Историја на сексуалноста во финска бања

Ако веќе ја укинуваме историјата, убаво би било да ја замениме со некој друг предмет. На пример со финска бања. Тоа е многу корисен и топол предмет. Или со ски-скокови.
Ќе го земеме финскиот концепт.Зошто баш финскиот?

Колку е прекрасно да се живее ова гротескно време. Не, време како денес. Не, време како студи. Не, време како доцна есен. Духот на ова безумно време да се живее навистина е еден вид благослов. Благослов како дадено искушение. Искушение да се посведочи безумноста, а притоа да се остане трпелив, спокоен и нормален. Како што многу луѓе посведочиле на војни, геноцид, инквизиција, чуми, холокауст, ама биле доволно силни, па го оставиле својот печат врз духот на времето. Така ние дознаваме и учиме од нив. Некои тоа го нарекуваат историја.
Сан Франциско, Соединетите Американски Држави. Или по сето ова што го видовме кај нив од изборите до денес, може слободно да ги наречеме Соединети Банана Држави. Што и да се случи таму во следниов период, сеедно е. Цел слободоумен свет, освен поданиците ослободени од ум, веќе им се смее. Ама буквално за нив важи реченицата „Царот е гол“. Не, царот е умрен, ама гласа.
Но да се вратам јас на Сан Франциско. Градските власти донеле одлука. Ќе се менуваат имињата на неколку училишта и гимназии. Оние што го носат името Абрахам Линколн. Зошто е тоа така? Абрахам Линколн не направил ништо за црнците. Така велат. Логично. Стварно ништо не направи. Само го укина робовладетелството. Е, го укинал, ама тоа да ти било од политички причини. И тоа го велат. Затоа веројатно демократите беа против укинување на истото тоа робовладетелство. Оти тие немаше да го укинат од политичка, туку од хумана причина. Оттука, најпаметно е да се избрише Абрахам Линколн од историјата. Да се запише дека робовладетелството постоело до денешен ден, со низа исклучоци кога на власт биле демократите. Тогаш тие го укинувале, ама републиканските фашистички претседатели повторно го враќале. Што се случи и за време на владеењето на Трамп.

Тој го врати робовладетелството. Патем, ја користеше секоја пригода да убива Афроамериканци. Ама „Блек лајвс медр“, предводени од Џо Бајден, го победија расистот. Сега Џо ќе го укине робовладетелството засекогаш. И ќе ги поправи историските грешки. Ќе се избрише Абрахам Линколн и фактот дека тој укинал робовладетелство. Зашто тој факт е фејкњуз. И ќе се запише дека Бајден им донесе слобода на робовите. Оти тој фејкњуз е вистина. Мислам дека веќе се планира и Нобелова за мир.
За да не дојдеме до вакви непосакувани моменти, ние најдобро е да ја укинеме историјата како наука. Од три причини. Прво, нам не ни треба историја, затоа што имаме паметење на златни рипки. Всушност, златните рипки имаат повеќе паметење од нас. Второ, и онаа историја што ја имавме ја раздадовме за задушница, кога го погребувавме нашето постоење. Еден дел ѝ дадовме на Грција. Вториот дел на Бугарија. А онаа, блиската историја, на Коминтерната. На три дела ја парчевме. Како што територијата нам ни ја парчеа. Во 1913 година. Што пак е историја, а таа веќе не ни припаѓа нам и глупо е да се малтретираме со неа. Трето и најважно, нам не ни треба историја, затоа што сега сме три коси црти, а не Македонци. На /// не им треба историја, како што на ??? не им треба биологија.
Патем, историјата прави само проблеми. Го збунува прогресивното граѓанство. Прави раздор меѓу здравиот разум и нивниот грантиран светоглед. Сакам да кажам, земи еден грантиран светоглед, додај му капка здрав разум и системот колабира. При колабирање на системот се случува аномалија позната како хистерија. Замислете си ваков дијалог!
Во каква држава живееш?
Ме убедуваат дека е елдорадо, а всушност е потемкиново село.
Па кој ви е на власт?
Квислинг.
И ете ти прогресивна хистерија. Термините елдорадо, потемкиново село, квислинг се дел од нашиот секојдневен говор заради историјата. И многумина непросветлени и непрогресивни како нас ги злоупотребуваат.

Преку нивна злоупотреба сакаме да ги критикуваме новата нормалност и блескавата иднина во која живее прогресивната интелектуална бижутерија. Без историја овие термини со текот на времето ќе се заборават. И на сите тогаш новата нормалност ќе им стане блескава иднина.
Ако веќе ја укинуваме историјата, убаво би било да ја замениме со некој друг предмет. На пример со финска бања. Тоа е многу корисен и топол предмет. Или со ски-скокови. Ќе го земеме финскиот концепт. Зошто баш финскиот? Па, Финска ни даде еден Мати Никенен.
Од друга страна, не мора сосема да ја укинуваме. Во светот постои и нешто што се нарекува интердисциплинарност. Можеме да ја ставиме во комбинација со други предмети. На пример, историја, географија и граѓанско општество. Ваквата комбинација отвора многу можности.
Сине, што учевте денеска?
Денеска учевме за Втората светска војна.
И што научи ти?
Втората светска војна ја почнаа нацистите. Како во поголемиот дел од светот, така и во Македонија. Македонија е географски територија. Ѝ припаѓа на хеленската култура. Има бугарски корени. Бугарите работеа за нацистичката администрација и не беа фашисти. Јавната администрација е поврзана со управување услуги обезбедени од државата. Во едно модерно граѓанско општество, ако сакаш да си дел од јавната администрација, најдобро е да имаш партиска книшка. Доколку сакаш да си администрација, да земаш плата, а да не одиш на работа, партиската книшка треба да ти биде од ДУИ.
Браво бе, синко! Ќе биде од тебе министер. Само уште интердисциплинарно да интегрираш во себе НВО-сектор, политичка коректност и љубов кон омразата спрема неистомислениците.

Ете, гледате дека е океј да се интегрираат историја, географија и граѓанско општество. Иако, јас сметам дека подобар модел е комбинација на историја, сексуално образование и финска бања.
Каде е Мирко?
Ене ги со Славка цел ден голи и гушнати во финската бања. Повторуваат лекција за европската администрација во новиот свет.
Алооо, имаат само дванаесет години. Не се мали за историја?
Океј, на некои од академската фела им пречи што ликови како мене и Трендо мрчеле на темава. Оти не сме биле дел од академската фела. Јас од Фела го разбирам само Кути. Ама, па, не разбирам зошто им пречи интердисциплинарно интегрирање на жанрови. Коктелот од гротеска, цинизам и сатира и совршена вакцина против вирусот на новата нормалност. И додека тие во своите хакслиевски калапи создаваат европски настроени граѓани, ние марктвеновски наострените селани, Европа ја доживуваме како географска територија, која најчесто низ историјата, административно, гадно ја заебувала планетава.