Кога се пазарите со националното, кога ги сечете корените на своето постоење, кога ја бришете колективната меморија на својот народ, кога го жртвувате своето национално малцинство во соседните држави, ќе се разбудите со бугарско малцинство на вашата западна граница, во Албанија. Но затоа ќе ве наградат за човекови права
Македонија полека исчезнува. Прво беше името на државата, па историјата, па нацијата. Дојде време и за македонското малцинство во соседните држави. Поточно, тоа не исчезна. Државата се откажа од него. За „мало сутра“ Европска Унија.
Во глобализираниот свет денес националните малцинства претставуваат спој на културите, интересите и менталитетите на нивните стари и нови татковини. Феноменот на малцинствата е продолжение на феноменот на нацијата. Очекувано е националните малцинства да ги зачувуваат, или се очекува да зачуваат силна врска со нивната татковина и нејзиниот национален идентитет. Нивната асимилација е можна до одреден степен во земјата домаќин, но оваа асимилација никогаш не е доволно силна или ексклузивна за да се отстранат културните црти и етничката идентификација со оригиналната татковина.
Со оглед дека историјата со малцинствата во Европа e историја на конфликти и поделби, Европската Унија се обидува да постигне високо ниво на заштита на малцинствата преку унапредување на добрососедските односи, како и на регионалната соработка и зајакнување на демократските институции преку аранжмани за соработка што треба да се воспостават на различни полиња за да придонесат за ваквата цел. Државите на Европа во своите устави чувствуваат одговорност за судбината на нивното малцинство надвор од нивните граници и сите тие ја преземаат обврската да им помогнат на своите малцинства за да ги одржат своите врски со националното културно наследство на своите татковини.
Дури и нашиот устав предвидува ваква обврска. Но очигледно власта не чувствува одговорност за судбината на македонското малцинство, откажувајќи се од него и од својата уставна обврска за негова заштита.
Во име на некое имагинарно посакувано добрососедство во регион каде што тешко се залекуваат раните од минатото, а лузните остануваат засекогаш, ние лесно се откажавме од нашето национално малцинство, доведувајќи го под сомневање својот национален идентитет. Како да им објасниш на луѓе без чувство на национална припадност дека нашето самообезличување како нација оди и по линија на непризнавањето на постоењето на македонското национално малцинство во соседните држави. Толку посакувано од нашите соседи. И тоа во време кога Европа смета дека е потребно да се зајакне признавањето на врските на секој европски граѓанин со неговиот идентитет, култура, традиции и историја, за да може да се дефинира себеси како член на одредена нација. Патетичната и вазалска власт се самопонижи до таа мера што го загрози опстанокот на македонското малцинство надвор и создаде негова хибридност што го разликува од автентичната етнички и национално татковина и нејзините национални жители.
Активизмот на матичната држава станува нужен тогаш кога е загрозено изразувањето малцински идентитет и е ограничена слободата на малцинствата да ги репродуцираат своите култури. Кога ваквите политики се дизајнирани за да воспостават доминација на единствена етничка група над некоја територија, матичната држава служи како сигурен извор на поддршка на своето население надвор од нејзините граници секогаш кога остатокот од светот замижува пред ваквата состојба на таа популација. Поддршката од ваков вид особено е важна кога знаете дека меѓународните организации не секогаш дејствуваат во најдобар интерес на малцинствата, и покрај признавањето на нивната глобална одговорност за промовирање на малцинските права. Ако Европа во моментов се соочува со типизиран тренд во кој владите построго претпоставуваат право за заштита, советување, претставување, политичко организирање, индоктринирање, натурализирање, финансиска поддршка, застапување, па дури и управување со население надвор од државните надлежности врз основа на етничка концепција на заеднички идентитет, Македонија сама се исклучи од ваквите европски текови, откажувајќи се од своето население надвор од нејзините граници.
„Националното слепило“ ги претвори Македонците во Грција и во Бугарија во невидливо малцинство, бришејќи го нивното национално и културно наследство преку засилување на нивната присилна асимилација. Наместо Македонија да биде гласот на невидливото македонско малцинство во Грција и во Бугарија демонстрирајќи посветеност на заштитата на нивните права, таа се откажа од него. За жал, македонската држава се откажа од своето природно право да зборува во име на заштитата на своето национално малцинство во овие држави, повикувајќи се на верување во заедничко територијално, културно, па дури и биолошко потекло како морална основа за тоа право. Патерналистичката улога на Македонија како матична држава на македонското малцинство се изгуби на патот кон НАТО и Европската Унија, оставајќи ги Македонците надвор сираци без можност да имаат корист од матичната држава за своите интереси и прекинувајќи ја националната папочна врска со нив.
Ние сме на добар пат да бидеме уникатен пример во Европа на држава без малцинство.
Кога се пазарите со националното, кога ги сечете корените на своето постоење, кога ја бришете колективната меморија на својот народ, кога го жртвувате своето национално малцинство во соседните држави, ќе се разбудите со бугарско малцинство на вашата западна граница, во Албанија. Но затоа ќе ве наградат за човекови права. Оние што нѐ ставија на тест за демократијата и човековите права низ оваа награда го купија молкот на оваа влада пред загрижувачкото непочитување на човековите права на нашето малцинство во соседните држави. Лицемерство во акција. A европскиот сон е сѐ подалеку.