Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иницијативи и предлози поврзани со општествениот статус на жената

Неодамнешните протести во Скопје, организирани со цел да потсетат на проблемите со кои секојдневно се соочуваат жените во земјава, деновиве го ставија во фокус прашањето за тоа како да се избориме за менување на политиките за да се подобрат условите во општеството во кое жените сѐ уште ги немаат докрај остварено правата и можностите дома, на работа, во политиката и во социјалниот живот. Често ваквите заложби за подобрување на статусот на жената во општеството, особено во делот на економскатa сигурност, се само декларативни, но не и конкретни.
Поаѓајќи од напред кажаното, деновиве до нас доаѓаат иницијативи од суштински друг агол, кога се зборува на темата за еманципација на жената и родова еднаквост. Имено, предлозите се во насока на револуционерен исчекор во конципирање политики што вистински ќе ги препознаат суштинските клучни функции на жените, воопшто во современото општество. Таквата заложба не е само за родова еднаквост, туку уште повеќе: да се препознае суштествената улога на жените во општеството, со што би го добиле заслужениот бенефициран општествен статус! Жената како своевиден центар на основната клетка на општеството, односно на семејството, суштествено влијае на развојот на истото тоа, на развојот на новите генерации и со тоа на развојот на една нација и на општеството во целост. Во таквиот контекст, споменатите иницијативи, обединувајќи ги идеите за препознавање и признавање на жената како извор и битие на општествениот просперитет и развој, споменатите иницијативи го отвораат процесот на низа социјални, политички и законодавни мерки што ќе овозможат отелотворување на исклучителната родова значајност на жените! Женските квалитети и женскиот придонес во развојот на човечкиот род се апсолутни, а тоа треба да го имаме предвид кога модерната жена одговара на предизвиците на нашето време.

Во основа, историски гледано, сите барања во некоја смисла биле да се намалат неправдите и непрепознавањата на севкупните човечки, природни и материјални права за жените, кои ги уживале мажите. Затоа, токму нашето „модерно време“ бара коренити промени во општеството за она што го нарекуваме родова еднаквост. Тоа бара овозможување поголема функција на жената на сите општествени полиња: социјални, воспитни, образовни, здравствени, политички, економски и токму онаму каде што се креира и одлучува во државите и општеството…
Жените работат многу повеќе и на работа и дома, но нивната работа е помалку ценета од машката работа. Од нив се очекува целосно да ги исполнат барањата на семејниот живот додека во исто време градат успешна деловна кариера. Балансирањето на приватните и јавните улоги што ги извршуваат жените на секојдневната основа е голем товар за жената, што предизвикува негативни чувства кај неа, кои се рефлектираат врз семејството, а потоа и врз општеството во целина.
Таквите позиции не се менуваат со децении и, според нив, жените на планетата главно не поседуваат земја, но ја обработуваат; немаат капитал, но работат повеќе за помалку пари, особено кога ќе се земе предвид бесплатната работа; според бројноста, тие се мнозинство од избирачите, но несоодветно претставени во власта; имаат помал пристап до културните добра и медиумите, иако ликот на жените во тие области масовно се злоупотребува; просветните, здравствените и академски институции нудат многу помалку пропустливост за жените…
Ефектите на стереотипизирањето на половите доведе до ограничувањата на жените во области во кои тие имаат помалку материјални ресурси и помала моќ за определба.
Но со заслуженото исчекорување на жените на заслужениот пиедестал, тие да не бидат одделени од природната кохезија со семејството и децата. Главниот проблем денес е „двојното оптоварување“ или уште повеќе „повеќекратното оптоварување“ на жените што го наметнува модерното време. Тоа ја истоштува жената, па во тој поглед таа е во силна родова нерамноправност. Само еден мал дел од таа нерамноправност е фактот што жените на работа не се доволно платени (или барем не колку нивните машки колеги), а работата што ја работат дома се смета за волонтерски ангажман, бидејќи е дефинирана како „неплатена работа“.

Со цел откривање одредени економски и општествени механизми што ќе служат кон новото вредносно формирање на социјалната улога на жената, иницијаторите предлагаат неколку начини за подобрување на положбата на жената преку одредени реални системски бенефиции и подобрувања, кои ќе ја променат на подобро нејзината положба.
Прва од тие мерки е бенефициран работен стаж или можност жената да избере да оди (10 години) порано во пензија од сегашната возрасна граница.
Паралелно на тоа е можноста таа да избере да работи со скратено работно време за полна плата. Или, пак, за работен ангажман во полно работно време, надоместокот што ќе го добива во вид на плата, на пример, да биде до 20 проценти повисок.
Сепак, основно е жената самата да прифати да биде ставена на овој, според соговорниците, заслужен пиедестал, а споменатите предлози да бидат предмет на нејзина одлука. Во основа, иницијативите да бидат слободен избор на самите жени, а тоа потоа да биде системски решено…
Нашите соговорници ги сметаат овие предлози не за еволутивна, туку за револуционерна, напредна фаза во подобрување на заслужениот општествен статус на жената затоа што многугодишните заложби сè уште не резултираа со природна, а и социоекономска еднаквост меѓу двете родови групи, мажите и жените, додека периодот на општественото суштинско прифаќање на родовото изедначување се одолжи до недоглед. Затоа иницијаторите апелираат дека е време со конкретни механизми да се променат работите! Н.М.