На левиот дел од реката како за лек има само една канта за ѓубре - Фото: Дарко Андоновски

На едниот брег има клупи, спортски реквизити, кафулиња, има живот, додека десниот е неосветлен, има само трева, ѓубре и личи на пустелија на која владее мртвило

Во овие летни денови кој нема желба да прошета покрај кејот на Вардар, да побегне од секојдневието и да ужива во убавините на десниот брег на реката. Секој може да одбере што сака, да вози велосипед, ролери, да пешачи или да спортува на некои од реквизитите или едноставно да седне на некоја клупа и да ужива во жуборот на реката. Тука се и кафулињата близу градскиот стадион, дополнителни места за уживањето во разговор и кафе покрај реката.

Има сѐ на десниот брег на кејот и полно е со живот, а секогаш може и повеќе. Ама не е така на спротивниот брег од реката. Левата страна на кејот во делот од новата Градска куќа, па во продолжение е сосема пуста и без живот. Нема ниту клупи, ниту спортски реквизити, ниту кафулиња, ниту уреден брег. На тој дел како за лек има само една канта за отпад, места обраснати со трева, потоа има премногу ѓубре расфрлано на сите страни. Кејот што им е најблизу за рекреација на жителите од скопските општини Бутел и Чаир е сосема запуштен, неуреден, неосветлен и сосема непривлечен. Во делот на некогашните Француски гробишта речиси и неупотребливи се скалите, кои се краток премин за да се дојде до левиот брег или, пак, преку мостот да се премине на другата страна кај Градската плажа. Дури и да посакаат граѓаните, на пример, од Топанско Поле пеш да тргнат до Градскиот парк не ќе можат по најкраткиот пат од нивните домови до паркот. Местото навистина е сосема запуштено и неуредно, а најважно е што е неосветлено. Никој не се осмелува да помина низ таа темнина за да дојде на другата страна на паркот, каде што во вечерните часови работат и дискотеките. Токму затоа левиот брег е сосема неупотреблив за вечерни прошетки, за рекреација и за уживање на граѓаните покрај реката. Со години е така и како градските власти да се без идеја да се облагороди и левиот брег на Вардар.

Стариот полигон личи на депонија, скалите се преполни со ѓубре – Фото: Дарко Андоновски

– Велосипедските патеки, како и јавните површини на двете страни на реката Вардар, еднакво се третираат во согласност со програмите за уредување на просторот и комуналните проекти. На левата страна има поголем запоставен дел од поодамна и истото тоа е евидентирано, и во многу краток временски период предвидена е акција за расчистување на површините што водат од Калето кон реката – кратко одговорија од градот без да кажат конкретно дали има планови за некакви содржини, спортски реквизити и слично. Многумина би сакале да заблеска и левиот брег од реката, да заживее и да се облагороди и да стане вистинско шеталиште, како и десниот.

– Се случува некогаш цело друштво да отидеме до Градскиот парк или во некоја дискотека и да останеме до доцните часови. Имаше еднаш една ситуација, некако ги потрошивме сите пари и си рековме дека не ни треба такси, не ни е далеку да одиме пеш од паркот до дома. Бевме група машки и девојчиња и кога го преминавме мостот, навистина беше страшно, девојчињата се преплашија. Беше многу темно, неосветлено, мирисаше на урина по скалите и едвај поминавме да се искачиме на улицата под Калето. Никогаш потоа не помисливме да одиме оттаму пеш, ниту пак ете преку ден не одиме да трчаме покрај левата страна на Вардар или да возиме велосипеди. Ако поминуваме, тогаш се движиме по заобиколен пат откај објектот на Владата одиме надолу да се рекреираме на десниот брег од Вардар – објаснува Аце Илиев. И навистина местото од левата страна на Вардар личи на депонија, скалите се преполни со ѓубре, ризично е да се помине оттаму и дење поради висока вегетација.

Фото: Дарко Андоновски

Канделабрите не се во функција, а одамна е напуштен и запуштен и стариот полигон за обука на возачи. Слаба светлина на тој простор доаѓа само од осветлувањето од улицата под Калето. Двете страни на кејот навистина се како ден и ноќ. Ако се застане на мостот, кој ги соединува десната и левата страна на кејот, и се фрли поглед на двете страни, особено во викендите, ќе се забележи дека на десната страна е раздвижено и живо, а на левата сосема пусто. Само преку ден можеби ќе се забележи некој рибар на брегот. На левиот брег на Вардар постои само една асфалтирана патека по која речиси и никој не поминува, затоа што се плаши од пустелијата. Со години просторот е запуштен, а градот како воопшто и да не мислеше на разликите на двата брега на реката, па урбанизацијата некако одеше еднострано.