Речиси нема човек што на овој ден не размислува за тоа кои биле причините поради кои земјотресот имал толку девастирачки последици по главниот град. Речиси секој од нас барем еднаш во годините по земјотресот помислил што би се случило со градот доколку денес би имало еден ист таков земјотрес, со ист интензитет и ист сеизмолошки карактер.
Во обид да дознаеме кои се причините поради кои се случил земјотрес чиј удар, со таков разурнувачки карактер, предизвика последици поради кои цело Скопје се урна до темел разговаравме со вонредната професорка д-р Радмила Шалиќ Макреска, раководителка на Одделот за ризик, справување со катастрофи и стратегиско планирање при Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).
Според неа, скопскиот земјотрес од 1963 година сѐ уште е една од најголемите катастрофи што го погодиле градот во поновата историја. Животот го загубија 1.070 луѓе, околу 3.300 беа повредени; уништени веднаш или подоцна урнати беа повеќе од 9.000 објекти, а повеќе од 10.200 објекти го издржаа земјотресот со различни нивоа на оштетување.
– Во овој земјотрес, Скопје загуби 82,4 отсто од својата административна вредност. Вкупните економски загуби се проценети на околу 470 милиони американски долари (1963 година), што е еквивалентно на околу 3,9 милијарди американски долари во 2023 година. Покровителството на ОН одиграло клучна улога, во чии рамки над 80 земји придонесоа со својата финансиска, техничка и друга помош. Обновата на Скопје по земјотресот беше масовен потфат, во кој учествуваа многу меѓународни организации и земји. Скопскиот земјотрес одигра значајна улога во развојот на градежното инженерство иницирајќи нови прописи за проектирање и градба на сеизмички отпорни конструкции – вели таа.
Професорката додава дека, генерално, за големите штети и загуби предизвикани од земјотресот во 1963 г. во Скопје придонеле повеќе фактори.
– Еден од факторите се параметрите на самиот земјотрес, како локацијата, длабочината, магнитудата, типот на раседување итн. Епицентарот на земјотресот бил само на неколку километри од центарот на градот, што резултирало со високо ниво на придвижување на тлото. Понатаму, типот и квалитетот на самите градби. Поголемиот дел градби на тогашно Скопје биле стари супстандардни објекти или објекти проектирани по пропис што не ги третирал сеизмичките сили адекватно (пр. прописот за проектирање од 1948 г.). Исто така, големо влијание имала и релативно високата густина на населеност, особено во одредени станбени делови на градот, изградени со повеќекатници што не биле асеизмички проектирани.

Влијание имало и времето на случување на самиот земјотрес. Земјотресот се случува во раните утрински часови, кога повеќето луѓе сè уште спиеле во своите домови. Тоа го зголемило ризикот од повреди и смрт, бидејќи луѓето биле фатени несвесни и заробени во зградите што се уривале. Понатаму, исто така една од важните причини се и недоволната свесност и подготвеност за ризици од земјотреси. Населението и локалните власти не биле соодветно информирани и опремени да се справат со катастрофа од вакви размери. И на крајот, не помалку важен фактор е и одложената прва помош – заклучува таа.
Шалиќ Макреска додава дека уништувањето предизвикано од земјотресот ги попречило напорите за спасување и медицинската помош, што доведело до одложена помош за многу преживеани. Тоа одложување дополнително го зголемило бројот на жртвите.
На прашањето што би се случило доколку денес би имало таков земјотрес во Скопје и колку и дали градбите би преживеале, таа вели дека со давањето приоритет на градбите отпорни на земјотреси и спроведувањето на строгите правила за градење дефинирани со прописите, можеме да го минимизираме ризикот по човечките животи и материјалните добра за време на овие катастрофални настани.
– Од суштинско значење е властите, планерите, архитектите и инженерите да препознаат дека земјотресите не убиваат, туку дека зградите го прават тоа и затоа наша колективна одговорност е да обезбедиме безбедност и отпорност на нашата изградена средина – нагласи таа.
Како што вели Шалиќ Макреска, веднаш по скопскиот земјотрес се донесени и нови прописи за проектирање во 1964 г., во кои биле вградени искуствата и научените лекции од земјотресот во Скопје од 1963 г., но и тогашните најнови светски сознанија во областа.

– Дваесетина години подоцна, како резултат на земјотресот во Црна Гора од 1979 г., увидените недостатоци и научени лекции се вградуваат во нов пропис за проектирање во 1981 г., кој, заклучно со оваа година, сѐ уште е во сила кај нас. Треба да се напомене и дека во паралелна примена од 2020 година се во сила и европските прописи за проектирање што во моментов обезбедуваат највисоко ниво на заштита – потенцира таа.
Според Шалиќ Макреска, во согласност со современите прописи за проектирање, градбите се проектираат на две нивоа на земјотреси, дефинирани во согласност со студиите на сеизмички хазард.
– Првото ниво е т.н. „чест земјотрес“ со повратен период од 95 г. Конструкциите се проектираат да го издржат ова ниво со минимална штета, доминантно концентрирана во неконструктивните елементи. Другото ниво е т.н. „максимален проектен земјотрес“ со повратен период од 475 г., при кое се дозволува контролирано оштетување на конструктивниот систем, без да настане лом на дел или целата конструкција, а се во прилог на заштитата на човечките животи. Со оглед на тоа дека градот Скопје е составен од објекти изградени во различни историски периоди, за да се предвидат последиците од иден нов силен земјотрес, потребна е изработка на детална студија за сеизмичкиот ризик, за која претходно се неопходни соодветна инвентаризација, типизација и класификација на урбаното портфолио во соодветна резолуција. Ваквата потреба е основа за јакнење на подготвеноста, свеста и капацитетите за одговор, за која многупати досега како Институт сме апелирале до надлежните власти – вели Шалиќ Макреска.

Професорката додава дека во овој контекст не смее да се премолчи и неповолниот факт за постоењето на големиот број дивоградби, надградби и други интервенции на веќе изградени објекти, како и честото непочитување на стандардите за просторно и урбанистичко планирање.
– Искрено се надевам дека 60-годишнината од скопскиот земјотрес ќе ги побуди надлежните институции да поведат и поддржат иницијатива за изработка на процени за сеизмичкиот ризик на нашиот град како приоритет од посебно значење и да ја искористат нашата експертиза во таа област – заврши професорката Шалиќ Макреска.


ИЗИИС ЗА СКОПЈЕ

По повод 60 години од скопскиот земјотрес Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (ИЗИИС-УКИМ) организира серија настани за одбележување на овој трагичен дел од историјата на Скопје: издигнување на јавната свест кај учениците од основно и средно образование, отворени денови на лаборатории, контрола на објекти од посебен јавен интерес, тематски предавања и сл., под мотото „ИЗИИС ЗА СКОПЈЕ“.