Интерес

Заедничкиот европски пазар е најбогат и најпребирлив пазар со потенцијални околу 550 милиони потрошувачи. На него може да доставува производи и услуги кој сака, но само ако ги исполнува условите. За да се исполнат условите треба на некој начин да се регулира европскиот заеднички пазар, па се воведуваат одредени правила. Нивна цел (нивен интерес) е да ги заштитат европскиот граѓанин и околината заедно со целиот животински свет во областа на безбедноста, здравјето, сигурноста, економичноста, ефективноста… и заедно со стандардите да го овозможат слободното движење на стоки и услуги. Тие правила ги нарекле директиви и регулативи. Регулативите се обврзувачки во оној момент кога ќе бидат изгласани од Европскиот совет и автоматски се применуваат во сите земји-членки на ЕУ, со тоа што сите постојни правни акти во областа што важеа дотогаш, веќе стануваат неважечки. Од друга страна, и директивите го регулираат пазарот, но секоја земја си ги вградува барањата од директивите во своите постојни закони и датумот на стапување во сила не е ист во сите земји-членки на ЕУ. Во моментов има околу 80 ЕУ-директиви што опфаќаат разни области, и тоа:

Култура
Енергија
Антидискриминациски мерки
Животна средина
Набавки
Електронски комуникации
Храна и пијалаци
Машини
Медицински помагала
……
Има едно правило што вели дека само сигурен и безбеден производ може да влезе на европскиот заеднички пазар, па ако влезе за првпат во една земја-членка на ЕУ тогаш може да влезе во која било земја-членка на ЕУ без никакви дополнителни документи, испитувања (има и одредени исклучоци). Вака кажано изгледа дека овој пазар е затворен, херметичен, нееластичен и тешко може да се влезе во него, но ако се испочитуваат правилата, тогаш навистина не е толку тешко, особено што се влегува на најбогатиот пазар. Директивите и регулативите се збирка на основни правила, каде што не се влегува до детали. Но затоа тука доаѓаат до израз европските стандарди, кои ги докомплетираат правилата. На речиси секоја директива или регулатива за одредена област следува одредена група европски стандарди за таа област. Тоа не значи дека само со имплементирање европски стандарди може да се влезе на европскиот маркет, може да се употребат на пример и кениски стандарди само доколку се докаже дека ги поседуваат барањата дадени во регулативите и директивите. А тоа докажување е страшно скапо, требаат време, експерти, лаборатории и што ли уште не. Затоа најдобар начин е ако се имплементираат правилно европските доброволни стандарди.
За да ја појасниме конекцијата помеѓу директивите, регулативите, стандардите и ризикот ќе ја објасниме накратко Европската директива – машини (2006/42/EC), и тоа нејзината последна верзија. Тоа се некои 30 страници полни со барања што мора да се исполнат. Најголем дел од барањата се однесуваат на безбедноста во однос на сигурноста на машините, но и одредени делови од машините, и тоа во интеракција помеѓу машината и човекот. Таа ги доставува основните барања со кои производот мора да се усогласи. Сите опасни ситуации мора да се елиминираат или да се намалат. Одговорноста за усогласеноста на барањата од директивата лежи кај:

Производителот;
Склопувачите на машините;
Увозниците на машини лоцирани во ЕУ;
Дистрибутерите, Дилерите.

За да докажат дека се исполнети барањата од директивите, регулативите и стандардите, еден голем дел од текстот во директивата е посветен на CE-ознаката (Conformity Assesment – оцена на сообразност), и тоа посебно во анексите.
Самата директива нуди два начина за изведување оцена на сообразност (Conformity Assesment):
самопотврдување (Self-certification) или само декларирање (self-declaration);
Серитификација преку трети лица или преку тело за нотификација (Notified Body). Р Македонија бидејќи не е членка на ЕУ нема такво тело, па затоа сите наши производители користат услуги од земјите од околината, и тоа претежно Турција, Словенија и Унгарија. И Турција не е ЕУ-земја, но има потпишан договор за царинска унија со ЕУ.
Тоа се барањата во однос на директивата, барањата на стандардите се многу посложени. За да ги детализираат барањата за влез на ЕУ-пазарот во однос на оваа директивата се нудат околу 750 стандарди од општа (CEN standards) и електро (CENELEC standards) област. Еден стандард може да има и околу стотина страници полни со барања. И тие се поделени во три групи:
А-тип стандарди, (ЕН ИСО 12100 – Безбедност, сигурност на машините. Основни принципи за дизајн, Процена на ризик и негово намалување). Овој тип стандарди ги објаснуваат основниот концепт, терминологијата и начелата на дизајнирање, како и ризиците. Но само овој стандард не е доволен да осигури сообразност за основните начела на здравје и безбедност од барањата на директивата.
Б-тип стандарди, тоа се генерички безбедносни стандарди што ги покриваат безбедносните аспекти или еден вид заштита што може да се користи во широк опсег на машини. Постојат два типа на Б-стандарди, и тоа стандарди од типот Б1 за одредени безбедносни аспекти и стандарди од типот Б2 за заштитни мерки. Примената на стандардите од типот Б дава претпоставка за усогласеност со основните здравствени и безбедносни барања од директивата што тие ги покриваат кога стандардот од типот C или процената на ризикот на производителот покажува дека техничкото решение специфицирано со типот од Б-стандардот е соодветен за одредената категорија или модел на машини.

Ц-тип стандарди, стандардите од типот Ц обезбедуваат спецификации за дадена категорија машини. Различните типови машини што припаѓаат на категоријата опфатена со стандардот од типот Ц имаат слична намена и претставуваат слични опасности. Примената на спецификациите на стандардот од типот Ц врз основа на процената на ризикот на производителот дава претпоставка за усогласеност со основните здравствени и безбедносни барања од Директивата за машини опфатени со стандардот.
За да се изработи машина или дел од машина, потребно е да се имплементираат повеќе стандарди (може и 10 стандарди) доколку се сака да се прифатат барањата од директивата. За тоа се потребни многу средства, знаење, искуство, лаборатории, време.
И така доаѓаме до насловот на колумнава, ИНТЕРЕС. Интересот на купувачите е квалитетен, безбеден производ или услуга, интересот на производителите е висока финансиска добивка и добро име, интересот на државите е да се грижат за своите граѓани. Во суштина сѐ е интерес.

Aвтор: Љупчо Давчев, магистер по технички науки од областа на енергетското машинство