Ковид-19 е психопат. Сериски убиец. Најмногу убива стари луѓе. Иако знае да изненади. Сепак, колку што е психопат, толку е генијалец. Нешто како Ханибал Лектор. Проблем е што не знаеме дали е човечко суштество или вештачка интелигенција. Како и да е, кога тој почна да убива, наеднаш ни се покажа кој каков карактер е.
Човекот наречен Обединети Нации е чуден човек. Поточно кажано, изгубен човек. Тука е, ама како да не е. Или тука е, ама сеедно што е тука. Најчесто го нема. Понекогаш ги шета своите пердуви по улици. И никој нема никаква корист од тоа. Мислевме дека Ковид-19 веднаш ќе го убие, ама па сфативме дека одамна е мртов. Жив, а мртов.
Европската Унија е лош човек. Себична жена. Под брендираната гардероба и претераната шминка, лицемерството не може да се скрие. Нешто слично како елитна проститутка што добро плаќа да ја рекламираат за светица. Откако Ковид-19 ја започна својата убиствена мисија, ене ја дреме на Инстаграм, става слики од себе, пишува трактати за својата хуманост и солидарност, која во реалноста не може да се види. Многумина добро знаат дека под скапата брендирана гардероба живее празнотијата.
НАТО е силеџија. Со американски жаргон кажано, обичен були. Набилдана битанга без мозок. Тепа само послаби од себе. Знае со години да ги малтретира додека не полудат. Ама кога ќе дојде нешто посилно, макар тоа бил и невидлив психопат како Ковид-19, НАТО се крие во зајачка дупка. Се крие, ама на социјални мрежи се расфрла со објави. Јас ќе помогнам, сега ќе види Ковид-19, сите ние заедно ќе удриме по него. Тоа се само зборови. Дела нема. Кога ќе заврши ова, НАТО повторно ќе излезе на улица. Да тепа послаби.
Соединетите Американски Држави се силна, ама подвоена личност. Еден вид шизофреничар. Како во еден човек да сте ги затвориле Марк Твен и Чарлс Менсон. Или Џером Селинџер и Хенри Кисинџер. Проблем е што секогаш психопатот го задушува генијот. Додека насилникот го шири своето зло, добриот дух е толку исцрпен што заборава да вложува во сопствениот имунитет.
Русија е слична во својата подвоеност, ама кај овој карактер се судираат духовноста и страста, лудилото и генијалноста. Овој затворен карактер е непредвидлив. Може да покаже крајна незаинтересираност, не е паметно да се доведе во агресивна состојба, ама кога треба, пружа рака, се солидаризира, помага. Со Ковид-19 се тепа одлично, ама истовремено не се расфрла со самобендисаност.
Кина е мистерија. Отсекогаш е мистичен карактер, до кој тешко се допира. Во овој човек живеат митско суштество и совршена машина. Беше прва жртва на Ковид-19. Претрпе силни удари, ама не писна. Се затвори во себе, го активира својот имунитет и го победи психопатот. Сега им помага на други, ама истовремено си прави пат и да завладее со нив. Без насилство. И секогаш така.
Велика Британија е ладнокрвно копиле. Има гадна смисла за хумор. Нема проблем да го пушти убиецот дома. Ладнокрвно прима удари. Дури и паника кога ја фаќа, во неа има цинизам и црн хумор. Сигурно ќе преживее и нема многу да страда. Веќе има скроено план каква корист да извлече од психопатот.
Германија е жива машина. Војнички карактер. Сеедно што низ историјата правела срања пострашни од оние на Ковид-19, нејзиниот имунитет секогаш одново воскреснува, затоа што во машината вистинските шрафови се на вистинско место. Најдобро ќе се справи со агресијата на психопатот, сеедно што овој ќе ја напаѓа силно. Франција, вообичаено, повеќе мисли како да се облече за во болница, отколку какви услови има во болницата. И кога страда, ќе се обиде тоа да го поднесе шармантно. Од тепачката со психопатот ќе излезе осакатена и прво што ќе направи е од раните да создаде моден тренд.
Трите сестри со викиншка крв, Норвешка, Шведска и Данска, поради климатските услови во кои живеат, изградиле суров и силен карактер. Кога над глава ти е облачно, а под нозе газиш снег, не се потресуваш многу околу некаковси психопат. Ќе јадат ќотек, ама нема да врескаат. За разлика од нив, кутрите убавици Италија и Шпанија лошо ќе поминат. Нивната страсна и врела крв нема имунитет. Ќе разберат дека во нормални услови сите им се восхитуваат на убавината, ама во опасност ги забораваат. Така е тоа со убавите луѓе. Додека се ужива во нив, секој ги посакува, кога убавината ќе ја нападне зло, сите вртат глави. Затоа ќе мораат да поработат на својата духовност. Силна духовност го прави и телото здраво.
Што да се каже за Иран? Стар, древен карактер. Старо тело. Психопатот силно го напаѓа, го тепа и сакати. Ама Иран трпи и се бори, не плаче, не лелека.
На клиниката Балкан се згрижени разни карактери. Нема да навлегувам во детали. Словенија отсекогаш била затворен карактер, нежна ама способна да се справи со проблеми. Зашто има план. Хрватска е во слична душевна и телесна состојба. Србија е брлива, па и кога гине, се смее и будали. Босна и Херцеговина уште нема здравствен картон, Црна Гора има имунитет на горштак. И така стигнуваме до Македонија. Пациентка во коматозна состојба. Нема имунитет. Со психопатот се соочува откако помина гетоизација, конц-логор и гасна комора, каде што и ги согореа и имунитетот и идентитетот. Чека да ја закачат на респиратор, ама го бара тоа од себични и силеџиски карактери. Ако преживее, тоа ќе биде само божја волја и промисла. Оти сама нема капацитет да се лекува, а оние што чека да ја спасат, всушност ѝ го убија имунитетот.
За крај една моја приказна. Пред два дена ми беше испратена.
Старецот всушност е средовечен маж. Веќе неколку години, со својата молитва лекува луѓе од секакви болести. Во манастирот доаѓаат многумина за да ги лекува. За разлика од него, Моќниот е бог на материјалното. Тој поседува пари и знаење. Но сета негова моќ и популарност, за еден миг ги сруши непознатата болест што го нападна. Го потроши сето богатство за да се излечи. Не успеа. И бидејќи човек во смртен час се фаќа за сламка, пријателите го убедија да отиде кај Старецот.
Во манастирот не чекаше долго. Старецот излезе со стап во раката. И веднаш почна страшно да мава по Моќниот. Го удираше додека овој не падна во несвест. Старецот го ставија во затвор, а Моќниот го хоспитализираа. Во болницата констатираа дека нема трага од неговата болест. По излегување, Моќниот го употреби своето влијание, па го ослободија Старецот. Сакам да знам како ме излечи, му рече на Старецот кога се сретнаа. Бог те излечи, му рече Старецот, јас само те тепав.