Џафери и во многу наврати претходно на свој начин толкуваше многу одредби од Деловникот, а во одредени моменти дури си додели и улога на „уставен експерт“, толкувајќи што е во согласност со Уставот, а што не. Знаеше да се појави и на партиските собири на ДУИ, иако тоа е спротивно на Уставот, кој не дозволува спојување на функцијата претседател на Собранието со вршење друга јавна функција, професија или функција во политичка партија. Упатуваше пцости кон вработени во Собранието, ги заклучуваше пратениците, говореше на албански јазик на меѓународни државни средби, чуваше иницијативи во фиока, така што беспричинското прекинување на петочната седница не е никакво изненадување
Претседателот на Собранието продолжува со слободна интерпретација на Уставот, законите и на Деловникот
Започна новата работна недела, но во јавноста и натаму не стивнуваат реакциите по петочната седница на Собранието на која се расправаше за уставните измени и која по усвојувањето на дневниот ред и по расправата за единствената точка, претседателот на Собранието, Талат Џафери, едноставно ја прекина без никакво образложение.
– Бидејќи е исцрпена листата на пријавени за збор констатирам дека претресот е завршен. Овде ја прекинувам работата со оваа седница за продолжувањето ќе бидете дополнително известени – порача Талат Џафери.
Првиот парламентарец уште еднаш покажа дека кога се работи за почитување на собранискиот деловник, тој изнаоѓа „креативни марифети“ на кој начин да ги изигра законските процедури секогаш кога треба да се добие во време.
По завршувањето на претресот следува гласање, така предвидува Деловникот
Така беше и овој пат, откако заврши претресот по единствената точка на дневниот ред на 123. седница – Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, Џафери ја прекина седницата и најави дека за нејзиното продолжение дополнително ќе ги информира пратениците.
Собранискиот деловник е јасен, односно врз основа на членот 196 став 3 од Деловникот, одлуката за пристапување кон измена на Уставот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Врз основа на членот 196 став 1 од Деловникот, по предлог за пристапување кон измена на Уставот се води претрес најмногу 10 работни дена, по што следува гласање. Со оглед дека претресот по точката за уставните измени заврши на истата седница, беа присутни доволен број пратеници, односно сите услови беа исполнети, Деловникот предвидува гласање по точката со двотретинско мнозинство, констатирање на исходот од гласањето и заклучување на седницата.
Со прекинувањето на седницата, иако претресот веќе заврши, за целата јавност веќе нема никаква дилема дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе се турка по секоја цена и дека, всушност, се потврдија зборовите на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој неодамна изјави дека борбата за обезбедување двотретинско мнозинство ќе трае до крајот на мандатот на ова Собрание, иако цела година претходно даваше рокови што еден по еден минуваа, а двотретинското мнозинство го немаше.
Дека прекинот на собраниската седница е добро координиран потег меѓу Владата и собранискиот спикер стана јасно уште на почетокот на месецот кога Џафери јасно кажа дека по завршување на претресот, гласањето за потребата за уставни измени може да биде одложено, а ако нема услови, воопшто и да не се случи, со што постапката за уставни измени завршува.
Сите „слалом возења“ на собранискиот спикер низ правните акти на позитивното право
Џафери и во многу наврати претходно на свој начин толкуваше многу одредби од Деловникот, а во одредени моменти дури си додели и улога на „уставен експерт“, толкувајќи што е во согласност со Уставот, а што не. Знаеше да се појави и на партиските собири на ДУИ, иако тоа е спротивно на членот 67 од Уставот, во кој јасно стои дека функцијата претседател на Собранието е неспоива со вршење друга јавна функција, професија или функција во политичка партија.
Во мај минатата година собранискиот спикер вербално и со пцости ги нападна службениците во законодавниот дом, нарушувајќи го угледот на функцијата претседател на Собранието, што во согласност со законите има обврска да ја брани и чува. Ако на тоа се додаде личната одлука да се затвораат вратите за пратениците, да се повикува обезбедувањето, сликата што се остава за неговата работа е далеку од идеална, а уште повеќе далеку од законска.
Во јуни 2021 година, Џафери повторно го прекрши македонскиот устав кога на Комитетот за надворешни работи во Брисел во рамките на самитот „Европски парламент – Западен Балкан“ се обрати на албански јазик, имајќи предвид дека македонскиот јазик и неговото кирилско писмо според Уставот е службен јазик, како на целата територија во државата така и во меѓународните односи.
Кога првиот парламентарец тера партиска агенда спротивно на законите, Деловникот и Уставот, тогаш и работата на самото Собрание ќе биде далеку од некакви европски критериуми, за што веќе и стигна првиот негативен извештај од Европската комисија минатата година.
Спикерот треба да форсира ефикасно и продуктивно собрание
Сите овие примери јасно говорат дека Џафери го раководи Собранието онака како што нему му одговара, со слободно толкување и на Деловникот и на законите. Прекинувањето на седницата за уставни измени без можност пратениците да гласаат по затворањето на претресот е само уште една потврда за самоволието на првиот парламентарец.
– Претседателот на Собранието, по завршувањето на претресот на единствената точка на дневниот ред, мораше да овозможи гласање по таа точка бидејќи во собраниската сала имаше доволен број на пратеници и тоа можеше полноважно да одлучува. Вака само уште еднаш се потврди дека Собранието е обичен сервис на Владата, наместо да биде обратно – велат соговорниците со кои се консултиравме, а кои се добри познавачи на Деловникот и на собраниските практики.
Според нив, во целата оваа работа има добра координација меѓу Владата и првиот парламентарец и одложувањето на петочната седница е со една и единствена цел, само купување време.
– Функција на секој парламент е да одлучува брзо, ефикасно и во полза на државата и граѓаните. Ако е јасно дека нема двотретинско мнозинство за уставни измени, ако е уште појасно дека мнозинството од македонскиот народ, односно мнозинството од оние што им го дале легитимитетот на пратениците се против нови измени на Уставот, тогаш задача на собранискиот спикер е целата процедура да ја заврши во согласност со Деловникот, односно да овозможеше гласање по завршувањето на претресот и да се посвети на подготовка на други седници на кои ќе се носат одлуки важни за граѓаните. Вака Собранието е само обичен владин извршител, што е недозволиво во една земја што себеси се декларира како парламентарна демократија и која претендира да биде членка на Европската Унија – заклучуваат соговорниците.
Класична злоупотреба на функцијата и купување време
И за професорката Мирјана Најчевска нема никаква дилема дека претседателот на Собранието ја злоупотребил својата функција така што се ставил во служба на Владата, а не на страната на Деловникот.
– Ова е измотавање со демократијата и злоупотреба на позицијата претседател на Собранието од страна на Џафери. Ако закажеш седница ќе си ја држиш до крај, сè до гласањето за точката која е на дневен ред. Од 2001 година наваму нема трага од демократија – нагласува Најчевска.
Многу поостар во оцената зошто Талат Џафери го одложи гласањето по точката за уставни измени е поранешниот министер за финансии и актуелен коментатор на политичките збиднувања во земјава Џевдет Хајредини, кој смета дека само се купува време да се продолжи со злоупотребите.
– Не е точно дека гласањето е одложено за обезбедување на потребното двотретинско мнозинство за влез во ЕУ. Одложено е за да можат уште некое време, од „некои пријатели“ бесплатно на користење да добиваат некое скапо „ауди“, без да платат да станат сопственици на акции во некој трговски центар во Скопје, како „Соравија“, некој „непознат пријател“ да им плати 20.000 евра за една ноќ во луксузен хотел во Истанбул, да не одговараат за криминал и корупција во државни органи и јавни претпријатија, да ги вработат своите блиски роднини и пријатели, службените автомобили да ги користат за приватни потреби, во „своите“ канцеларии да се рекреираат играјќи мал фудбол и кошарка, огнено оружје да употребуваат кога отвораат изборни кампањи или слават победи и кога се веселат на свадби, да добиваат шанса обвинители и судии да станат без да ги положат сите испити на правниот факултет – наведува Хајредини.
Универзитетската професорка Билјана Ванковска смета дека со прекинот на седницата, целата работа е ставена на чекање.
– Македонија е ставена на стендбај, а сите ѓаволи си ги покажаа рокчињата. Предизвиците се пред нас, а не зад нас. Додека оваа багра не замине нема причини за триумфализам, а и кога ќе замине коалицискиот партнер ќе чека зад ќошот. Потребна е убедлива изборна победа и силен притисок одоздола. Далеку е сонцето – порачува Ванковска.