Домашните производители на струја со незаменлива трошковна карактеристика и најевтина енергија

Бидејќи во енергетиката нема брзи, краткорочни решенија, во решавањето на оваа енергетска криза, нашите основни производители на евтина, базна енергија, РЕК „Битола“ и „Осломеј“, недвојбено треба да продолжат со максималното производство!

Македонија ќе продолжи со модернизација и проширување на постојните капацитети за производство на базна енергија

Изјавата на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во Битола во врска со работењето на термоцентралите РЕК „Битола“ и „Осломеј“, дека „на нив нашата држава може да смета со децении“ и дека истите тие „ќе бидат донесени во кондиција да работат во полн капацитет“, звучеше исклучително охрабрувачки и за стопанството и за граѓаните. Тоа беше уште едно олеснување за јавноста и смирување на граѓанските и стопанските енергетски недоумици, бидејќи со изјавата на премиерот се отвори опцијата за помирно енергетско закрепнување и краткорочно, а и долгорочно.

За постигнување на трите клучни цели за енергетиката во Македонија, сѐ уште големи нејаснотии

Очигледно е дека сѐ уште во Македонија во неофицијалните кругови има големи нејаснотии, како и неопределености во врска со краткорочните, но и долгорочните стратегиски решенија, и тоа конкретно по најбитните прашања за тоа на кој начин да се постигнат трите клучни цели за енергетиката во Македонија.
Прво, обезбедување што поголемо оптимално домашно производство.
Второ, штедење на потрошувачката на електрична енергија, и во делот од стопанството и кај граѓаните, и трето, постигнување долгорочен соодветен раст на зелената енергија.
Што се однесува до првата клучна цел, „обезбедување што поголемо оптимално домашно производство“, за издвојување веднаш е дека „актуелните состојби, како и развиеноста на домашното производство на енергија и во Европа и во светот имаат големи разлики!“
Имено, има многу земји во Европа и во светот што имаат доволно домашна енергија, а што е уште поважно, имаат оптимална цена на таа енергија. Токму тоа го одржува нивното конкурентно сопствено, домашно стопанство, при што истото тоа е помалку подложно на енергетските турбуленции, односно потреси во Европа и во светот. Во втората група земји, а во врска со првата точка за гореспоменатото „обезбедување оптимално домашно производство на енергија“, некои држави имаат релативно издржливо домашно производство на енергија и релативно лесно ги решаваат дефицитите, и тоа со увоз на енергенти. А во третата група на земји, каде што спаѓа и Македонија, според горенаведениот критериум за „обезбедување оптимално домашно производство на енергија“, се оние држави што имаат релативно мало домашно производство на енергија и силна зависност од увозот на енергија и енергенти. Според енергетските аналитичари, за издвојување е дека во оваа група, има и две подгрупи:
– земји во развиениот дел на Европа што увозот на енергија го решаваат во рамките на нивниот регион и опкружување што е богато енергетски, при што тие земји полесно се справуваат со енергетската криза;
– и втората подгрупа на држави, неразвиени земји што при мали или средни придвижувања на енергетските пазари, паѓаат во тешка енергетска криза, а и со тоа во економска криза.

Различни динамики за развој на енергетските стратегии

Следствено на горенаведеното, за сите овие споменати групи земји, логично е дека енергетските стратегии во различните држави, во зависност од тоа во која група припаѓаат, а и од сопствените перформанси, енергетските стратегии им се развиваат со различни динамики. Богатите земји, од првата група, кои имаат поголемо производство на базна, евтина енергија, можат интензивно да ја развиваат зелената енергија, без да имаат посериозни кризни ситуации.
Земјите, пак, што имаат висок увоз на енергенти, мораат да ги приспособуваат своите стратегии за зелената енергија, во согласност со своите можности, развојот на зелената енергија да биде следен со развојот на базната (евтина) енергија, за да не си го доведат во колапс сопственото стопанство.
Затоа, за поздравување е охрабрувачката изјава на премиерот Ковачевски кога во Битола изјави дека носителите на базната енергија во Македонија, РЕК „Битола“ и „Осломеј“, ќе продолжат да бидат носители на базна енергија, во блиска иднина ќе бидат доведени во кондиција да работат непречено во полн капацитет, еколошки приспособени за колку што може повисок степен на почиста енергија, но со незаменлива трошковна карактеристика како најевтина енергија, со што може интензивно паралелно може да се развива и зелената енергија, без да се предизвикаат колапс на стопанството и неодржливи трошоци за енергија за граѓаните.
Тоа, всушност, реално претставува суштинска и тежишна насока за развој на македонската енергетска стратегија со динамика што дозволува во вакви кризни услови, стопанството да продолжи да работи, а граѓаните да можат да ги сервисираат своите сметки за потрошената електрична енергија во рамките на своите семејни буџети.

Македонија да продолжи да ја развива базната енергија

Во таквиот контекст, и токму затоа, Македонија треба да продолжи работи на истражување на полето на фосилните горива, модернизација на постојните капацитети за производство на базна енергија, како и развивање систем за увоз на јаглен, а особено од блиската околина. (Косовските резерви се проценуваат дека изнесуваат околу 24 милијарди тони јаглен).
За оваа излезна варијанта за Македонија, можеби противниците на идејата за користење на фосилните горива би го споменале проблемот со јагленот, аргументирајќи го својот став со коефициентот на емисија на стакленичките гасови. Иако како легитимен противаргумент постои нешто што е како факт несоборливо, а се однесува на еден споредбен приод на емисијата на стакленички и други гасови, каде што Македонија е во историски големо заостанување зад развиените земји.
Имено, Македонија произведува енергија од јаглен околу педесетина години. Токму во тој период од половина век, Македонија има исфрлено кумулативно гасови, можеби стотина пати помалку од оние во високоразвиените земји, кои производството на енергија од фосилни горива го користат од многу порано низ историјата. Тоа е аргумент за кој треба да се избори Македонија, која во споредба со развиените земји е со далеку помал „историски придонес“ при загадувањето на животната средина, и локално и глобално. Тоа е еден од аргументите за одбрана на тезата за либерализирано и поинтензивно производство на базна енергија во Македонија, со што би се отворило „прозорче“ за нашата земја за непречено да произведува од овој вид енергија, секако не занемарувајќи го развојот на производството на зелените енергии.

Како до ефикасно менаџирање на потрошувачката на електрична енергија

Бидејќи во енергетиката нема брзи, краткорочни решенија, во решавањето на оваа енергетска криза, нашите основни производители на евтина, базна енергија, РЕК „Битола“ и „Осломеј“, треба да продолжат со максималното производство, како и увоз на јаглен.
Земајќи го предвид енергетскиот биланс на Македонија, каде што повеќе од 30 отсто од клучната индустрија е на слободниот пазар, а сето домашно производство оди за граѓаните и за лесната индустрија, која во принцип работи за споменатата клучна индустрија (која е на слободен пазар), и ако се имаат предвид ценовните релации, каде што домашната цена на енергија е можеби од пет до шест пати пониска од увозната, Македонија мора да воведе задолжително штедење во потрошувачката, и на граѓаните и на стопанството. Уште поточно, државата треба да воведе ефикасни задолжителни механизми за менаџирање со електричната енергија, со прецизни критериуми и услови.
Ако државата успее да го направи ова, ќе се добие цена на електричната енергија со која, во ваква ситуација и сплет на околности, би можеле да преживеат и граѓаните и стопанството.
Оставајќи ја индустријата на цените што се во рангот од 400 до 500 евра по мегават, последиците и краткорочно и долгорочно се многу лоши: запирање и очекување банкроти на многу индустриски субјекти, како и работници и држава без елементарни и основни средства за нивните потреби и обврски.