Фото: Игор Бансколиев

Романот „Црно семе“ од Ташко Георгиевски и драмата „Црнила“ од Коле Чашуле повлечени од програмата за обработка на дела од македонската литература во средните стручни училишта

По реакцијата на наставниците по македонски јазик во основното образование за отстранување на подрачјето „Историја на македонскиот јазик“ од новата програма за шесто одделение, во јавноста се појавија реакции од нивните колеги во средните училишта, кои укажуваат дека од програмата за обработка на дела од македонската литература во средните стручни училишта се повлечени романот „Црно семе“ од Ташко Георгиевски и драмата „Црнила“ од Коле Чашуле

Времето на летниот училиштен распуст се чини дека не претставува „олеснителна околност“ за загриженоста на образовниот кадар за реформите според новата концепција за образованието.
По реакцијата на наставниците по македонски јазик во основното образование за отстранување на подрачјето „Историја на македонскиот јазик“ во новата програма за шесто одделение, во јавноста се појавија реакции од нивните колеги во средните училишта, кои укажуваат дека од програмата за обработка на дела од македонската литература во средните стручни училишта се повлечени романот „Црно семе“ од Ташко Георгиевски и драмата „Црнила“ од Коле Чашуле. Овие литературни дела сѐ уште постојат во програмата по македонски јазик во четврта година во гимназиите. Симптоматичниот момент во ова програмско решение е во фактот што овие дела нема да бидат застапени во прашањата за матурскиот испит по македонски јазик.

– Делата „Црно семе“ и „Црнила“ не се застапени во модуларната програма по предметот Македонски јазик во средните стручни училишта. Иако овие дека се обработуваат според програмата за гимназиите, тие нема да бидат застапени во матурскиот испит, кој е ист за сите средни училишта. Односно, прашањата за матурскиот тест по македонски јазик треба да бидат усогласени според она што е еднакво застапено во програмата за сите видови училишта. На некој начин, овие две дела се „факултативни, незадолжителни“ за учениците во гимназиите, бидејќи нема основа да се најдат во матурскиот испит – вели професорка по македонски јазик во средно стручно училиште од Скопје.

Темите во романот „Црно семе“ и во драмата „Црнила“ (кои се и филмски обработени) говорат за историски настани и личности поврзани со животот и страдањата во минатото на Македонците во егејскиот и во пиринскиот дел на Македонија. Во јавноста веќе се искажуваат сомнежи дека содржината на овие две дела, гледана низ призмата на актуелните политички превирања во Македонија, околу спроведувањето на соседните договори со Грција и Бугарија (Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство), е причина за ваквото „тивко адаптирање“ на образовните политики.

– Ова е злосторство, ако е точно. Строго по Преспанскиот, а? Го правите и она што не се бара во него, апла. Го бришете сеќавањето. Ако не па, тркнете до Кинотека, запалете го и филмот на Кирил (Ценевски), „Црно семе“, според мене, најубавиот македонски филм. Забранете ја и „Пиреј“ на Петре (М. Андреевски). Исечете го и благословот на Прличко во улогата на Манданата во „Мис Стон“. Запалете ги „Солунските атентатори“. И „Црнила“ – остро реагира актерот Сашо Тасевски, револтиран од ваквите информации.

Нов прилог во сомневањата на јавноста за тивкото повлекување на македонските историски теми од наставата по предметот Македонски јазик дава наставничката Билјана Димковска, од Куманово, која е коавторка на предметниот учебник за седмо одделение. Од претходните реакции на наставниците по македонски јазик, кои ја посетувале онлајн обуката на Бирото за развој на образованието, според новата концепција за овој предмет во шесто одделение, тематското подрачје за историскиот аспект на македонскиот јазик, односно почетокот на словенската писменост и работата на сесловенските просветители Кирил и Методиј е поместена за седмо одделение. Тоа значи дека во програмата за шесто одделение воопшто нема да се обработува историскиот дел на македонскиот јазик.

– Како коавтор на учебникот по македонски јазик за седмо одделение (кој го изработивме со колешката Сузана Цветковиќ) ми беше чудно што во дигиталната верзија на учебникот, првите триесетина страници, посветени на историскиот дел, беа поместени на крајот од објавата. Тоа го протолкував како некаков технички пропуст. Но со најавите за целосно исклучување на историјата на јазикот во програмата за шесто одделение и наводно поместување на методските единици за Кирил и Методиј и почетокот на словенската писменост во седмо одделение, таквиот „технички пропуст“ сѐ помалку ми изгледа случаен. Во историскиот дел во програмата по македонски јазик за седмо одделение се изучуваат Крсте Мисирков и неговото капитално дело „За македонцките работи“, македонските народни говори, како и улогата на Блаже Конески во кодификацијата на јазикот. Доколку има поместување на наставните содржини во програмите за предметот Македонски јазик, по одделенија, тогаш логично е Крсте Мисирков, народните говори и Блаже Конески да бидат во програмата за седмо одделение. Но најзагрижувачки е што немаме информации што се предвидува во програмите според новата концепција, која веќе очигледно се спроведува. Уште посимптоматична коинциденција (според информациите од медиумите) е што историјата во учебниците токму по седмо одделение, но и Крсте Мисирков се актуелна тема во работата на историската комисија меѓу Македонија и Бугарија – вели Билјана Димковска, коавторка на учебникот по македонски јазик за седмо одделение. Димковска наведува дека меѓу наставниците постои големо незадоволство од новата концепција за образование и смета дека со тенденциите во образовните политики за исклучување на историјата и историјата на јазикот се влијае негативно во изградбата на националното идентитетско самоспознание на македонските ученици.


Кој да поверува дека содржините на „Црно семе“ и „Црнила“ – се „неподобни за македонските учебници“

Темата на романот „Црно семе“ од Ташко Георгиевски е судбината на група Македонци, затвореници на еден пуст остров во Егејско Море. Идејата е дека никакви насилства, физичка и психичка тортура не можат да го скршат човековото достоинство и да му го погазат чувството за национална припадност. Времето на случување е Граѓанската војна во Грција, крајот на четириесеттите години од 20 век (нешто по Втората светска војна). За основа на фабулата е земен конкретен настан: кон крајот на Граѓанската војна монархистичката власт изделува една група војници – комунисти и Македонци, кои ги обвинува за работење против тој режим. Ги носат на пуст остров за да ги превоспитаат.

„Црнила“ е драма на македонскиот драмски писател Коле Чашуле. Дејството во драмата се случува во 1921 година во Софија. Коле Чашуле е прв автор што на ваков начин напишал за македонските црнила, за антимакедонштината. Инспирација за да го напише делото му бил вистински историски настан, убиството на Ѓорче Петров. Идејата е да се прикаже осуда на моралниот пад, „братоубиство“, забивање нож во грбот – како честа појава во нашата мрачна историја. Темата е убиството, атентатот врз Ѓорче Петров, од негови соработници.

„Црнила“ е драма на идеја, драма со теза, драма на апсурдот на една личност, македонска современа драма. Во драмата ликовите се типични херои на едно време и една средина. Тоа се морални престапници што работат против својата земја и сопствениот народ. Во оваа драма е прикажан само мал сегмент од нашата историја, сегмент од македонското самоуништување, една македонска тажна страница.