Светот забега. Полека ама сигурно, ја губиме смислата за разликување на природното од неприродното и на здравото од болното, претворајќи се во гола семиотика на ступидариумот. Глупоста е состојба на умот при која не се разликува битното од небитното, така што за битното се молчи, а за небитното се зборува како за највисока вредност. Семиотиката на ступидариумот се чувствува во медиумите, во уметноста (каде што е особено важно да се селектира битното од небитното) и, конечно, во политиката, каде што селекцијата на битното од небитното е пресудна за опстанокот на цели народи, држави и култури.
Некаде во средината на јуни, нашите медиуми пренесоа вест со наслов: „Почина Чемп, едно од кучињата на Џо Бајден во Белата куќа“. Еве го тој текст (лошо е преведен од англиски, ама го давам како што е печатен): „Чемп кој заедно со Мејџор, германските овчари на претседателот Џо Бајден и првата дама Џил Бајден живееја во Белата куќа, почина мирно во својот дом, извести Белата куќа. Имаше 13 години. Чемп се приклучи на семејството Бајденс кон крајот на 2008 година, непосредно пред да се преселат во резиденцијата на потпретседателите во Вашингтон. Мејџор беше усвоен пред две години преку здружението Хуман Делавер и е првото куче од засолниште (кафилерија – моја забелешка) кое се преселило во Белата куќа. Поранешниот претседател Доналд Трамп беше првиот станар во Белата куќа што немаше куче во повеќе од 100 години – откако Вилијам Мекинли беше претседател во 1897 година. Тој им порача на приврзаниците на митинг во 2019 година дека не би имал ништо против да има куче, но ‘немам време’. Кога се вселија во Белата куќа, канцеларијата на првата дама рече дека Чемп ‘уживал во својот нов кревет за кучиња покрај огништето, а Мејџор обожавал да трча на јужниот тревник’. Годинава, персоналот имаше проблеми со тригодишниот Мејџор кој во два наврати касна чувар.“
Ова соопштение издадено од највисока светска инстанца, Белата куќа, заслужува семиотичко-културолошка анализа: дојдовме ли до крајот на умот, станавме ли дегенерици што не разликуваат битно од небитно? Или сме веќе глобални малограѓани што од најситен настан во својот паланечки свет (починал пес дома, пес каснал чувар) прават – космички настан?
На студентите по книжевност уште на првите часови им кажуваме дека уметничкиот чин е селекција на битното од небитното. На пример, ако сакаме да кажеме дека Дон Кихот тргнал кон замокот на Дулчинеа, првата реченица ќе биде: „Дон Кихот се качи на Росинант“. Последната ќе биде „Дон Кихот стигна пред замокот на Дулчинеа“. Но, што ќе избереме за средината на наративот? Оној што нема смисла за селекција на битното од небитното, меѓу првата и последната реченица ќе испише двесте страници ономатопеја на коњски кас: „клип-клоп, клип-клоп, клип-клоп“. Истото тоа важи и за медиумите: ако не разликуваат НАСТАН од БАНАЛНОСТ, ќе им се случи да лиферуваат вакви „клип-клоп“ вести и од највисоко ниво. Кога почнував со новинарство, меѓу првите лекции добиени од татко ми беше селекцијата на битното од небитното. Велеше: Насловната страница не трпи вест – „На селски пат падна гранка и отепа полжав“.
Е да, ама ова не е несреќен случај на селски пат, туку во Белата куќа. Не е исто кога куче ќе умре на селски пат и кога ќе умре во Белата куќа. Или исто е? Не сум паметен, не знам да оценам, зашто Белата куќа издава соопштенија за пресудни планетарни настани: војна и мир, црни и бели листи. И штом таа решила да издаде соопштение за смртта на Чемп, значи дека таа смрт има – панпланетарно значење. Можеби ќе остави последици и врз геополитичката карта на светот и Балканот? Но јас сум очигледно глупав, штом не разбирам ЗОШТО е толку важно за светот да дознае дека Чемп не е веќе меѓу живите. Тоа е само доказ дека сум непоправливо конзервативен во непоправливо авангардно време на радикална редефиниција на сите традиционални човечки вредности.
Но оваа вест не прави само радикална редефиниција на поимот „ударна вест“ во новинарството, туку создава и домино-ефект кај цели културолошко-цивилизациски слоеви. По неа, радикално мора да се редефинира американскиот книжевен пантеон, барем мојот. Мој омилен драмски писател е Американецот Тенеси Вилијамс. Него го ставам, според генијалноста, рамо до рамо со Чехов, иако припаѓаат на различни епохи и различни страни на светот. (Оние што уште лаат дека сум хомофоб нека се смират: Тенеси Вилијамс ја посвети „Тетовираната ружа“ на еден свој љубовник, ама тоа не ми пречи да го сметам за можеби најдобaр драмски писател на светот, особено со „Трамвајот наречен желба“). Е тој Тенеси, сега се превртува од завист во гробот: со ваков Ежен Јонеско од Белата куќа, кој ја составил оваа вест, нема никакви шанси за уште еден Пулицер. Ако оваа вест за смртта на Чемп ја прочитавме пред десетина години, ќе помислевме дека е дел од уметничка фикција а ла Јонеско. Впрочем, кај Јонеско ја читавме онаа антологиска реплика, која според бесмисленоста му конкурира на ова соопштение од Белата куќа: еден пожарникар одеднаш станува од пиење кафе и вели: „Простете, морам да одам, имам закажано пожар во единаесет часот“. Значи, човекот си има приоритети, како и Белата куќа кога издава соопштенија. Затоа, отсега, во мојот личен книжевен американски пантеон сѐ се поместува за едно место: прв е Јонеско од Белата куќа, втор Тенеси, а Артур Милер паѓа од второто на третото место со „Сите мои синови“. Џон Стајнбек со „Глувци и луѓе“ паѓа на четвртото, Хемингвеј на петтото, а за Ален Гинзберг, со оглед на тоа дека пееше за Америка без влакна на јазикот, не сум сигурен дали воопшто има место на листата. За него немаше соопштение од Белата куќа кога почина (1997). Иако гениј, не почина „мирно“ како Чемп, зашто пееше за оние што живеат како кучиња по улиците на Америка. Многу ми е жал за Америка. Разбирам дека се наоѓа во панпланетарен демократски климактеричен транс, дека ревидира „лажни“ вредности и стереотипи во бајки и филмови, дека праќа порака „сакајте ги кучињата“, ама… и јас имам умрени кучиња. Цел живот чував кучиња. Четири, и сите се викаа Флок, според кучето на Командантот Марк од стриповите. Сите четири ми умреа отруени на раце. А за нив никој не јави ни ред.
Но да ги погледнеме трите семантички акценти во текстот скриени зад смртта на песот, која е наводно „тема“ на веста. Се кажува, божем патемно, дека „братот“ на Чемп, Мејџор, е првото куче-скитник што било вдомено во Белата куќа, земено од кафилерија. Тоа значи дека Белата куќа е и хумана и демократска институција: вдомува кучиња без да гледа кое куче од какво потекло е (не прави расна и друга дискриминација), иако тоа куче потоа напаѓа чувари („рани куче да те лае“ е тажната геополитичка судбина на Америка). Второ: Трамп не бил ни хуман ни демократ, зашто немал куче и прекинал традиција од 100 години. И трето: Белата куќа се грижи нејзините кучиња да умрат „мирно“. Замислете колку кучиња на планетава во мигов умираат немирно, во конвулзии, гладни и повредени… Кој може да каже збор против таква кучешка хуманост?
Ех, кога Белата куќа би почнала да посвојува и народи-скитници од белосветските кафилерии! Светот за миг би се престорил во рај, како што верува братот на отец Зосима кај Достоевски… Ама не може… Белата куќа, иако покажува безграничен canis, canis хуманизам, сепак нема капацитет за тоа. Затоа, секој народ нека си се грижи сам. За своите кучиња.