Упатените во оваа проблематика укажуваат дека во Скопје, особено во урбаните средини, нема отровни змии, па воопшто не треба да се плашиме, ниту да креваме паника. За движењето во природа тие посочуваат на неколку основни правила
Топлото време се уште ги држи активни флората и фауната
Високите температури ги извадија влечугите на сонце. На повеќе места во земјава, но и во Скопје, забележана е раздвиженост на змиите. До нашата редакција пристигнаа повеќе пријави од граѓани што убавото време го искористиле за прошетка на излетничките места низ земјава, каде што имале непријатна средба со змии или едноставно ги забележале во нивна непосредна близина.
Стравот од змиите е вообичаен за граѓаните
Се чини дека станува вообичаена појава и влечугите да ги користат топлото време и пријатните сончеви зраци за да излезат од своите живеалишта, но, за жал, нивната раздвиженост е забележана од страна на граѓаните во земјава. Исплашени, граѓаните најчесто реагираат бурно, па од страв најчесто ги убиваат змиите, иако кај нас најголемиот дел од змиите не се агресивни.
– Пред неколку дена во предградие во Струга ми излезе поскок. Бев со мали деца, а змијата одеше директно кон нив. Со камен бев принуден да ја утепам. Можеби тоа не е решението, меѓутоа сите ќе се сложите дека и не е баш сеедно кога ќе видите змија што се движи кон вас. Од паника и страв, верувам дека сите би реагирале исто – вели Филип Андоновски, кој бил на прошетка со семејството во Струшко.
За жал, ова не е единствена ситуација во која граѓаните изминатиот период забележале змии. И во главниот град ситуацијата е слична. И во парковите како што се Гази Баба, Градскиот парк, парковите во Ѓорче Петров, Сарај и Бутел, исто така е забележана раздвиженост на змиите. Некои од жителите што се навикнати велат дека воопшто не им обрнуваат внимание, меѓутоа дел навистина се во паника поради повторната појава на змии, иако според експертите, и змиите сакаат топло време и сонце, па тоа е единствената причина поради која зачестено се забележуваат. Појавата на змии не е забележана само во Скопје и во Македонија, туку и во соседните земји… и тамошните експерти исто како и овдешните велат дека змиите се љубители на топли сончеви зраци, па затоа и излегуваат, инаку одамна би биле во длабок зимски сон.
МАЛА Е ВЕРОЈАТНОСТА НА НАЛЕТАТЕ НА ОТРОВНА ЗМИЈА
Сепак, експертите велат дека во Скопје, особено во урбаните средини, нема отровни змии, па воопшто не треба да се плашиме од нив, ниту да креваме паника.
Според нив, кај нас има 16 вида змии, а само три вида од нив се отровни.
– Една од отровните змии што ги имаме е поскокот, змија што ја има насекаде. Во Скопје, во урбаните средини, речиси ја нема, меѓутоа ја има во парковите, на Водно, Гази Баба, Скопска Црна Гора. Она што го препорачуваме ние е при посета на овие места секогаш да се носат високи и дебели чевли, над глужд, бидејќи и да се обиде змијата да касне, нема да успее затоа што ќе се одбие од чевелот – изјави за „Нова Македонија“ Драган Арсовски, доктор по биолошки науки, член на Македонското еколошко друштво.
Според него, кога шетаат на вакви места, граѓаните треба да имаат широко отворени очи, бидејќи поскокот многу добро се камуфлира и може да биде тежок за препознавање, затоа што и тој е плен за птиците.
– Граѓаните да бидат внимателни кога шетаат со своите деца и миленици, бидејќи тие сакаат да истражуваат. Јас кога истражувам, секогаш носам дебели ракавици за заварување, бидејќи поскоците имаат мали заби и не можат да ги пробијат ракавиците, затоа што тие се со подебел материјал. Важно е да се знае дека поскоците сами не напаѓаат. Тие напаѓаат во случај да се чувствуваат загрозено, па и во тој случај, чекаат, не напаѓаат први, освен ако посегнеме по нив – вели Арсовски.
ПОСКОЦИТЕ НЕ СЕ СЕКОГАШ ОПАСНИ
Со оглед на тоа што изминатите денови низ земјава се забележани и змиите поскоци од кои некои се и отровни, експертите смируваат. Велат дека нивното каснување не е фатално и животозагрозувачко.
Според Арсовски, отровот од овие змии најчесто е безопасен, односно поскоците не секогаш пуштаат доволно количество отров.
– Вообичаено, пуштаат отров кога го јадат пленот, ако не го изедат, немаат потреба од толкаво количество отров. Секако, сето тоа зависи од тоа колку змијата се чувствува загрозено. Влијанието на отровот врз човекот, доколку биде каснат, исто така зависи од многу фактори – од самиот човек, од змијата, од сезоната. Вообичаено, каснатото место се подува, отекува, се случуваат некроза на ткивото, треска, гадење и температура – потенцира експертот за змии.
Во неодамнешна анализа што екипата на нашиот весник ја направи, докторката Милица Бубало, раководителка на брзата помош од Здравствениот дом – Скопје, истакна дека во случај на каснување од змија, екипите на брзата помош се подготвени на брза реакција.
– Екипите на брзата помош имаат противотров во случај да се пријави каснување од змија. Тоа е една од најургентните состојби и доколку се случи каснување, ние сме опремени и подготвени веднаш да дејствуваме. Во таков случај, луѓето вообичаено се јавуваат на 194 и ние веднаш постапуваме според процедурата – ни изјави таа.
Експертот за змии Арсовски потенцира дека многу е важно, доколку се случи каснување од змија, во таа паника и еуфорија, да се забележи каква е змијата, па дури, ако постои можност, и да се фотографира, за докторот да знае со што точно има работа.
– И смоковите касаат, но тие знаат на местото да пуштат малку крв и, вообичаено, на местото на каснувањето се познава вилицата на смокот. Кај поскоците, доколку каснат, се познаваат две дупчиња од забите на змијата. Кај многумина, при каснување се случува адреналинска реакција, која знае да пројави симптоми на отров, а змијата воопшто да не е отровна или, пак, да не пуштила отров – вели тој.