Во Република Македонија, сега Северна, говорот на омраза е главно насочен кон Македонците како народ, кон македонизмот, кон неговите историски национални и културни достигнувања. Тој говор на омраза кон Македонија го шират и фактори надвор и елементи дома. Под превезот на барањата за некаква ревизија на минатото се крие омразата кон него, кон светлите години на развој што овој народ ги доживеа
Меѓу синтагмите што заземаат сѐ поголем простор во политиката и медиумите е и изразот „говор на омраза“. Во македонскиот јазик зборот омраза се толкува како силно чувство на непријателство, одбивност спрема некого или нешто. Со слично значење е и зборот „мрази“. Изведенки од зборот „мрази“ се и зборовите омрази, намрази, омразит. Омразит се нарекува оној што предизвикува омраза. Само зборот „замрази“ има двојно значење. Според првото, зборот замрази значи некого да замразиш, а според второто е фаќање мраз, заледување на вода, на снег. Омразата е блиска до зборовите одбивност и злоба, а е спротивна од зборот љубов.
Во обичниот и во Толковниот речник нема да најдете некои поголеми објаснувања што е, всушност, говорот на омраза. Дали е омраза ако некого го погледнеш накриво или ако му ги опцуеш мајката и сестрата? Дали е омраза ако за некој вистински идиот речеш или напишеш дека е идиот? Или ако за некој политичар тврдиш дека е неписмен, а стварно е неписмен, такви се множат на ангро.
Сега да видиме што е говорот на омраза опишано од експертите на нашиот идол – Европската Унија. Ајде најпрвин една модернистичка теорија, една тафтологија.
Значи не само во македонскиот јазик туку и во европска регулаторна рамка за оваа тема не постои универзална дефиниција што значи „говор на омраза“. Значењето на терминот има долга историја во правните системи на различни земји-членки на Советот на Европа и на Европската Унија. Бидејќи никому не му стиска што, всушност, значи и како таа појава да се третира, Советот има креирано различни дефиниции зависно од контекстот. Иако нема чисти дефиниции, Советот им препорачува на владите на земјите-членки да ги преземат чекорите за борба против говорот на омраза утврдени во документот. Ова особено се однесува на говорот на омраза што се шири преку медиумите. Она што се однесува за земјите-членки важи и за земјите-нечленки, како што е Република Македонија, Северна од времето на Заев и дружината.
Во Препораката се прави обид за дефинирање на следниот начин: Терминот „говор на омраза“ ќе се сфаќа како термин што ги покрива сите форми на изразување што шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или други форми на омраза базирани на нетрпеливост, вклучувајќи: нетрпеливост изразена преку агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација и непријателство против малцинствата, мигрантите и луѓето од имигрантско потекло.
Понатаму, Препораката особено ги повикува владите на земјите-членки да одредат јавните власти и јавните институции на национално, регионално и локално ниво, како и нивните службеници да имаат посебна одговорност за воздржување од изјави, особено пред медиумите, кои разумно може да се сфатат како говор на омраза, или како говор што би можел да создаде ефект на озаконување, ширење или промовирање расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или други форми на дискриминација или омраза базирани на нетрпеливост. Таквите изјави треба да бидат забранети и јавно отфрлени секогаш кога ќе се појават.
Има уште едно толкување што го фокусираат невладините организации: Говорот на омраза е пристрасен, непријателски, злонамерен говор насочен кон еден човек или група луѓе поради некои карактеристики, кои ги имаат или кои им се припишуваат дека ги имаат. Говорот на омраза претставува дискриминирачко, заканувачко, антагонистичко однесување, кое многу често се потпира на предрасуди кон луѓето поради нивниот пол, сексуална ориентација, раса, религија, етничка припадност, боја на кожата, националното потекло, некој вид попреченост (ментална, интелектуална или физичка). Говорот на омраза има намера да повреди, да го претстави некого како помалку човек од другите, да вознемири, да понижи, омаловажи, деградира и да поттикне нечувствителност и бруталност кон одредени групи луѓе поради нивните карактеристики.
Како што може да забележи читателот, во овие толкувања нема објаснување за политичката и меѓудржавната омраза, за омразата на една држава спрема друга, како што е, на пример, омразата на бугарската држава спрема македонската. Дали е или не омраза некој да ти тврди дека тоа што си ти не си ти, ниту биле твоите дедовци и татковци? Дали не е омраза на државно ниво ако највисокото политичко тело од другата, соседна или далечна држава ти ги негира историјата, идентитетот, јазикот, писмото, културата, народните традиции? Дали не е омраза некој секојдневно да ти повторува и да ти налага дека треба да си го поплукаш лицето, да си го избришеш минатото, да си ја понижиш мајката што те родила? Дали не е омраза, тешка омраза, некој твојот народ и твојата држава да ги нарекува вештачка творба, божем создадена со вештачко оплодување? Зар не е омраза кога некој сака да те направи лажго, фалсификатор, подметнувач, крадец, а всушност тој е тоа?
Во Република Македонија, сега Северна, говорот на омраза е главно насочен кон Македонците како народ, кон македонизмот, кон неговите историски национални и културни достигнувања. Тој говор на омраза кон Македонија го шират и фактори надвор и елементи дома. Под превезот на барањата за некаква ревизија на минатото се крие омразата кон него, кон светлите години на развој што овој народ ги доживеа. Цел на тој говор на омраза се македонската државна самостојност и обидите да си ги зачува сувереноста, дигнитетот и авторитетот. Раширени на повеќе страни се антимакедонски пропагандисти, тие цутат во политичките партии, во медиумите, во цивилните друштва и во таканаречени невладини организации.
Во силна офанзива се наследниците на оние што беа на страна на нацизмот и фашизмот, разни ретроградни сили од кои Македонија никогаш не била оставена на мир. Во тие борбени редови за постепено уривање на Македонија преку ширење говор на омраза кон Македонија и Македонците се наредени личности со промашени кариери, инородни политичари и новинари, корисници на странски донации и гратис пари, еден куп анационални типови, кои бесрамно го користат говорот на омраза да го сотрат македонското големо дело.