Што кажа Путин околу почетокот на воените операции? Ние дејствуваме во самоодбрана. Ова ќе биде бесконтактна војна. Рече дека Русија нема намера да ја окупира Украина
Да беше Трамп на власт, ова немаше да се случи, рече Фараж. Да бев јас претседател, до ова немаше да дојде, рече Трамп. Со двајцата се согласувам. Ме изненади изјавата на Владимир Путин. Онаа поврзана со историското потекло на Украина. Без да навлегувам во нејзината вистинитост или нелогичност, не ми се допадна. Досега неговите изјави секогаш биле мирни, сталожени, одмерени. Неговите зборови го менуваа светот. Бавно, но на подобро. Ваквите нагли изјави ме потсетуваат на прогресивни политики. Не сакам прогресивни појави. Кога ракот прогресира доаѓа смртта. Хистерија поддржана со грантови прогресира во шарени револуции. Прогресивните политики носат деструкции. Требаше само Трамп да биде заменет од прогресивниот Бајден и видете каде дотуркавме. Но ова не е колумна за моите лични доживувања од изјавата на Путин. Сакам да пишувам за доживувањата на другите.
Западот се згрози од изјавата на рускиот претседател за историскиот развој на украинската држава. На прогресивните им се згади од неговите зборови. Светската интелектуална бижутерија, нормално, западна во хистерија. Со право, нели? Оти претставниците на западната прогресивна цивилизација никогаш не би помислиле, а камоли да преиспитуваат историски континуитет, национална припадност, право на самоопределување и самоименување на некоја друга држава. Така прават само варвари. Такво нешто никогаш не би направиле лидерите од Европската Унија, зарем не?
Замислете си само ваква ситуација. Цивилизирана членка на ЕУ почнува да малтретира друга држава за нејзиниот историски континуитет, самоидентификација и именување, па бара на таа земја да ѝ се наметнат секакви можни малтретирања и политичка тортура. Или замислете си друга членка на истата таа ЕУ да ѝ наметнува своја историја на друга држава, па уште да ја присилува да се откаже од својот национален идентитет и да каже дека е нешто друго. Знам дека не можете да замислите такво нешто, оти тоа не би го направиле цивилизирани држави.
Ама сега замислете нешто уште пострашно. Замислете такви ЕУ-членки, сепак, да постојат, а Унијата да ги поддржи во нивниот обид да збришат еден народ, неговиот историски континуитет и да му го забранат правото на самоопределување. И не само да ги поддржи туку и да објави декларација со која на таа несреќна држава ќе ѝ забрани да се самоидентификува. Потоа со години да вршат терор врз неа и да ја присилуваат да потпише договор во кој се откажува од дел од својата историја и малцинствата. Па уште да притискаат за друг договор со кој политички нападнатата држава ќе мора да се откаже и од остатокот на својата историја, од јазикот и својата национална припадност. Можете да замислите?
Германскиот канцелар Шолц не може да замисли. Така рече. Не му се верува дека некој во 21 век малтретира друга држава и се навраќа на историјата. И јас не можам да замислам. Затоа, Унијо моја европска, ми се гади од твоето лицемерство.
Аман, бе, Русјаков, само што не почнала трета светска војна, а ти малтретираш за Македонија.
Република Македонија е насилно укината. Сега е под нордистанска окупација. Но помеѓу Република Македонија и Нордистан, постои Македонија. А Македонија е светилиште. Колку и да ја сквернавите, таа ќе биде храм во мене. И до мојот последен здив ќе кажувам какви злосторства ѝ направија белосветски и домашни лицемери.
И нордистанската интелектуална бижутерија е згрозена. Затоа што Путин рекол дека Украина е измислена од Ленин. Ама истите тие згрозени, упорно нè туркаат во амбисот на изопачената налудничавост за да ги прифатиме идиотските грчки и бугарски нацифашистички барања, оти ги поддржувала онаа лицемерна ЕУ. Па уште прават комисии што ревидираат историја и мораме да ги слушаме нивните академски телетабиси што нè убедуваат дека Бугарија во Втората светска војна не била фашистичка држава, оти ние, нели, идиоти сме. Ако Путин „ревидира“ историја зборувајќи за неа, тогаш тоа е зло, ама кога истото, практично и насила се прави врз нас, тогаш е проевропски, прогресивно и цивилизирано. О, бандо елитистичка, ми се гади од твоето лицемерство.
Во меѓувреме почна војната. Русија ја нападна Украина. Што кажа Путин околу почетокот на воените операции? Ние дејствуваме во самоодбрана. Ова ќе биде бесконтактна војна. Рече дека Русија нема намера да ја окупира Украина. Дека ова е воена акција за спасување на цивилното население врз кое украинскиот режим спроведува геноцид. Ви звучи познато? Ајде аналитичаришта, новинаришта, експертишта! Не, а? Е па, јас ќе ве потсетам. Ние дејствуваме во самоодбрана… напад на Авганистан по 9/11. Ова ќе биде бесконтактна војна… напад на Ирак, операција „Пустинска бура“. Оној што напаѓа тврди нема намера да ја окупира нападнатата држава… Авганистан, Ирак, Либија. Ова е воена акција за спас на цивилното население врз кое режимот спроведува геноцид… СР Југославија, Либија, Сирија. А? Како ви се чини? Не ви се чини? Знам, не ви чини. Е па, и мене не ми чини лицемерството.
Читам наслови и си мислам, сите медиуми наеднаш почнаа да шират сатирични вести. САД, ЕУ и НАТО бараат да се почитува меѓународното право. Тоа веројатно значи да се почитуваат меѓународните закони, пресуди, договори и резолуции. Минск 1 и Минск 2, дали се меѓународни договори? А Привремената спогодба беше ли меѓународен договор под покровителство на ОН? Кршењето на тој договор доведе до меѓународен судски процес во кој меѓународен суд, оној што го штити меѓународното право, донесе пресуда. Ја почитуваа ли таа пресуда овие што денес врескаат за меѓународно право? Не ја почитуваа, напротив ни рекоа дека тоа е само обично парче хартија што не вреди ништо, оти политиката е над правото. Затоа ми се гади од ова меѓународно лицемерство сега.
Мразам војни. Сеедно какви, сеедно кој ги почнува. Ја мразам војната уште кога ми се вшета среде пубертет како братоубиствена крвава оргија. Некои велат дека војната е продолжение на политиката и дипломатијата, ама со други средства. Што треба да кажам на ова? Дека војната е само продолжение на лицемерниот мир? За мене војната е продолжение на човечката способност да си ја загуби душата. Затоа ја мразам војната, ама лицемерството, страшно ми се гади. Ајнштајн не бил сосема прецизен. Не се бесконечни само човечката глупост и вселената, туку и лицемерството.