Претседателката Гордана Силјановска-Давкова упати сочувство до бугарската претседателка Илијана Јотова по трагичните верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“ во Бугарија, во кои загинаа 11 лица, а речиси 50 се повредени.
– Длабоко ме потресе веста за трагичниот верижен судир во близина на Зимница, на бугарскиот автопат ‘Тракија’, во кој животот го загубија повеќе од десет лица, а најмалку 48 се повредени – објави Силјановска-Давкова на социјалната мрежа „Икс“.
Претседателката упати искрено сочувство до Јотова, до семејствата кои ги загубија своите блиски, како и до граѓаните на Бугарија.
– Моите мисли се со сите погодени од оваа трагедија. На повредените им посакувам сила и целосно и брзо закрепнување – наведува Силјановска-Давкова во објавата.
Во меѓувреме, Министерскиот совет на Бугарија прогласи 11 ноември за ден на жалост во спомен на загинатите.
Двете тешки верижни сообраќајни несреќи се случија при густа магла, во близина на патниот јазол „Зимница“, недалеку од Јамбол. Во нив учествувале вкупно 86 возила, а според досегашните информации, загинале 11 лица, додека речиси 50 се повредени.
































