Фото: Маја Јаневска-Илиева

Трендот на намалување на ученици во основните училишта во општина Кичево продолжи и во штотуку започнатата учебна година. Најдобра потврда за тоа е бројот на запишани првачиња во деветте основни училишта во општината.

– И годинава како и претходните десетина години бројот на ученици во општина Кичево е во континуиран пад. Така бројот на ученици во прво одделение кои ја посетуваат наставата на македонски јазик оваа учебна година изнесува 139, во  исто време бројот на запишани првачиња на албански јазик изнесува 145. За да имаме целосна претстава за бројот на ученици, подготвивме рекапитулација со бројот на ученици во основните училишта во општина Кичево запишани од 2016-2017 до тековната учебна година- истакнуваат од општина Кичево .

– Така во 2016-2017 бројот на основци кои ја следат наставата на мајчин македонски јазик изнесува 220, во исто време настава на албански јазик посетуваат 181 ученик, додека на турски наставен јазик наставата ја следат 33 основци. Само една година подоцна бројот на првачиња кои ја следат наставата на македонски јазик опадна за 28 и изнесува 192, во исто време бројот на првачиња што следат настава на албански јазик опадна за 18 а бројот на првачиња што следат настава на турски јазик се преполови и изнесува само 16.

Во календарската 2018-2019 продолжи натамошниот тренд на намалување на новозапишани првачиња на македонски јазик. Во оваа учебна година запишани се само 175 првачиња на македонски јазик, во исто време се бележи пад и на запишани првачиња и на албански јазик а стагнира и на турски јазик кога се запишани само 15 првачиња .Во календарската 2019-2020 година продолжува надолниот тренд.Во оваа учебна година се запишани само 131 прваче на македонски јазик , 132 првачиња запишани на албански јазик и 19 на турски јазик – додаваат од општината.

На што се должи забрзаното намалување на првачињата во општина Кичево одговор побаравме од социологот  Д-р Садик Емроја.

– Сведоци сме на времето кога последните години имаме драстичен пад на бројот на првачиња во општина Кичево. Гледано од социолошки аспект оваа болна појава за иднината на државата  е резултат на економските политики, невработеноста, високите трошоци за живот и несигурноста на граѓаните во Р.С.Македонија. Овој алармантен тренд кој ја зафати целата земја тешко може да се запре во наредните години, кога ќе имаме затворање на повеќе училишта  во селата од општина Кичево што ќе придонесе поголем број просветни работници да останат без работа. Велиме дека има намалување на бројот на основци, но реално гледано бројот на ученици во деветолетките е многу поголем но заминувањето од татковината и миграцијата не натера, со жалење да констатираме дека ги празниме со првачиња нашите училишта а ги полниме училиштата во Европа, Америка и Австралија – нагласи професорот Емроја.