Директорот на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје, на неодамнешната седница на Советот на Град Скопје, истакна дека со акцијата што јавното претпријатие ја започнало изминатиот период за наплата на заостанати долгови од страна на стопанството и домаќинствата се реализирани 310 договори во вредност од 22 милиони денари.
– ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, изминатиот период започна акција за наплата на заостанати долгови и за стопанството и за домаќинствата. Досега имаме реализирано 310 договори, дел за домаќинствата, дел за стопанството некаде во износ од повеќе од 22 милиони денари, што значи дека за околу четириесетина дена од почетокот на акцијата, во касата на јавното претпријатие во периодот што следува ќе се слеат околу 22 милиони денари – нагласи тој.
Перински нагласи дека, според постојната рамка за реконструкција, до 15 април
е планирана реконструкција на седум улици во четири општини во вредност од 40 милиони денари, како и дека со новата рамковна спогодба од 16 април е предвидено да се реконструира водоводната мрежа во вредност од 90 милиони денари, како и канализациската мрежа во вредност од 70 милиони денари.
Тој истакна дека во однос на планираните работни активности во следниот период, во согласност со постојната рамка за реконструкција, која е со важност до 15 април, е планирана реконструкција на седум улици во четири општини во вредност од 40 милиони денари.
– Во таа насока, во согласност со потребите на градот Скопје и на другите општини, со новата рамковна спогодба што ќе ја склучиме некаде по 16 април дополнително околу 90 милиони денари ќе ни бидат на располагање за реконструкција на водоводната мрежа и околу 70 милиони денари за реконструкција на канализациската мрежа. Така што, за оваа година имаме предвидено доволно средства, кои ќе ги обезбедиме и ќе можеме да одговориме на потребите на граѓаните речиси во сите општини – истакна Перински.