Фото: Маја Јаневска-Илиева

За жал, како и секоја година така и оваа, ни се случи истото. Во услови на толку напредна технологија за следење на промените на времето и прецизна временска прогноза и, во конкретниов случај, кога снегот беше најавуван цела недела претходно, не само од македонските туку и од балканските метеоролози, жално е да се случува овој сообраќаен хаос како последица на снежните наноси

Во саботата Македонија остана сообраќајно парализирана поради големите снежни врнежи. Но дали целата вистина е во оваа констатација? Имено, не се виновни само временските непогоди и надлежните, туку голем дел од вината ја носат и возачите, кои, наместо да тргнат на пат опремени со потребната зимска опрема, ги игнорираа временските прогнози, па ризикувајќи ја сопствената безбедност се осмелија да возат со несоодветна опрема на снегот.

СНЕГОТ НЕ ГИ ЗАТВОРИ ПАТИШТАТА, ТУКУ ВОЗАЧИТЕ

Зимската опрема во возилата во Македонија е задолжителна од 15 ноември и тоа е така веќе со години. Се чини дека залудни беа пишувањата на медиумите, апелирањата на надлежните, бидејќи саботниот снег што во големи количества падна во земјава ги блокираше сите патишта во земјава.
Затворени за сообраќај беа неколку патни правци, а поголемиот дел од нив беа затворени како последица на превртени камиони, камиони што изгубиле контрола, но и обични возила што не успеале да се пробијат на снегот.
Како што информира Центарот за управување со кризи, имало повеќе заглавени возила помеѓу двете патарини на угорнините на автопатот Велес – Скопје.
Ниту на превојот Стража не беше ништо подобро. Стража остана целосно блокирана, а колони автомобили со часови беа заглавени од двете страни на патот. Како што се споделуваа видеа на социјалните мрежи, еден камион изгубил контрола, па се излизгал на двете ленти, со што го блокирал целиот сообраќај, па никој не можеше да се движи.
И на Плетвар имало заглавен камион, кој, според нашиот очевидец, неколку часа останал заглавен таму, па бил влечен со тешка механизација.
Она што нашиот соговорник ни го раскажа, а кој работи како професионален возач, е дека многумина од заглавените камиони но и возила немале соодветна зимска опрема.
– Како професионален возач што оваа работа ја работи повеќе од 15 години, од око да видам можам да кажам дали некое возило има или нема зимски гуми. Најголемиот дел од заглавените дефинитивно возеа со летни гуми, па затоа и беа заглавени. Она што ме изненади беа камионите, кои не ми е јасно како се осмелиле да тргнат на пат без зимски гуми, но и синџири за вакви услови – вели професионален возач од Скопје.

КОИ СЕ ПРИЧИНИТЕ ЗА НЕНОСЕЊЕТО ЗИМСКА ОПРЕМА КАЈ КАМИОНИТЕ

И надлежните од Центарот за управување со кризи потврдуваат дека најчеста причина за заглавувањето во снегот на патиштата е немањето соодветна зимска опрема.
– Најголемиот дел и од патничките и од товарните возила се со летни гуми – истакна Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.
Беше активирана и забрана за движење на тешки товарни возила речиси на сите критични точки во земјава. Но се чини дека забраната стигна предоцна, кога веќе камионите останаа заглавени и го блокираа целиот сообраќај.
Она што за „Нова Македонија“ го изјави соговорникот можеби дава одговор на прашањата зошто камионите воопшто возат со летна опрема, кога станува збор за службени возила, за кои во согласност со законот постојат посебни услови за носење задолжителна зимска опрема.
– Многумина од возачите на камиони се само вработени во фирми, во кои газдите од преголема бркотница за профит не сакаат да даваат пари за промена на гумите и сметаат дека возењето со летни гуми ќе биде успешно и во зимски услови. Да не звучам грубо, но има газди што намалуваат трошоци со штедење за опрема, ризикувајќи ги животите на возачите, но и, ете, како што се докажа, животот на сите други учесници во сообраќајот. Има и професионални возачи што нудат разни услуги на превоз, а кои се принудени да возат со несоодветни гуми, бидејќи нивниот газда не дозволил промена на пневматиците во зимски – раскажува тој.
Тој нагласува дека во вакви ситуации, надлежните не треба само да ги извлечат камионите од хаосот туку и добро да ги превенираат овие појави, да прават ригорозни контроли, па ако треба и да ги санкционираат фирмите за кои возат, бидејќи само така ќе се стави ред во овој зимски хаос што ни се случува секоја година.
– Возачот не е виновен, тој работи за парче леб. Газдите се тие што штедат и гледаат да поминат што е можно поевтино. Е па, кога ќе ги казните газдите и нивните фирми, тогаш ќе направат пресметка дека е подобро да се сменат гумите отколку да се плаќаат големи казни – додава тој.

ЗА ЖАЛ, И НАДЛЕЖНИТЕ ПОВТОРНО НЕ ОДГОВОРИЈА НАВРЕМЕНО

За жал, како и секоја година така и оваа, снегот повторно ги изненади надлежните што се задолжени за чистење на патиштата во земјава.
Во услови на толку напредна технологија, на временска прогноза, но и во случаи кога, како во конкретниов случај, снегот беше најавен цела недела претходно, не само од македонските туку и од балканските метеоролози, срамно и жално е да се случува овој сообраќаен хаос како последица на снежните наноси.
Се чини дека секоја година состојбата е иста, а надлежните било да се од централната или од локалната власт се јавуваат со активности дури откако снегот веќе ќе ги направи првите проблеми.
За граѓаните ова е недозволиво и повеќе не смее да се случува.
– Плаќаме патарини за што? Секоја зима ситуацијата е иста. Снегот ни ја парализира државата и невозможно е никаде да се стигне. Требаше кога веќе имаа толку најави за снег предвреме да преземат мерки. Да нафрлаат сол, песок или некое друго ефикасно средство, со кое, снегот што се напластуваше ќе се топеше, па немаше да има толкави проблеми – вели соговорникот.


Што точно вели правилникот за безбедност на сообраќајот
на патиштата, во делот за носење и користење зимска опрема

Во согласност со законот, но и во согласност со правилникот за зимска опрема, постојат точно предвидени правила според кои може и треба да се учествува во сообраќајот во зимски услови.
Под зимската опрема на моторни возила со најголема дозволена маса што не надминува 3.500 кг се подразбира:
– зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од четири мм.
– пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку четири мм, ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Како зимска опрема за моторни возилата со погона на четири тркала (4 х 4) се подразбира:
– зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од шест мм.
– пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку четири мм, ако возилото во приборот има синџири за снег, и во случајот кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната оска, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената оска.
Како зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса што надминува 3.500 кг се подразбира:
– зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, од шест мм.
– пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, со минимум од четири мм. Ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
– автобуси и товарни моторни возила што поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и
– прирачен алат – лопата.
Зимски пневматици се оние пневматици што на својата бочна страна имаат ознака: „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
– Во согласност со одредбите од Правилникот за задолжителна опрема на возилата, во патниот сообраќај на возилата е забрането поставување пневматици со клинци. Апелираме до возачите да се придржуваат кон законската обврска за поседување зимска опрема, бидејќи така овозможуваме непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во зимски услови – соопштија неодамна од МВР.
Мандатен платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде на возачот што постапува спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член – се наведува во законот.


Прекинот во снабдувањето со струја стави во опасност четири чица што ја користеле жицницата на Водно

Снегот направи хаос и во електродистрибутивната мрежа, па така, како последица на врнежите, се појавија голем број дефекти на повеќе локации во државата.
Секако, имаше и драматично спасување на тригодишно дете со тројца возрасни, кои останаа заглавени на жичницата на Водно, поради снежните врнежи и снемувањето електрична енергија.
Како што информираа од МВР, првично било пријавено дека лицата биле заглавени во гондола на жичницата, но потоа дошла електрична енергија и лицата стигнале до врвот на Водно, но не постоела можност да се спуштат надолу поради невремето и немањето електрична енергија.
– Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од ЕИП и ЕБР презедоа активности за пронаоѓање и спасување на лицата, по што тие безбедно, во придружба на полициските службеници, се спуштаат кон Скопје – информираа од МВР.