Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, синоќа давајќи отчет за сработеното најави дека оваа Нова година елката на централниот плоштад во Скопје ќе биде дигитализирана. Новата елка, заедно со „Винтерленд“ градоначалникот ги наброја како дел од напорите Скопје да го направи поатрактивна регионална дестинација.

– Лани кога го промовиравме Винтерленд наидовме малку на скепса, но потоа излезе дека тоа е место што треба да се посети. Лани нависнина немаше човек од Скопје а можеби од Македонија кој што немаше фотографија под новогодишната елка. Оваа година ќе биде малку и дигитализирана елката ама ќе ја видите. Ајде да не зборуваме и да не ги откриваме сите работи однапред – рече Шилегов.

Додаде дека во изминатите две години се случиле убави концертни настани и оцени дека е подигнато нивото на културата во главниот град.

Од минатата година, просторот околу елката е организиран како дел за храна и пијалоци, а граѓаните имаат можност да се дружат и да уживаат во понудата на околните куќички во новогодишната населба. Шилегов најави и дека е потврден е настап на Дино Мерлин за време на новогодишната ноќ.