. Но, иако облеката ѝ беше стара, Ленче секогаш мирисаше на сапун и на лаванда. Никогаш не носеше ништо скинато. Се прашувам: дали тоа СТАРО на Ленче беше, според денешниов вокабулар, КОНЗЕРВАТИВНО? И како еднаш се случи, кога Ленче од немајкаде облече панталони-ѕвонарки (што една деценија пред неа ги носела нејзината сестра), одеднаш сите девојчиња во училиштето да помислат дека тоа е авангарда, па сите почнаа да шијат нови „ѕвонарки“? Како старото стана модерно, а денес е конзервативно?
Всушност, полуинтелигенцијата постојано нè врти во еден ист круг од противречности и бесмислености: од една страна на сет глас ја промовира помодната постмодерна филозофија за нестабилни и „лизгави“ идентитети, а од друга страна верува во ЕДНА АПСОЛУТНА ВИСТИНА (па измисли „проверувачи на факти“).
Зборува за промена на полот како нормална појава, поради тоа што постмодерната верува дека не постојат чисти идентитети (и за мене е НЕСПОРНО правото секој да избере што ќе прави со себе доколку не загрозува други), а ваму – говори за апсолутна бинарна опозиција: „конзервативни националисти“ наспроти „авангардни Европејци“. Едните се апсолутно зло, другите се апсолутно добро. Па, како тоа? Нели во секој идентитет има траги од други идентитети? Или тоа е така кога ни одговара, а кога не ни одговара – не е така?!
Зборот „авангарда“ доаѓа од францускиот воен вокабулар, а фигуративно се употребува за сето она што е „пред времето“, најчесто на теренот на уметноста, политиката, културните кодови и херменевтики. Од друга страна, да се биде конзервативен, според самиот корен на зборот, не значи НИШТО ЛОШО, туку значи да се СОЧУВА нешто. И во наратологијата разликуваме два типа актанти-субјекти: едните, „освојувачи“, сакаат да постигнат некоја нова цел во наративот, а другите, „конзерватори“, се трудат да сочуваат нешто што веќе го стекнале (на пример, да си останат верни на своето мислење и покрај уцените и притисоците). Зошто првите би биле „авангардни“, а вторите „конзервативни“, кога и едните и другите СЕ БОРАТ за вредности? Понекогаш, да сочуваш нешто е поавангардна постапка од тоа да освојуваш нови нешта: на пример, поавангардно е да го спасиш последниот примерок од некоја јавно запалена книга во некој „авангарден“ режим одошто да напишеш нова за истиот „авангарден“ режим. Еднаш, еден врвен маг на книжевноста, коментирајќи еден вообичаен книжевен судир меѓу „старите“ и „младите“, духовито им рече на младите: „Она што кај вас младите е ново, не е добро, а она што е добро – не е ново“. Како да ја гледал Ленче пред себе: во одделението имаше девојчиња облечени по најнова мода, ама кај нив новото не беше добро – новите алишта често им беа валкани. А доброто беше токму старото – стариот добар сапун за перење алишта. Зошто тоа што Ленче ги чуваше алиштата би значело – заостанатост? Освен тоа, таа стана авангардна со ѕвонарките сосема случајно, без болна амбиција да биде авангардна. Покажа дека авангардното често е несвесно и дека се крие во старото, не во новото.
Во гимназиските денови, неколкумина другари растевме вљубени во џезот. Ѝ се воодушевувавме на групата на Џо Завинул (Weather Report) и посебно на феноменалниот бас-гитарист Пасториус. Не ни беше јасно како тој успева да свири бас како да свири соло-гитара, а сепак да пулсираат неговите ритми? Каков е тој гениј кој од ритам-инструмент направил раскошна харфа? Одговорот дојде во едно интервју на Пасториус: таму, на прашањето „Како ја свирите бас-гитарата на толку авангарден начин?“, стоеше одговор: „Едноставно. Јас воопшто не свирам бас-гитара. Јас на бас-гитарата го свирам она што го свиреше пред мене веќе подзаборавениот саксофонист Чарли Паркер“.
Бевме шокирани. Авангардното и во овој случај не беше нова измислица, туку беше извлечено од корените на џезот. Само инструментот беше сменет. И како и во случајот со Ленче, се покажа дека иднината и авангардата постојат и во минатото. Истото тврдење подоцна го прочитав и во одличната книга на Салвадор Дали (се разбира, под нарцисоиден авангардистички наслов) „Јас сум гениј“, каде што Дали кажува дека претпладнињата ги минувал напорно учејќи од класичните сликарски мајстори, а попладнињата ги минувал во „изигрување авангарда“. Во која, патем, беше одличен!
Кој од нашите политичари го знае ова? Кој од нив сфаќа дека авангардна Македонија може да настане само од традиционална Македонија, а не од слепо помодно угледување на сегашни странски извори? Каква е таа идеја дека авангардата е ТАМУ (на Запад), не овде, и дека е во „новото“, а не во старото? Како не сфаќаме дека секој што „ќе го отсвири“ Гоце Делчев на „современ политички инструмент“, приспособен кон европските вредности (особено онаа негова „поле за културен натпревар на народите“, а не „поле за коленичење пред посилниот“) ќе биде – авангарден политичар? И дека секој „што ќе го отсвири“ Киро Глигоров на современ политички инструмент („Македонија е сè што имаме“ а не „Европа е сè што ЌЕ имаме“) ќе биде – политичка авангарда и порта кон иднината?
Кој не верува дека авангардата е скриена во минатото, нека се сети само на пирамидите во Египет. Кој ги надминал нив, кој авангарден архитект, која авангардна градба? Затоа, Македонци, не бидете безумни. Вие сте авангарда уште со првото спомнување во Библијата. Единствен проблем ви е ИСТОРИСКАТА СКЛЕРОЗА. Има шанси да се освестите. Само треба да се сетите. А тоа тешко оди со полуинтелигенцијата.