Македонски политичари, послушајте го народот, сигурно толку народ подобро знае од неколку политичари, кои во моментот некако се нашле на конкретна позиција. Поуката во дадените констелации мора да биде во смисла: полека, мудриот нема да влезе во ситуација каде што интелигентниот тешко може да се извлече
Втората светска војна главно се водеше на Европскиот континент. Победници во основа беа СССР (Советскиот Сојуз), Велика Британија, посредно САД (Соединетите Американски Држави) и сите прогресивни сили што се бореле против фашистичката и нацистичката идеологија. Државите што беа војнички поразени изгледа војната ја продолжија на економски и религиски основи. Како? Така што набрзо по војната се формира ЕЕЗ (Европската економска заедница) како зачеток на ЕУ (Европската Унија). Во составот главно влегоа т.н. поразени држави (некој ќе праша, а Франција?, одговорот е дека таа не беше победник). Тие иако потиснувани од т.н. победници брзо и силно економски напредуваа и се прошируваа само со држави што општествено, идеолошки и религиски им беа поблиски. Во моментот, кога (поради недоволните геостратегиски и геополитички познавања на Горбачов) се распадна Советскиот Сојуз, ЕУ почна да се проширува и со држави од Источна и од Југоисточна Европа (главно заради проширување на пазарот, религиска блискост, геополитички и геостратегиски причини спрема Русија). Така, на Балканскиот Полуостров останаа само државите што религиозно не се компатибилни со земјите од ЕУ (затоа околу 2000-та година рекоа дека тие се христијанско друштво и го поставија процентот 20 проценти население со исламска вероисповед). Во меѓувреме, поради недоволна компатибилност на економиите внатре, ЕУ се судира со некои од земјите од Источна Европа (на кои при нивното зачленување како услов им постави затворање на големите енергетски и индустриски капацитети, демек неповолни за животната средина), така што скептицизмот за проширување на Унијата е на највисоко ниво.
Во контекст на Република Македонија (а тука се и Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора) размислата на класичната ЕУ е дека на тој пазар (на Балканот), по логиката де бил де не бил, нашето влијание економски секако е присутно, религиски е некомпатибилно, воено и политички е под влијание на САД, културолошки повеќе со Русија, Турција и арапскиот свет, така што во такви констелации не ни се потребни такви држави што по примерот на Бугарија и други,можат да носат повеќе проблеми отколку корист.
Значи залагањето за членство во ЕУ на Република Македонија (и погоренаведените држави) е еднострана желба. Интересот на ЕУ јас го гледам само куртоазно, со цел овие земји да се држат на јаже и да не се дозволи да бараат друг пат за својот економски, политички и културолошки просперитет. Посебна причина (за држење на овие држави настрана од ЕУ) е инсталацијата во нив на милитаристички содржини, производни капацитети за наводни медицински цели, коруптивни процеси, узурпација на политичката власт, инсталации на нелојални, необразовани, релативно „сиромашни“ и поткупливи политичари, нефункционално судство итн.
Затоа, датумот за датум, за датум и датум за почнување разговори со Република Македонија прво го поврзаа со Албанија (и така добија нови три-четири години), потоа со договори за добрососедство и реперкусиите од нив, така што се добија португалски, германски и сега т.н. француски предлог. Предлогот, кој е така конципиран, ако се прифати (во контекст на содржините на самиот француски предлог и т.н. билатерални протоколи со Бугарија) значи самите да се откажеме од желбата за влез во ЕУ (со манипулации што дословно ги има објаснето академик Љупчо Коцарев).
Така ЕУ ни излегла во пресрет, но ние самите сме потпишале критериуми што прокламираат да се откажеме од македонски народ, од Македонци (кои, според членот 1 и членот 7 од Преспанскиот договор, се избришани), од македонски јазик, од македонска историја, македонска географија и македонска култура. Овие сегашниве политичари ќе ги снема (како што ги снема десетици политички мисионери до сега) и сите наредни ќе ни кажуваат, па вие сами сте потпишале ваков документ, што е проблемот, зошто сега не ги прифаќате поставените услови?
Во контекст на историјата (голем дел од конструкцијата на ЕУ) бара Македонија да ја менува светската историја, особено онаа поврзана со Втората светска војна и терминологијата што ја поставиле државите победници.
Затоа, решението на проблемот може да биде во смисла:
Таканаречениот француски предлог да не се потпишува во сегашната форма;
Република Македонија сака да биде членка на ЕУ, но достоинствено со македонски народ (некои го викаат само идентитет), Македонци, македонски јазик, македонска историја, македонска географија и македонска култура;
Заради политичка култура и комуникација, таканаречениот француски предлог да се побара да се редефинира и измени (без аспекти за билатерални протоколи), а потоа, прифатлив за македонскиот народ да биде разгледан и евентуално прифатен;
Да се прифати прекршувањето на Договорот за добрососедство од страна на Бугарија и истиот тој да се раскине;
Во отсуство на таков принцип и компромис Република Македонија ќе продолжи со соработката со ЕУ како и досега. Можеби соработката ќе се намали, но ќе чекаме подобри времиња, а за тоа време внатре ќе ги зајакнуваме државните, политичките, судските, економските, културолошките и другите капацитети.
Во рамките на можностите ќе бараме алтернативни решенија, а во тој процес заради интерес на поголемиот брат можеби ЕУ ќе побара да влеземе во нивното друштво слично како поради интересот да нѐ пикнат во НАТО. Можеби ќе се формира нова економска заедница од Полска до Јадран и Црно Море, каде што економиите се покомпатибилни, стандардот приближен итн.
Ако и тоа не се случи внатре во ЕУ и на светскиот поредок сигурно нешто ќе се случува и Македонија сигурно нема да биде изоставена. И Македонија има некое какво-такво стратегиско значење и подобро е дојденците да бидат во соработка со македонскиот народ отколку во судир со истиот тој.
Македонски политичари, послушајте го народот, сигурно толку народ подобро знае од неколку политичари, кои во моментот некако се нашле на конкретна позиција. Поуката во дадените констелации мора да биде во смисла: полека, мудриот нема да влезе во ситуација каде интелигентниот тешко може да се извлече.
Проф. д-р Благоја Маркоски
(Авторот е професор на Институт за географија, ПМФ – Скопје)