Салих Асим, или Сали-бег, е извонредно значајна личност за Скопје, која во еден период била подзаборавена. Тој дури во три мандати бил градоначалник, односно претседател на скопската општина, и тоа од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Според она што го направил за развитокот на Скопје, се вбројува меѓу најзначајните градоначалници во поновата историја
Скопски легенди
Во 1932 година е издадена книгата „Историја на Скопје и неговата околина“ од Салих Асим, син на Рустем-бег, кој потекнува од скопската фамилија Муфтилилер (како дел од фамилијата Симитчилер). Книгата е печатена во печатницата на Халил Ќазим во Скопје, а приходот од неа бил наменет за добротворни дела. Во вториот дел од подоцнежното македонско издание е и оригиналниот ракопис на книгата.
Салих Асим, или Сали-бег, е извонредно значајна личност за Скопје, која во еден период била подзаборавена. Тој дури во три мандати бил градоначалник, односно претседател на скопската општина, и тоа од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Според она што го направил за развитокот на Скопје, се вбројува меѓу најзначајните градоначалници во поновата историја. Скратена верзија на оваа книга е објавена и во 1908 година. Оригиналната проширена верзија се чува во Музејот на градот Скопје.
Првпат за Салих Асим и неговото дело дознав пред повеќе години од мојот пријател, познатиот писател и општественик од турска националност Фахри Каја.
Некои детали што тој ми ги прераскажуваше од оваа книга, ги користев и како мотив за моите текстови, бидејќи книгата сѐ уште не беше преведена на македонски јазик. Конечно, книгата во 2005 година беше преведена и коментирана од Драги Ѓоргиев, со што се збогати преведената литература посветена на градот. Во белешката за авторот преведувачот вели дека „Салих Асим, син на Рустем-бег“ (1869-1935) е скопјанец. Потекнува од фамилијата Симитчилер, една од најстарите и најпознати фамилии во Скопје, чие презиме се смета дека е старо повеќе од 300 години.
Салих Асим се родил, живеел, работел и починал во Скопје. Сите важни настани од неговиот живот се одиграле во овој град и целиот свој живот му го посветил нему… За својата долгогодишна и искрена и самопрегорна работа бил одликуван и од турскиот султан и од српскиот крал“.
Интересно е дека самиот Салих Асим во својата книга вака ги изделува значајните фамилии: Хумашахлар, Симитчилер (од неа се издвоиле Муфтилер и Ајанзаделер), Кумбараџилер, Накиблер, Черкеслер, Котелер, Кулелирер, Ајватлилар, Наховалилар, Башколар, Шаторлар, Сафизаделер, Караколлукчилер, Поткалар, Лубанчалар, Куманлар, Филинталар, Шишханелер, Коштанлар, Пулерер.
Како градител, направил зафати што биле капитални и го обележуваат Скопје и денес. Во истата белешка за авторот, покрај другото, се вели: „Како градоначалник на Скопје, тој ја отворил првата општинска аптека со евтини лекови, го основал познатото занаетчиско училиште `Ислахане`… Неговата поддршка била пресудна за издавање дозвола за обнова на црквата `Св. Димитрија`, го реновирал Камени мост… Во 1890-1891 г., Салих Асим ја покрил реката Серава во нејзиниот долен тек, во должина од 1.300 и во ширина од 3,5 метри, сѐ до нејзиниот влив во Вардар…
Во 1897 година Салих Асим го изградил кејот на бреговите на Вардар, скротувајќи ги така водите на реката и понудувајќи им ја на скопјани првпат како естетска вредност“. Треба да се каже, исто така, дека некои од овие значајни зафати градоначалникот ги правел заедно со уште една значајна личност, а тоа е познатиот валија Хафиз-паша, бидејќи тогаш центарот на вилаетот се наоѓал во Скопје. Во доменот на индустријализацијата, која сѐ повеќе земала замав, градоначалникот исто така учествувал, како на пример во отворањето на првата скопска пиварница „Бирарија“ (1908) итн.
Во својата книга, Салих Асим дава една многу богата и широка слика за Скопје од области што денес можеби би биле заборавени ако тој не ги спомнел и опишал. Почнувајќи од производите што се карактеристични за Скопје, за трговијата, имињата на ановите веќе заборавени, занаетите што веќе почнале да исчезнуваат, како што се: сабјарите, шаторџиите, свиларите, изработувачите на мали шапки, бојаџиите, лулеџиите, чибукчиите, обработувачите на скапоцени камења, ножарите, терзиите што некогаш шиеле срма, како и мермерскиот занает. Салих Асим наведува дека до 1913 година во Скопје постоеле следните банки: Зираат, Отоманска (Османлиска) и Солунска банка.
Тој вели: „Зираат банката им даваше заеми на земјоделците, а другите две банки на трговците. Во овој момент, пак, постојат следниве банки: Народна, Хипотекарна, Хрватска, Француско-српска, Вардар, Извозна и Ибар банка. Од нив, Народната и Хипотекарната банка се државни. Народната банка дава кредити во согласност со кредитоспособноста на трговците, а Хипотекарната бака дава кредити земајќи во залог недвижен имот и обработливо земјиште“.
Салих Асим детално ги обработува и медресите, другите верски објекти и текии, вакафи, научните и јавните друштва, амамите и мостовите, акведуктот, реката Серава, познатите скопски личности, меѓу кои и кадиите и поетите, познати професори во медресите, воените заповедници на Скопје уште од неговото паѓање под османлиска власт, мелниците и фабриките за кои дава интересен податок дека постојат: три фабрики за сапун, една текстилна фабрика, една фабрика за чорапи, една фабрика за пиво, една за струја, една за сол, една за макарони и една за железо, што вкупно прават 14 фабрики, потоа три големи печатници, две свеќарници, две кожарници, една работилница за чадори, четири работилници за шапки и две за чистење облека.
Интересно е дека од „убавите хотели“, го спомнува и хотелот „Солун“, кој се наоѓал во чаршијата, каде што се наоѓале бојаџиските дуќани. Ова се само дел од записите што како богатство ни ги оставил овој исклучително заслужен човек.