Јас навистина верувам дека оваа земја е дојдена до точка, кога треба да ја отвори вратата, да се втруне низ неа и да се движи напред кон својата посветла иднина, вели американската амбасадорка во Македонија, Анџела П. Агелер во интервју за МИА.
На прашањето како да се пронајде излез од целокупната политичка ситуација внатре – корупција, нефункционален систем, поделено општество, блокадата на уставните измени кои се услов за продолжување на патот кон ЕУ, но и од влијанијата однадвор кои имаат цел да ги блокираат процесите кои водат кон прогрес, Агелер вели дека таа не би го користела терминот влез во вратата, која треба да води напред.
– Интересно е што го користите зборот „излез“, затоа што јас не го гледам тоа како излез, туку како врата што чека оваа земја да ја турне и да помине низ неа. Јас навистина го гледам тоа како влез. Можеби тоа е американскиот оптимист во мене, но јас навистина верувам дека оваа земја е дојдена до точка кога треба да ја отвори вратата, да се втурне низ неа и да се движи напред кон својата посветла иднина, а не да се заглавува во некакви негативни наративи кои доаѓаат од внатре во земјата и надвор од неа и верувам дека може да го направи тоа – вели американската амбасадорка.
Агелер смета и дека актуелниот геополитички амбиент овде се рефлектира и во она што го гледаме и надвор од Западен Балкан.
-Тука има геополитички влијанија, но тие се и глобални. И особено, нели зборувавме и за дезинформациите, тоа сега е глобална реалност. Тоа секако го гледаме и во САД. Значи, има влијанија, но мислам дека има и можност да се препознае дека постојат геополитички сили и како земјата и нејзините граѓани реагираат на нив. Така, на пример, со Русија и Украина, одговорот што го видовме од Македонија, особено воената поддршка и поддршката за НАТО, беше извонреден и всушност беше модел за многу далеку поголеми земји во Европа, во смисла на поддршка на напорите таму. Така што, тоа е реалноста, во оваа земја и пошироко, и најважното според мене е тоа да се препознае и потоа да се направи избор што функционира за луѓето во земјата, што е интелигентен начин да се одговори на тие геополитички сили и што е во најдобар интерес на државата – нагласува таа.