Во Мешаниот парламентарен комитет – Македонија и ЕУ, бугарските европратеници со безочни провокации

Примерите во Мешаниот парламентарен комитет – Македонија и ЕУ наведуваат само на една логична констатација – дека бугарскиот наратив нема да се промени дури ни при евентуално вметнување на Бугарите во македонскиот устав и дека низ преговарачкиот процес провокациите и условувањата само ќе се засилуваат. До кога Унијата ќе биде толерантна на таквите ерозии на демократијата, меѓународното право и поткопувањето на темелите на ЕУ?

Од друга страна, можеби и поради ваквите бугарски настапи може причините за сè позачестената реторика да се бараат тука, во земјава, да не се брза и политичарите, наместо кон постојано правење отстапки, да се свртат кон реформи и решавање на проблемите на македонските граѓани

Бугарија продолжува да го засилува притисокот врз Македонија на сите полиња. Се потврдија предупредувањата искажани од поголем дел од македонските интелектуалци, но и голем дел од јавноста, дека без оглед на сите отстапки од македонска страна, уцените и провокациите од страна на Софија ќе продолжат со несмален интензитет и дека дополнително ќе се интензивираат.

Најдобра потврда за тоа е неодамнешната дебатата во Мешаниот парламентарен комитет – Македонија и ЕУ, на која наместо да се дискутира за добрососедски односи, реформи и регионална соработка во услови на криза, бугарските европратеници продолжија со историски провокации, без оглед што на дневниот ред беа многу посуштински прашања важни за граѓаните на двете земји.

Тоа говори дека Софија сè почесто ќе ги употребува алатките што ги доби од страна на Европската Унија кога дозволи вметнување билатерални прашања во европската преговарачка рамка, така што сега Бугарија секој можен настан ќе го користи да ја наметне бугарската позиција и за идентитетот и за јазикот и за историјата на македонскиот народ, истовремено затскривајќи се зад некакви „европски вредности“.

Бугарските европратеници којзнае по кој пат ја обвинија Македонија за постојани провокации и кражба на бугарската историја и култура, додека европратеникот Ангел Џамбаски обвини дека пописот во Македонија бил фингиран за да се прикаже незначителна бројка на Бугари во земјава.

Ваквите примери наведуваат само на една логична констатација, дека бугарскиот наратив нема да се промени дури ни при евентуално вметнување на Бугарите во македонскиот устав и дека низ преговарачкиот процес провокациите и условувањата само ќе се засилуваат.

Од друга страна, можеби и поради ваквите бугарски настапи може причините за сè позачестената реторика да се бараат тука, во земјава, да не се брза со отстапките кон Бугарија и политичарите да се свртат кон реформи и решавање на проблемите на македонските граѓани, наместо да ѝ удоволуваат на Софија на штета на македонските национални интереси, а без извесна европска иднина.
– Тоа што се случи на Мешаниот комитет е симптом или најава за насоката во која може да се движат преговорите со ЕУ во заложништво на бугарските националистички позиции. Преговарачката рамка, како што многупати претходно предупредивме, ја остави вратата отворена за бугарски настап за кој сведочевме на неодамнешниот состанок на Мешаниот парламентарен комитет – вели Марко Трошановски, претседател на институтот за демократија „Социетас цивилис“.

Тој смета дека актуелната политичка констелација во Бугарија наведува на заклучокот дека и во следните години официјална Софија ќе ја продолжи политиката на притисок кон Македонија користејќи го преговарачкиот процес.
– Повторно политичката констелација во Бугарија ќе биде главна детерминанта како Бугарија ќе настапува кон нас во текот на преговорите и верувам дека промените на политичките елити ќе носат и промени во бугарскиот пристап кон преговорите, од конструктивен до пристап на притисок. Моментално и во наредните неколку години, имајќи ги предвид фрагментацијата и поларизацијата на гласачкото тело и партиските односи во Бугарија, верувам дека тоа ќе биде политика на притисок – нагласува Трошановски.

Според него, Македонија во секој случај треба да продолжи со реформскиот процес, без оглед на бугарските провокации, но тој изразува скептичност за политичките капацитети во земјава да ги спроведат потребните реформи.
– Ние секако треба да си продолжиме со реформските процеси, без оглед на фазите или напредокот во пристапниот процес со ЕУ, но тоа е невозможно да се изведе со оглед на капацитетот на политичките елити кај нас и она што досега го покажаа во смисла на безусловна посветеност на јавен интерес – заклучува Трошановски.