Фото: МИА

Во параклисот на манастирот Прохор Пчински во Република Србија денеска е поставена спомен плочата за одржувањето на ова место на првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, јави дописникот на МИА од Белград.

Двојазично, на македонски и на српски јазик, пишува „На 2 август 1944 година на ова место е одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија, каде народните избраници донесоа историски одлуки со кои се воспостави државност и самобитност на македонскиот народ изразувајќи ја својата определба да живеат заедно со народите на Југославија“.

На ова место денеска државно-црковна делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, пратениците во Собранието, Мирослав Јовановиќ и Лидија Тасевска, Кумановско-осоговскиот митрополит г. Григориј и Епископот Стобиски г. Јаков, како претставници на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како и претставници од Сојузот на борците на НОБ ќе постават венци.

Од српска страна, на чествувањето ќе присуствуваат министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ и Епископот врањски г. Пахомије, како претставник на Српската Православна Црква.


Оддадена почит и положено цвеќе на гробот на Никола Карев

Со почит и поклон пред вечното почивалиште на претседателот на Крушевската Република Никола Карев во Македониумот на Гумење во Крушево почна денешното одбележување на големиот Илинден и на 119-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република.

Пред гробот на Карев цвеќиња и венци положи делегација на Владата предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во која беа и заменик-претседателката на Владата Славица Грковска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Фото: МИА

Пред гробот на Карев се поклонија потомците во семејството Кареви, а почит оддадоа и делегација на Собранието предводена од потпретседателот Горан Мисовски, делегација од кај претседателот на Македонија, делегација на Армијата, предводена од генерал-мајор Азим Нуредин, заменик-началник на Генералштабот, од градот Крушево, од манифестацијата „10 дена Крушевска Република“, претставници од дипломатскиот кор, институции, здруженија и политички партии.

Почит им беше оддадена на загинатите Илинденци пред споменикот во месноста Слива, а панихида за загинатите востаници се одржува во црквата „Св. Никола“ во центарот на Крушево.

Централното одбележување на Илинден е напладне на Мечкин Камин каде ќе се обрати премиерот Димитар Ковачевски.