Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева денеска е разрешена од функцијата.
На денешната седница на Судскиот совет настана расправија откако Дамева одби да стави точка на гласање која ја немаше во дневниот ред. Нејзиниот заменик Селим Адеми повика на гласање за нејзно разрешување, при што седум члена го поддржаа, по што тој констатира дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.
Од Судскиот совет за МИА потврдија дека утре во 11 часот ќе се одржи седница за избор на нов претседател.
Дамева побарала да се констатира дека ѝ е одземено раководењето со седницата иако таа е присутна.
– Претседателот, иако е во салата, заменикот самоволно му го одзема раководењето и става точка на дневен ред. Јас сум ваш заложник и на луѓето што ви дадоа налог за седницата да се прекине – рече Дамева.
– Ви благодарам многу, ме спасивте мене, оваа одлука е противзаконска. Но, нечии желби треба да бидат исполнети. Со гласање од седум гласа, каде што нема утврдено ниту основ за разрешување ниту број на гласови со кои се носи одлуката, ме разрешуваат… Ова не знам како ќе заврши, освен што одредени лица од политиката ќе бидат задоволни од ова. Судскиот совет се вклучи во анархија. Сè излезе од контрола. На мое присуство ми зеде право на збор. Избор се прави со осум гласа, а се зема мандат со седум гласа – додаде Дамева, посочувајчи дека многу работи ќе бидат уште полоши.
Весна Дамева беше избрана за претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска во декември минатата година