Меѓу двете светски војни, 1919 – 1941 година, односите помеѓу Царството Бугарија и Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, подоцна преименувано во Кралство Југославија, биле непријателски и со постојани тензии и несогласувања. Главно, претпоставувате, драги мои, тие нетрпеливости биле околу Македонија. Иако на крајот од војната Србија од Бугарија, наместо репарации, ќе ги добие Пирот, Босилеград и други територии од денешна источна Србија и градот Струмица, со седумдесет и две села во источна Вардарска Македонија, сепак, територијалните прашања останале нерешени, очигледно, до ден-денес. Секојдневни биле инцидентите во граничните појаси во Македонија. Чети, групи и поединци од Бугарија влегувале во Македонија (Кралството Југославија) и со прокламација дека тоа го прават за ослободување на Македонија од српска окупација вршеле грабежи и терори, главно врз оној дел од македонското население што одбивал да им плаќа на самонаречените борци за слобода, но и не сакал да им помага во субверзивните акции.
Така, во тој дел од Македонија се создал антагонизам кон ВМРО и идејата за слобода на Македонија. Тоа е времето кога во Бугарија се случуваат секојдневни политички пресметки помеѓу сите политички партии, движења и групи, кои меѓусебно се обвинуваат за поразот на Бугарија во Првата светска војна, пораз што прераснува во национална траума. На власт во Бугарија е Александар Стамболиски, кој во 1923 година со Србија го потпишува таканаречениот Нишки договор, со кој се обврзува да го контролира дејствувањето на Македонците и на ВМРО внатре во Бугарија, но и зад границата. Така, започнува теророт врз Македонците во Бугарија, кој кулминира со државни нарачки за атентати врз раководителите на ВМРО.
Тие државни убиства ќе предизвикаат меѓусебни пресметки не само на највисоките раководители на организацијата, некогашните војводи, туку и помеѓу обичните членови, четниците што живеат низ цела Бугарија во духовен пораз и социјална беда и јад. Дополнително, во 1923 година, Бугарија, Грција и Турција во Неи ќе потпишат меѓусебен договор за размена на територии, имоти и население, па стотици илјади Македонци од Егејска Македонија ќе тргнат кон Бугарија уплашени од теророт врз нив што веќе започнал во Грција. Тоа се години на масовни селидби на Македонците по Балканот, во потрага прво по мир, а потоа по право на живот и, на крајот од сѐ, право на достоинство.
Во Бугарија и ден-денес постои отворен антагонизам од обичните Бугари кон Македонците токму поради тие години. Мноштвото Бугари, кои и сами штотуку излегле од Првата светска војна како губитници, живеат во општествен хаос и социјална беда. Во Бугарија животот не вреди ни „пет лева“. Инфлација, немаштија, невработеност, хаос и паника. Како тоа да не им е доволно на обичните Бугари, па Македонците во Бугарија, кои реално биле доселеници што во толпи, да, да, во толпи талкале по градовите и селата, парталави и гнасни, уморени во телата и убиени во душите. Тие луѓе, наши прабаби и прадедовци, драги мои, изгледале милион пати полошо од оние колони сириски бегалци што ние до вчера ги гледавме по нашите патишта и граници. Во Бугарија, според сведочењата на многу луѓе, Бугарите ги плашеле децата да се држат подалеку од бегалците (со право, затоа што нашите биле гладни и нечисти и ширеле болести!) со заканите: Не одете таму, затоа што Македонците ќе ве јадат! Да, да, буквално така. Има запишани сведоштва во книгата „Кукушкиот говор“ на професорот Коста Пеев. Прочитајте ја, драги мои, да ги видите и разберете траумите на својот народ.
Во истото време, во Софија и во другите бугарски градови, започнуваат меѓусебни оружени пресметки помеѓу Македонците поделени на врховисти, централисти, санданисти, протуѓеровисти, александровисти и какви ли не други, а во суштина едни исти, душмани на организација, Македонците и Македонија. Сите до еден, без исклучок, кој повеќе, кој помалку. Секоја вечер, ама буквално секоја вечер се случувале пресметки со убиства и атентати. По улиците, во кафеани и по плоштади.
Драги мои, сме ја претерале, ама здраво сме ја претерале работата. По сето ова, сосема е нормално обичните луѓе, обичните Бугари да развијат антагонизам кон нас. Најпосле, тие убиства и пресметки најчесто биле толку без аргументи и без логика, што и ден-денес, во денешна Бугарија, сите ние што таму сме учеле и живееле го знаеме тоа, кога некои луѓе, кои до пред само пет минути мирно разговарале, ќе почнат да викаат и да се туркаат и тепаат, макар тоа биле Виетнамци, Нигеријци или Финци, Бугарите од страна тоа случување ќе го наречат: македонска работа! Така е во Бугарија, драги мои, а што се случува во Пиринска Македонија во тоа време? Тој дел од земјата буквално е отсечен од администрацијата и функционира безмалку како држава во држава, целосно контролирано и управувано од ВМРО. Најпосле, во јуни 1923 година Александар Цанков ќе направи преврат и диктатура, која ќе биде немилосрдна и крвава кон сите, а тоа подразбира и против Македонците и ВМРО, кои бараат и отцепување на дел од територијата на Бугарија.
Работата излегува од контрола кога членови на ВМРО ќе го киднапираат поранешниот премиер Александар Стамболиски и по крвави измачувања ќе му ја пресечат дланката од раката со која го потпишал, според нив, предавничкиот Нишки договор. Другото се бројки на убиени и прогонети во една општа пресметка, која во Бугарија ќе заврши во мај 1934 година, со бегството на Ванчо Михајлов и забраната на ВМРО, а во Србија неколку месеци подоцна, кога во септември истата таа 1934-та, во Марсеј ќе биде убиен српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ.
Во истото време, српските окупатори, со оправдување дека го бранат народот од бугарашките банди, уште повеќе ги засилуваат притисокот и теророт, повторно врз Македонците. Биле тоа години на хаос, лудило и нетрпеливост, која прераснала во борба според принципот: секој против секого, Господ против сите. Последиците се страшни. Кралот Алксандар Караѓорѓевиќ, не можејќи на друг начин да го помири општеството и крајно опасните антагонизми што се заканувале и со распад на државата, на 6 јануари 1929 година воведува диктатура, која ќе трае нешто повеќе од две години. Во државата, сега веќе наречена Југославија, се вршат територијална поделба и децентрализација според теченијата на најголемите реки, а не според етничките граници, па, така, Вардарска Македонија станува Вардарска Бановина, а нацијата југословенска. Александар Караѓорѓевиќ имал идеја за југословенизација на сите многубројни народи што живееле во неговата земја, за постигнување какво такво национално единство и развој на земјата, која, за разлика од Бугарија, иако од Првата светска војна излегува како победник, сепак во политичката, економската и социјалната војна таа држава е губитник на сите фронтови. За време на диктатурата се забранети речиси сите политички и социјални движења и јавни дејствувања. Воведена е цензура на печатот, почнати се масовни апсења, судења и затворања на илјадници активисти и борци за политички, социјални и национални права и слободи. Најчесто се прогонувани членови на левичарските движења, синдикати и работнички друштва. Забрането е дејствувањето на Комунистичката партија. И тоа се години на репресија насекаде и врз секого. Страдале безброј Срби, Хрвати, Словенци, Босанци, секако, и голем број Македонци.
Но во Македонија репресијата била општа и се практикувала како план за масовно посрбување на Македонците низ системот на образование, култура, спорт, административна контрола и присила и, секако, со контрола на економијата. Македонија била најзаостанатиот дел од кралството. Во секоја смисла. Затоа, уште од првите години на владеењето во Вардарска Македонија, кралот тргнал, буквално од град во град, од место во место, за да го види и разбере реалниот, жив живот, секако, од позиција на аристократ и Србин. И нема како да се негира фактот дека од 1924 година во Вардарска Македонија почнува процес на масовна обнова на градовите, се градат патишта, пруги, инфраструктура. Градовите и паланките се урбанизираат, се прават архитектонски планови, се создава комунална мрежа, електрификација и се создаваат голем број културни и спортски организации и институции. Се создаваат институции и државна и јавна администрација. Во Скопје се отвора филозофски, а подоцна и правен факултет. Во сите градови работат основни училишта, гимназии и мноштво јавни школи за техничко и занаетчиско образование. Секако, сите со предзнакот српски, со програма за масовна и брза асимилација на Македонците. Но, во тие околности, многу бргу се издигаат градовите и се создаваат оние центри со онаа архитектура што ние денес ја нарекуваме староградска. Само во десет години, од пепелта на македонскиот фронт се издига и новата македонска повоена буржоазија, чии синови и ќерки веќе учат во Белград, Загреб, Женева, Париз, Лајпциг и во Виена. Тие, откако ќе се вратат во земјата, се вклучуваат во јавниот и државен живот. И за десет години ќе застанат на чело на борбата за ослободување на Македонија. Тие ќе бидат покровители и мецени на сликари, композитори, пејачи, актери и писатели, кои недвосмислено и јасно ќе се соочат со фактот дека српскиот не е нивниот мајчин јазик. И ќе се родат Васил Иљоски, Ристо Крле, Антон Панов, Коста Солев, Коле Неделковски, Ацо Караманов и многу други, кои ќе го побараат своето место во таа Југославија – на мајчин македонски јазик. И почнува процесот од кој нема враќање назад.
Новата Македонија и Македонците се родени од пепелта на Македонија и Македонците расфрлана низ Македонското востание, Крушевската Република, Уриетот, Балканските и Првата светска војна. Таа пепел ќе биде материјалот од кој ќе се градат нацијата и државата. Еве што запишал Србинот Александар Андријевиќ за разговорот што тој како судија го водел со некој струмичанец, странка во судски спор: А.А. Вие секако сте Србин? Одговор: Кога тука беа Бугарите, јас бев Бугарин. Сега, кога се Србите, јас сум Србин. Но христијанин сум. А.А. Значи, вие сакате да сте блиски со Грците? Одговор: Е не, џанум. Грк е нешто други. Јас сум Македонец! Александар Андријевиќ бил чесен судија, како што бил чесен човек, кога го запишал и објавил ова во градот Ниш, од каде што најверојатно потекнувал, во далечната 1923 година. Зборувајте ми сега за Коминтерната и четириесет и четвртата! Го пишувам ова за да се знае, иако сум го раскажал сето ова пред дваесет години во документарниот серијал „Феномен театар“. Го зборувам ова затоа што мора да се памети. Заради себеси, но и заради оние што мислат дека сите сме заспани и не знаеме. Бидете така. Знаеме. А ха. Сѐ што треба да се знае.
Авторот е режисер и универзитетски професор