Фото: Игор Бансколиев

Голем проект и мала загатка за регионалната депонија на 18 општини во Југозападна Македонија

Доколку сѐ оди според планот, наскоро сметот од 18 општини во Југозападниот Регион во Македонија ќе се складира и преработува во атарот на Новаци, каде што, според проектот, треба да се изгради регионална депонија за складирање и преработка на смет. Оваа вест би требало да ги израдува граѓаните на целиот Југозападен Регион, бидејќи тоа би значело решавање на едно суштинско прашање, кое им нанесува многу главоболки на сите.
Но интересно е дека оваа иницијатива, која не е ни прва ни нова, во последно време наместо да биде промовирана од страна на Општина Новаци, сѐ почесто е промовирана од градоначалниците на Охрид и на Струга. Градоначалниците на Струга, Рамиз Мерко, и на Охрид, Пецаков, веќе не кријат дека проблемот со складирањето на отпадот во нивните општини е веќе решена работа и дека сметот од овие два града ќе се складира и преработува во депонијата близу Новаци.

Многу задоволни, но новачани и битолчани – незадоволни

Но она што е уште поинтересно и поинтригантно, според зборовите на жителите на Новаци, е дека надвор од очите на јавноста, без никаква јавна расправа и дебата, на седница на Советот на градоначалниците од Југозападниот Регион е донесена ваквата одлука – во атарот на Новаци да се изгради регионална депонија за складирање и преработка на смет. Оттаму, наспроти задоволните охриѓани и стружани од ваквиот заклучок, затечени и изненадени се жителите на Новаци, каде што треба да биде изградена депонијата, и на Битола, градот низ кој треба да поминуваат камионите за транспорт на сметот.
Вреди да се истакне дека во насока на решавање на проблемот за складирање на цврстиот отпад, уште пред 17 години општините од Југозападниот Регион донесоа одлука за изградба на централна санитарна депонија, на локацијата помеѓу прилепските села Алинци и Веселчани. За таа цел беше формирано и меѓуопштинско јавно претпријатие „Тополчани“, кое требаше да го спроведе процесот на собирање и депонирање на отпадот. Тогаш беше направена пресметка дека вкупната вредност на проектот ќе изнесува 20,8 милиони евра.
Десетина странски компании беа заинтересирани за вклучување во процесот на менаџирање, меѓу кои и француската „Вивенди“. Но по завршувањето на локалните избори и промената на власта во 2005 година, проектот беше стопиран. Пет години подоцна, поточно во 2010 година концептот за интегрирано регионално управување со отпадот повторно беше актуализиран. По налог на ЕУ, направени беа повеќе истражувања, од кои произлезе намерата депонија да се гради во Општина Новаци и во неа отпадот да го депонираат шест општини: Прилеп, Битола, Могила, Новаци, Ресен и Крушево. Подоцна проектот за изградба на регионална депонија во атарот на Алинци и Веселчани беше ставен ад акта, па во 2017 година беше промовиран проект за изградба на регионална депонија во Новаци. Иако овој проект во 2017 година од страна на Општина Новаци бил „поддржан“, наводно, на некоја неформална конференција, до ден-денес ништо не е направено на тој план. Сега, со најновиот проект, бројот на општините што би складирале смет во депонијата Новаци е зголемен и проширен за уште 12 града.

Проектот за депонијата проширен и модернизиран

Според најновиот проект, новата регионална депонија во Новаци ќе биде сместена наспроти постојната депонија Мегленци, со која моментно управува ЈП „Комуналец“ – Битола. На оваа локација претходно РЕК „Битола“ експлоатираше јаглен. Тука, според сите планови, би се собирал сметот од сите 18 општини и би се третирал во фабриката за преработка на сметот. Трошоците за изградба на регионалната санитарна депонија во Новаци и за набавка на потребната опрема за санитарно депонирање на отпадот се во вредност од околу 22 милиони евра, од кои најголемиот дел ќе се употребат за изградба на депонијата, велат од Министерството за животна средина. Финансиските средства за воспоставување на овој систем за управување со отпадот се обезбедени преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Со овој регионален систем за управување ќе бидат опфатени и општините Охрид, Дебар, Струга, Кичево, Прилеп и Битола. Во проектот се планира секоја од вкупно 18-те општини да го собира отпадот на својата територија со помош на јавните комунални претпријатија. За тоа како ќе се складира сметот и како ќе се транспортира и преработува јавноста не е информирана. Жители на Битола и на Новаци со право се прашуваат како ќе се регулира транспортот на отпадот и сметот, кој мора да поминува низ двете општини. Со ова сообраќајно решение какво што е сега, тоа е речиси невозможно, бидејќи улиците во Битола, а и патот што води до Новаци се буквално претесни и непроодни за да ги прифатат камионите полни со смет од соседните градови Прилеп, Крушево, Охрид, Кичево, Струга, Дебар.
Жителите на двете засегнати општини реагираат дека доколку транспортот со сметот се одвива како што сега се прави во Битола и во Новаци, тогаш половина од ѓубрето би се „расфрлало“ по битолските улици. Оттаму со право се наметнува прашањето за изградба на заобиколен пат по кој би врвеле камионите и би го транспортирале сметот од депонијата кај Мегленци.
– Доколку би се градела регионалната депонија прво што мора да се направи е да се изгради нов заобиколен пат, кој би почнувал кај клучката во селото Крклино и би се движел низ Пелагонија до излезот кај РЕК „Битола“ на патот за Мегленци – вели градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски.
Битолчани, а и новачани велат дека мора да знаат што сѐ предвидува овој регионален проект, до најситен детаљ. Без сеопфатна и конструктивна расправа и научна дебата никој не треба ни да помисли да реализира вакви проекти, кои на жителите од овој регион им се нудат над 20 години. Битола, а и Новаци не смеат да бидат претворени во претоварни станици за селектирање и складирање отпад. Жителите на овие две општини во голема мера во изминатиот период беа затруени од неадекватното собирање и складирање на отпадот.

Депонијата треба да биде „фабрика што ќе го селектира и рециклира отпадот“

Затоа најголемиот број од нив велат дека Македонија иако е мала земја, сепак, е доволно голема за да се најдат други локации каде што би се складирал и преработувал отпадот, без да им се загрозува здравјето на граѓаните. Во спротивно доколку тоа се прави на нивна штета, такви „европски еколошки проекти“ не им се потребни, па дури и кога тие би биле изградени на трошок на ЕУ, велат жителите на овие две општини.
– Депонија треба да си има секој град, а не централни депонии. Да се изгради депонија во најплодното и најголемо земјиште во Македонија – Пелагонија, е вистинска лудост – велат тие.
Граѓанските активисти за почиста животна средина се сомневаат дека со регионалната депонија ќе се работи по стандарди и дека нема да ја влоши и онака лошата слика со загадувањето на воздухот, почвата и подземните води. Од Општина Новаци потсетуваат дека проектот за регионална депонија е започнат во 2004, но до ден-денес не е ништо конкретно преземено.
– Точно е тоа дека Општина Новаци се јавува како општина на чија територија е планирано да се изгради регионалната депонија. Таа во суштина би требало да биде фабрика што ќе го селектира и рециклира целокупниот отпад. Притоа, органскиот отпад ќе биде подложен на процес на анаеробна ферментација од што би се добил биогас, кој би се користел за производство на електрична енергија, а остатокот ќе се селектира на посебен начин и ќе се пренасочува на финална рециклажа онаму каде што е наменет – вели градоначалникот Стевановски. Тој потврдува дека жителите на оваа општина во јули 2017 година на јавна расправа биле прашани за депонијата и дале зелено светло.
– Според она како што е замислена да функционира регионалната фабрика за рециклирање на отпадот, која треба да ги задоволува сите ЕУ-регулативи за модерна депонија, загадувањето ќе биде сведено на минимум, за разлика од она што сега се случува со депонијата Мегленци, која не задоволува никакви стандарди и услови и екстремно ја загадува животна средина во Пелагонискиот Регион – додава Стевановски.