Кога ќе се наведат примерите дека Хрватска, која неколку години подоцна ја потпиша спогодбата, веќе осум години е членка на ЕУ, а Србија и Црна Гора барем го имаат започнато процесот на преговори, иако во годината кога Македонија ја потпиша спогодбата сѐ уште беа една држава, логички водат до прашањето колку условите што ѝ се поставуваа(т) на Македонија во овие 22 години, наводно за реформско усогласување со вредностите и стандардите на ЕУ, имаат допирни точки со Спогодбата за асоцијација и стабилизација
ЕУ да ја врати довербата од времето на потпишувањето на Спогодбата
за асоцијација и стабилизација
Дваесет и две години по потпишувањето на Спогодбата за асоцијација и стабилизација со ЕУ, во петокот во Скопје се одржа 16-от состанок од овој формат меѓу Македонија и ЕУ. И по 22 години, граѓаните на Македонија добија порака од високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, дека „иднината на Македонија и на нејзините граѓани е во рамките на Европската Унија и оти само заедно сме силни да се соочиме на тешките геостратегиски околности во кои се наоѓаме“… Евроамбасадорот за проширување Оливер Вархеи нагласи исто така дека е важно државата да не забави, туку да ја забрза својата работа на реформите… Македонскиот премиер Димитар Ковачевски го оцени состанокот како успешен и истакна дека нема сомнеж дека Македонија оди по европскиот пат.
Сите тројца (Борел, Вархеи и Ковачевски) на состанокот му придадоа историска димензија, зашто за првпат се одржал во Скопје, а претходните се одржувале во Луксембург и во Брисел, со што всушност претставниците на ЕУ сакале да покажат „колку го цениме прогресот на Македонија на нејзиниот европски пат“.
Пред 22 години, или дури пред 19, кога стапи во сила на 1 април 2004 година Спогодбата за асоцијација и стабилизација, ваквите пораки од европските претставници би звучеле аргументирано и мотивирачки. Но кога ќе се потсети на фактот дека Македонија всушност прва во регионот ја потпиша оваа спогодба, а сѐ уште не ги ни започнала ефективно преговорите за членство во Унијата, таа констатација наметнува сосема поинакви прашања за целисходноста на целиот процес за асоцијација и стабилизација. Уште кога ќе се наведат примерите дека Хрватска, која неколку години подоцна ја потпиша оваа спогодба, веќе осум години е членка на ЕУ, а Србија и Црна Гора барем го имаат започнато процесот на преговори, иако во годината кога Македонија ја потпиша спогодбата сѐ уште беа една држава, логички водат до прашањето колку условите што ѝ се поставуваа(т) на Македонија во овие 22 години, наводно за реформско усогласување со вредностите и стандардите на ЕУ, имаат допирни точки со Спогодбата за асоцијација и стабилизација.
Спогодбата за асоцијација и стабилизација (САС) политичка рамка што донесе верба и надеж и за Македонија и за ЕУ
Спогодбата за асоцијација и стабилизација (САС) ја претставува рамката за спроведување на договорните односи, сѐ до приемот на Македонија во Европската Унија.
– Спогодбата за асоцијација и стабилизација во суштина нема многу врска со политичките критериуми за преговори и членство во Европската Унија. Тоа се повеќе технички стандарди што треба да се постигнат низ реформските процеси на земјите што претендираат за членство во Унијата, од економско-финансиско и правно усогласување на системите. А ние, како Македонија, целово ова време сме заглавени поради политички условувања. Процесот на стабилизација и асоцијација не е замислен да биде замена за членство во Унијата, но со него се дефинира рамката на соработка меѓу одредена земја, која сѐ уште не е членка, со Европската Унија, на финансиски и на политички план. Претходно, процесот на асоцијација и стабилизација завршуваше со почетокот на преговорите, но сега продолжува сѐ до конечниот прием на земјата во ЕУ, иако во некои сегменти процесот се испреплетува со преговорите. Процесот на асоцијација и стабилизација, вкупно имаше два дела, а ние пред четири години влеговме во тој втор дел на пазарна либерализација, со што македонските граѓани можат легално да учествуваат на европскиот пазар, односно да купуваат имот и акции во ЕУ, што претходно не беше возможно. Процесот на стабилизација и асоцијација е паралелен со оној на преговорите и не застанува, а клучните услови во него се реформските процеси, кои треба да ја подготват државата за членство во Унијата и немаат многу допирни точки со политичките услови што ѝ се наметнуваат на Македонија на европскиот пат – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Во 2001 година, Спогодбата за асоцијација и стабилизација (САС)
имаше многу важна политичка порака и од Македонија и од ЕУ
Професорката Ида Мантон, советничка за решавање конфликти и меѓународни преговори, пак, смета дека колку и да се „технички“ критериумите од Спогодбата за асоцијација и стабилизација, самото потпишување во 2001 година имаше многу важна политичка порака и од Македонија и од ЕУ, дека се стремиме кон исти принципи и вредности.
– Од 2001 година во Македонија се случија големи политички промени и уште повеќе политички компромиси, токму во името на европските вредности и стандарди, кон кои покажавме дека сме решително насочени, токму со потпишувањето на Спогодбата за асоцијација и стабилизација. Во тоа време, кое беше многу турбулентно во Македонија, таа спогодба претставуваше важен политички договор за нас, со кој искажавме дека сме цврсто насочени кон вредностите и критериумите на ЕУ, за што сме подготвени на трансформација на општеството, а подготвени сме и на компромиси на тој европски пат. За овие 22 години направиме многу компромиси, дури и жртви со кои е сериозно загрозено национално-идентитетското дефинирање на Македонија со многу спорни отстапки со кои се засегнати принципите на основните човекови права и на меѓународното право, со надеж дека ќе добиеме резултати во вид на напредок за нашите европски интеграции. Би било убаво, по сите жртви и компромиси да добиеме некаков позитивен резултат и исчекор од ЕУ, наместо нови барања за отстапки од Македонија. Правиме многу политички жртви за да ја покажеме и докажеме нашата европска ориентација. Сега сме во фаза, кога Македонија во некои сегменти на демократските стандарди, особено во делот за мултиетничко општество и правата на малцинствата, е многу поевропска држава од земји-членки на ЕУ, кои постојано ни го блокираат европскиот пат. Од друга страна, пак, македонските политичари во тој процес на чекорење кон ЕУ сметаат дека чекорењето по „полесниот пат“ ќе даде побрзи резултати, постојано прават компромиси, но не си ги завршуваат реформските домашни задачи, па им даваат аргументи на оние што не сакаат да нѐ видат во ЕУ, со сѐ поочигледната корупција во Македонија и контроверзните резултати во владеењето на правото. Вербата и желбата за европската иднина на Македонија, од времето на потпишувањето на Спогодбата за асоцијација и стабилизација, се сериозно разнишани, а во тој поглед ЕУ треба да преземе порешителни и принципиелни исчекори за враќање на својата веродостојност, наместо да игра на картата за притисок за нови отстапки од Македонија – вели Ида Мантон, советничка за решавање конфликти и меѓународни преговори.