Експертите во светот веќе прогнозираат како ќе изгледа закрепнувањето откако ќе се порази ковид-19 и неколку држави отскокнуваат во отпорноста

Пандемијата на ковид-19 предизвика огромна неизвесност во глобалната економија, а земјите во светот се борат со заразата, спроведувајќи карантински мерки и обидувајќи се со фискални интервенции да ги стабилизираат пазарите. Менаџирањето на здравствената криза е од суштинско значење за економската стабилност, а експертите веќе почнаа да прогнозираат и како ќе се одвива закрепнувањето откако вирусот ќе биде поразен и кои земји притоа најдобро би напредувале.

Еден начин за споредба е преку глобалниот индекс за економска отпорност за 2019 година на осигурителната компанија „ФМ глобал“, која ја рангира отпорноста на економската средина во 130 земји во светот. Анализата е заснована врз фактори како што се политичката стабилност, корпоративното управување, ризикот, логистиката и транспарентноста во синџирите на снабдување и со неа се идентификувани државите што имаат најдобри капацитети да се справат со здравствената криза.

Данска е рангирана на второто место според индексот и тоа е држава што има високи оцени во однос на синџирите за снабдување, како и ниска владина корупција. Земјата брзо се снајде во однос на мерките за социјално дистанцирање при ширењето на вирусот. Таа објави затворање на училиштата и несуштинските приватни бизниси на 11 март и ги затвори своите граници на 14 март, кога имаше само неколку позитивни случаи. Чекорите веќе се покажаа како ефикасни.

Според експертите, случаите на сезонски грип се намалени за 70 отсто во споредба со лани, што е добар показател за мерките на Владата. Граѓанската должност е популарен концепт во Данска, но сепак не значи дека земјата нема предизвици. Државните пакети за финансиска помош, кои предвидуваат исплата на поголем дел од платите на работниците и практично „замрзнување“ на економијата за да нема масовни отпуштања. Овој модел се препорачува како пример за остатокот на светот, но не е евтин и ќе чини околу 13 отсто од данскиот БДП.

Сингапур високо котира на индексот поради својата силна економија, низок политички ризик, силна инфраструктура и ниска корупција. Државата, исто така, брзо се активираше во спречувањето на вирусот и сега е меѓу најдобрите показатели за справување со пандемијата. Како мала земја, Сингапур зависи од закрепнувањето на остатокот од светот за да има најуспешен скок, но жителите веруваат дека тоа ќе се оствари.

– Како народ, мислам дека преживувањето ќе ги направи сите поотпорни. Ова нѐ принуди уште повеќе да се врземе за технологијата. Многу бизниси брзо ги спроведоа политиките за работа од дома, а Владата ја објави апликацијата за заедничко следење за да помогне во откривањето на вирусот, која брзо ја презедоа многу жители – вели Сингапурецот Џастин Фонг.
САД поради големината во индексот се поделени на региони, но и државата како целина котира добро поради ниското ризично деловно опкружување и силниот синџир на снабдување. Справувањето со вирусот се покажа како предизвик во некои од поголемите метрополи како Њујорк, а невработеноста веќе се искачи на историско ниво, пред сѐ поради задолжителниот карантин кај повеќето сојузни држави, што особено ги погоди угостителите и малопродажбата.

Но Владата на САД брзо донесе мерки за стабилизирање на економијата, а стратегиите за физичко дистанцирање се чини дека имаат ефект за намалување на влијанието на вирусот и за закрепнување на економијата. Генерално, економијата на САД е подобро позиционирана и може побрзо да заздрави од големи удари во однос на остатокот од светот. Населението во просек е помладо од поголемиот дел од светот, со поголема мобилност, а ограничувањата на пазарот на трудот се полесни, со што се олеснува поголема прераспределба на работната сила.

Руанда, исто така, е една од земјите што би можеле подобро да се справат со здравствената криза, според анализираниот индекс. Прогнозите се такви поради неодамнешните подобрувања во корпоративното управување. Руанда оствари едни од најголемите скокови во индексот во изминатите години (за 35 места на сегашното 77. место) и во моментот има четврти најотпорен систем во Африка.

Земјата е особено добро позиционирана да ја преброди кризата бидејќи државата успешно се справи со еболата во своите граници по избивањето на епидемијата од соседно Конго во 2019 година. Комбинацијата од универзална здравствена заштита и доставата на медицински производи со дронови, како и проверките на телесна температура на границите, Руанда се чини дека е добро опремена за одржување на стабилноста во текот на кризата, особено ако се споредува со преостанатите земји во регионот. Таа е првата земја во супсахарска Африка што воведе целосен карантин и веќе дистрибуира бесплатна храна до најранливите категории од населението.

Нов Зеланд е рангиран на 12-то место и има особено високи резултати во корпоративното управување и синџирот на снабдување. Земјата, исто така, релативно брзо се придвижи за да го спречи ширењето на вирусот со затворање на границите на 19 март, но и со затворањето на несуштинските бизниси на 25 март. Со туризмот и извозот како најголеми делови од економијата, Нов Зеланд во блиска иднина ќе се соочи со тешкотии во својата економија, но тоа не мора да мора да биде толку лоша и сериозна работа. Севкупно, земјата е добро поставена за стабилно закрепнување, истовремено имајќи ниско ниво на државен долг и можност за спроведување мерки за задржување на каматните стапки во земјата на ниско ниво.