Денес во Кичево престојуваше евроамбасадорот Самуел Жбогар, во чија придружба беше и амбасадорката на Република Хрватска во земјава, Нивес Тигањ. Тие најпрво ги посетија центрите за средно образование „Мирко Милески“ и „Дрита“, каде остварија средба со вработените и директорите на овие училишта и каде наставата се одвива на три јазика македонски, албански и турски наставен јазик.
Потоа шефот на делегацијата на ЕУ и хрватската амбасадорка во земјава се сретнаа со градоначалникот на Општина Кичево, Фатмир Дехари. Во негова придружба го посетија Китиното Кале, каде што започна мегапроект за целосна реконструкција на овој локалитет во центарот на градот. По обиколката на некогаш култното место за граѓаните на Кичево, евроамбасадорот беше презадоволен од самиот простор и можностите што ќе ги понуди калето по завршувањето на овој проект.
– Денес ги посетивме двете средни училишта во градот, разговаравме за иднината на младите, како тие ги перцепираат проблемите во земјава и во иднина треба да се слушне и нивниот глас. На жителите на Кичево им го честитам почетокот на работите на калето. Со реконструкцијата на овој локалитет ќе се подобри туристичката понуда на Кичево, за што голем придонес дава и Европската унија со сретствата кои ги вложува во овој зафат. Самиот градоначалник има многу идеи за нови проекти и бев одушевен од амфитеатарот на калето, каде ќе може да се прикажуваат филмови од други земји со други култури. Калето ќе понуди многу можности за летен провод на неговите граѓани и нивните гости – изјави меѓу другото евроамбасадорот Самуел Жбогар.
Хрватската амбасадорка беше одушевена од убавината на калето и можностите кои ќе ги нуди овој локалитет по завршувањето на проектот.
– Првпат сум во овој град и сум одушевена од виденото. Најпрво сум презадоволна од посетата на двете средни училишта каде наставата се одвива на повеќе јазици. Учениците покажаа голема доза на познавање, но и критички осврт кон состојбите во Македонија. Им честитам на локалните власти за проектот на Китиното Кале. Ветувам дека на лето ќе организираме и еден културен настан на овој локалитет по завршувањето на работите – рече хрватска амбасадорка Нивес Тигањ.
Градоначаникот Фатми Дехари им се заблагоради на гостите за ангажманот кој го имаат во оваа општина и интересот кој владее кај нив за развој на градот и општината.
– Голема благодарност на евроамбасадорот за подршката на нашата општина, за проектот на Китиното Кале што е финансиран од Светска банка. Овој проект ќе им служи на сите негови жители по неговото завршување кое наскоро ќе се случи. Ви благодарам за посетата на нашите училишта каде наставата ја следат повеќе националности и истата се одвива на три наставни јазика – рече градоначалнико Дехари.