Од пред половина година сум дел од еден голем глобален проект, финансиран од шведски фондови, на чие чело е еден од великаните на меѓународното право, но и на глобалното мировно движење – Ричард Фалк. Двете работни групи ги сочинуваат 40 научни работници од целиот свет. Искрено, на моменти, кога ќе ги погледнам нивните имиња и биографии се прашувам како ли ми припадна честа да бидам единствена од т.н. глобален Југ. Незападните кругови се претставени од еден Кинез и еден Индус. Поради пандемијата, првата физичка средба ја одложиме за напролет, а во меѓувреме одржуваме редовни/неделни вебинари (семинари преку интернет-платформа) на кои разговараме за темите поврзани со проектот, а кои се достапни за широка публика.
Моето „деби“ како панелист се случи минатиот вторник, а темата беше нуклеарното оружје. Додека се подготвував, се прашував што можам јас да кажам ново (од овој темен вилает што ми влегол под кожа, па како и сите други, и јас сум опседната со локални теми, со софиски барања, преспански чорби и европеизација а ла Реџепи)? Што умно да се додаде кога наспроти тебе седи еден Фалк (на 91 година), кој целиот живот го посветил на овие теми, заедно со други луѓе со импресивни биографии (меѓу нив една е нобеловка, друг е основач на иницијативата за воспоставување на Меѓународниот кривичен суд, итн.)? За ваква ситуација постои еден згоден француски израз: déjà dit! (веќе кажано, аналогно на она веќе видено, déjà vu). Одлучив да им раскажам за нашето слепило, за овдешната масовна хипноза и за „катастарот“ и заштитниот (нуклеарен) чадор на НАТО, за посетата на холандскиот премиер, т.е. лидерот на единствената западна земја што отворено гласаше против Договорот за забрана на нуклеарното оружје од 2017 година (другите нуклеарни сили и нивните сателити, вклучувајќи нѐ и нас, дури не се ни огласија, а договорот изгласан во Генералното собрание на ОН е обврзувачки за „само“ 122 држави). Зборував за глобалниот феномен на нормализација на милитаризмот, матриксот во кој дури и НАТО е сила на мирот, за стандардизацијата на катастрофите, навиката да спиеме со непријателот, т.е. со Дамоклов меч врз нашите глави. Веројатно бев сè уште под влијание и на предавањето што го имав истото утро за студентите на Факултетот за политички науки во Сараево. Таму бевме поканети четири гостинки, од Србија, Хрватска, Македонија и од БиХ, а темата беше „Демократија одоздола“. Чудно, ама ентузијазам и некаква надеж имаше само кај колешките од Белград и од Сараево, додека јас и лидерката на Радничка фронта од Хрватска (Катарина Пејовиќ) бевме поскептични, особено во поглед на ЕУ. Пејовиќ рече дека Хрватска е на светската периферија, на што јас морав да додадам дека ние сме, тогаш, периферија на периферијата.
Нејсе, се изнаразговаравме вечерта за нуклеарното оружје, за т.н. нуклеарен поредок (да, да, и таков оксиморон постои среде глобален disorder/неред, се користи термин нуклеарен поредок, но и нуклеарен суверенитет!). Не е ни чудно: дебатата за нуклеарното оружје, од Хирошима и Нагасаки до денес, е претворена во клише или орвелијански новоговор, во кој си божем против употребата на ова уништувачко оружје, ама и не се откажуваш од него по ниту една цена. Токму таква беше изјавата на Столтенберг дадена минатиот петок: тие биле за свет без нуклеарно оружје, но морале да го чуваат своето сè додека демне опасноста (од Русија и од Кина). Како и во други области, и овде постои цела мрежа на аналитички центри, универзитетски програми, НВО, движења и фондации, кои божем го спасуваат светот. За нив постои и израз „комплекс за непролиферација“. Но многу посоодветен е изразот што го употребува мојот пријател Јан Оберг: MIMAC (Military-Industrial-Media-Academic Complex), или со други зборови – воено-индустрискиот комплекс е сега надграден, засилен дури со медиумите (кои перат мозоци и шират пропаганда за „добри“ и „лоши“ нуклеарни глави), а научниците им даваат „научен легитимитет“.
Се обидов да објаснам дека на обичните луѓе што глава не можат да дигнат од секојдневни егзистенцијални проблеми, нуклеарното оружје им е последната грижа. Но ако погледнам инаку, се наметнува прашањето: зошто демократските општества молчат и не зборуваат, ниту протестираат против своето нуклеарно оружје, ами со прст покажуваат само на „лошите момци“ (дежурни злосторници се земјата што има најмал нуклеарен потенцијал, Северна Кореја, и земјата што нема нуклеарен потенцијал, но се прикажува како закана за светскиот мир – Иран)? Впрочем, една друга земја уништија, оставија милиони жртви зад себе, поради нуклеарно оружје што не ни постоеше и за што сведочеше мисијата на ОН! Ние побрзавме воено да помогнеме и таму. Нашите политичари, но и надобудни амбасадори во очекување, уште не влезени во НАТО се закануваа и покажуваа со прст на „лошите“ нуклеарни сили. Што да кажам за земја чиј претседател, што ќе рече врховен командант на вооружените сили, му се пофали на Бајден дека доаѓа од земјата што си го сменила името само за да влезе во НАТО (небаре овој не знаеше кој е автор на Преспанскиот договор, освен ако не заборавил поради годините, а и напорната агенда).
Навистина, прашајте се: дали ви е грижа за нуклеарната опасност, онаа од која може да не остане ништо од човечкиот род во случај на негова употреба? Пријател направи шега, користејќи црн хумор: овде мнозина велат дека ќе се куртулиме ако пукне, неиздржливо е ова. Но така е и подалеку од нас: во една „совршена бура“ на безбедносни закани, стравови, ризици, обичниот човек останува парализиран и решава да живее во одрекување. Како нојот. Ние не видовме ни дека енергетска криза доаѓа, а не пак да видиме дека НАТО го шири нуклеарниот арсенал, стационирајќи го во земјите на поранешна Источна Европа. „Не може нам нико ништа“, имаше една кафеанска песна, само сега со други зборови ја пеат заслепени вождови. Мислат дека членството во НАТО (и ЕУ) некого може да заштити од нуклеарна војна за која порано имаше и кратенка MAD (што на англиски би значело „луд/о“) – mutually assured destruction (гарантирано заемно уништување)! Дали сме слепци или луди?! Да се разбереме: НАТО и ЕУ се дел од проблемот за опстанокот на човештвото, а не дел од решението. А најмалку си заштитен кога си легитимна цел на линијата на фронтот на големите ривали…
На крајот на излагањето, на моите западни колеги им поставив навидум едноставно прашање: зошто дебатата редовно се води на глобално ниво, иако нуклеарното оружје е вградено во националните стратегии за одбрана? Ако таму постои развиена демократска јавност (која сака повеќе путер отколку оружје), тогаш зошто нема отпор, антинуклеарни и мировни движења (а има толку „разбудени“ за родови прашања, на пример?). Дали е можно да се толку наивни, нечувствителни или подготвени политички и морално да прифатат масовно злосторство против човечноста, збришување на милиони невини луѓе во име на својата „национална безбедност“. Наместо одговор, Ричард го цитираше Ганди, кој по нуклеарната катастрофа во август 1945 година рекол „атомската бомба ги уби најпрефинетите чувства што го одржуваа човештвото со векови. Некогаш постоеја т.н. закони на војувањето, кои го правеа подносливо. Сега ја знаеме голата вистина. Војната не признава никаков закон, освен оној на моќта. Атомската бомба им донесе празна победа за сојузниците, но резултира со уништување на душата на Јапонија. Што се случи со душата на нацијата што ја уништи, сега е прерано да се каже“. За жал, нашите генерации знаат што се случи, а да биде иронијата поголема – денес и Индија е нуклеарна сила, а Јапонија стационира нуклеарни глави насочени кон најголемите градови на Северна Кореја и Кина, во „самоодбрана“.
Човековата ароганција е без преседан: мислиме дека без нас, планетата веќе нема да постои и дека нуклеарниот баланс е гаранција дека до тоа нема да дојде! Флората и фауната не само што ќе преживеат туку и ќе им биде подобро без човечката лакомост и негрижа. Новинари одамна известија за начинот на кој се чува нуклеарното оружје, со луѓе што се постојано под дејство на алкохол и тешки дроги. Најпознатиот „свиркач“ (по Асанж), Даниел Елсберг, неодамна откри архивски податоци дека воениот врв на САД советувал употреба на атомска бомба против Кина во 1950-тите години, а постојат докази дека светот неколкупати „за влакно“ избегнал нуклеарен холокауст. Всушност, секој ден ни е подарок, резултат на чиста среќа, иако некои веруваат во стратегиско размислување и тактичка употреба на нуклеарното оружје. И кога го знаеме сето ова, како воопшто можеме да спиеме мирно? На оние што опоменуваат дека ова оружје е егзистенцијална закана за човечката цивилизација, треба да се одговори во духот на оној одговор на Ганди (запрашан што мисли за западната цивилизација): хммм, човечка цивилизација би била добра идеја! Имам чувство дека кога се спомнува „човечка цивилизација“, на ум се има западната – бидејќи во нивните очи сè што не доаѓа од Западот е примитивно и недостојно. А цивилизација што спие прегрната со своите демони, не го заслужува тоа име, без оглед на страната на светот. Реално, на жртвите им е сеедно дали ќе умрат од студ, глад, климатски промени или од (не)демократски бомби. Впрочем, и ненуклеарното оружје е оружје за масовно уништување, но сите мижат пред хуманитарниот милитаризам со очи ширум отворени. Некои животи се повредни од другите… Тоа е „цивилизацијата“ што сме ја создале, па сме и горди дека ѝ припаѓаме. А сега продолжете напред со Реџепи и Заев на чело, до конечната победа на западните вредности.