„Нова Македонија“ е првиот македонски дневен весник. На 29 октомври 1944 година, во селото Горно Врановци, Велешко, во екот на Народноослободителната борба, речиси истовремено со конституирањето на првата слободна држава на македонскиот народ, е отпечатен првиот број на весникот „Нова Македонија“

Документирајќи ги клучните настани од завршувањето на Втората светска војна, па сѐ до нашиот пат кон независноста, меѓународното етаблирање, домашните случувања и евроатлантските интеграции, „Нова Македонија“ е важен хроничар на нашата современост. Ви посакувам уште многу години успешна работа.

Стево Пендаровски, претседател на државата


Честит седумдесет и осумгодишен јубилеј! Единствениот весник во Македонија што заслужува да го поседува во своето име зборот Македонија. Легендарниот интелектуален инает на Галилео Галилеј дека „и покрај она во што верувате, тоа се фактите“ или „сепак се движи“, денес станува поважен за Македонците од кога било порано: фактите за Македонија, за милениумскиот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик и македонскиот идентитет се вечни и тие ќе сведочат за „правото и слободата на македонскиот народ“ – на денешен ден се навршуваат 82 години од смртта на Димитрија Чуповски, а последните цитирани зборови се напишани на крстот на неговиот гроб. Ви посакувам успешна иднина, а весникот „Нова Македонија“ вечно да тлее за да во вечната темнина ниту се гаси, ниту светлост губи.

Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ


Дневниот весник „Нова Македонија“, без никаква дилема, колку поради фактот што претставува прв македонски медиум, а уште повеќе и поради фактот што неговиот прв број излегува на крајот од Народноослободителната војна на македонскиот народ на 29 октомври 1944, за сите нас е еден од оние суштински темелници на нашата државност, израз на вековниот стремеж за наша национална слобода.
„Нова Македонија“ е веродостоен и доследен хроничар и сведок на макотрпниот и тежок пат на создавањето на државата, на изградбата на општеството, на неговите институции, на животот на сите обични луѓе низ децениите сосе сите нивни турбуленции, предизвици и премрежиња.
Дополнително, во тие, еве денес веќе 78 години постоење, преку неговите страници и низ неговите редакции се профилираа импозантни наши личности, општественици и дејци успешни во различни области, чиј придонес е тесно вткаен во развојот на нашата држава, вклучувајќи и во годините по распадот на поранешната СФРЈ, односно во годините на самостојно и суверено егзистирање на денешна Република Северна Македонија.
Оттаму, навистина, чествувањето на јубилејот на „Нова Македонија“ – 29 октомври – претставува не само чествување на новинарството, на повеќедеценискиот новинарски труд и потфат, туку и своевидно симболичко чествување на сите минати времиња на слободна македонска држава. Верувам и се надевам дека „Нова Македонија“ ќе продолжи, како досега така и отсега, да биде професионален, точен и кредибилен медиум, општествено одговорен фактор на јавната сцена, во интерес и на својата читателска публика, но и на сите граѓани на Република Северна Македонија.

Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи


По повод 78-годишнината од постоењето, односно од печатењето на првиот број на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ во Горно Врановци, би сакал да ја нагласам неговата важност, правејќи паралела со важноста на основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј во Скопје, затоа што и УКИМ и „Нова Македонија“ имаат огромна општествена и историска вредност и значење за македонскиот народ и држава.
Една од мисиите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е да биде посветен на негувањето и на интернационалната афирмација на традиционалните обележја и вредности на македонскиот народ (македонскиот јазик, историјата, литературата и културата) и, истовремено, на негувањето на културните вредности на другите етнички заедници во нашата земја. Една од мисиите на дневниот весник „Нова Македонија“ е секогаш да биде на страната на вистината, историјата, традицијата, идентитетските обележја, јавниот интерес.
Нека е честит јубилејот и нека се множат и годишнините и успесите!

Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ


Седумдесет и осум години „Нова Македонија“. Седумдесет и осум години државност, сериозност и стабилност, континуитет, вредност, многу вложен труд. Седумдесет и осум години традиција.
Како почна?
Така како што му доликува на првиот македонски дневен весник, во екот на Народноослободителната борба, револуционерно и слободарски, борејќи се против фашизмот, со донесена одлука за основање на весникот на третата седница на Президиумот на АСНОМ во септември 1944 г. Прв официјален документ испечатен на кодифициран македонски јазик.
Што беше целта?
Да се прикаже формирањето на новата современа македонска држава, со поинакво општествено и политичко уредување, со нови и поинакви принципи, со нови начела на раководење и живеење и нова преродба.
Безброј содржини, текстови, колумни, анализи, критики, настани, беа дел од историјата на „Нова Македонија“. Така е и сега. „Нова Македонија“ останува столб на постоењето на македонската држава, еден од најважните двигатели во општеството со објективен и рационален пристап. „Нова Македонија“ беше и е бедемот на заштита на македонскиот јазик и идентитет,
Честит 78. роденден. Продолжете по истиот пат, кој е трасиран и убедлив. Читателите го очекуваат тоа од вас, токму во овие моменти кога сме соочени со сериозни предизвици.

Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово


– За мене независноста на медиумите и слободата на изразување се силен индикатор дека општеството се движи кон демократизација. Досегашната улога и придонес на „Нова Македонија“ како професионален сервис во име на граѓаните ја гледам токму во оваа насока. Секако, и во однос на неспоредливиот и неуморен придонес во развивањето и поттикнувањето на критичката мисла и будењето на граѓанската одговорност, но и во соочувањето на носителите на моќ и јавни функции со одговорноста што ја имаат кон општеството и секој граѓанин поединечно.
– Овој медиум даде многу за општеството, нè градеше и продолжува да нè гради со својата длабока аналитичност, разноликост на значајни перспективи, силна конзистентност во име на јавниот интерес. Притоа, успевајќи силно да опстои на медиумската сцена во која моќта на јавниот збор и работа во име на јавниот интерес ја заслужуваат само најдобрите. „Нова Македонија“ е токму тоа, доследен актер на медиумската сцена, медиум за кој единствената и најсилна определба се врвните професионални начела и вредности на новинарската професија.

Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар


– Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на сопствеништвото и редакцијата им го честита 78-от роденден на весникот „Нова Македонија“.
„Нова Македонија“ има историска важност и вредност не само за македонското новинарство туку и за градење на нашата државност како прв дневен весник на современ македонски јазик.
Во овие 78 години, „Нова Македонија“ е своевиден паметник на домашните и светските дневни, но и историски настани.
Посакуваме успешна и плодна работа во годините што доаѓаат. Нека е среќен роденденот на „Нова Македонија“.

СДСМ


– Весникот, односно брендот „Нова Македонија“ е современик на македонската држава и оттука се важни два аспекта зборувајќи за улогата и значењето на „Нова Македонија“.
Уште од првиот број, од печатењето во Горно Врановци, 29 октомври 1944 година, „Нова Македонија“ е меѓу најзначајните алатки во утврдувањето, заживувањето и зацврстувањето на македонскиот современ литературен јазик, како јазик за официјална и јазик за народна секојдневна комуникација во и надвор од државата. Од аспект на демократските стандарди, весникот „Нова Македонија“ ја делеше судбината на државата Македонија, иако почетоците не можеме да ги квалификуваме како демократски. Сепак, „Нова Македонија“ онојпат кога беше потребно за државата беше силен промотор на демократијата и слободата на говорот и тоа го прави до ден-денешен, обезбедувајќи алтернативен, а сепак традиционален медиумски простор во Македонија.

Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ


Весникот „Нова Македонија“ со своите 78 години постоење е еден од најстарите дневни весници во државата. Како таков, весникот бил дел и известувал од сите поголеми случувања во поновата македонска историја.
Што и да се каже за влијанието и важноста на „Нова Македонија“ во создавањето на македонскиот медиумски плурализам е премалку. Особено е важна и соработката преку која ние градоначалниците и другите функционери ги информираме граѓаните за нашите активности, планови и проекти.
Од името на граѓаните на Општина Центар и од мое лично име ви го честитам овој значаен јубилеј и ви посакувам успешна работа и уште многу добри вести и во годините што ни претстојат.

Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар


Македонското новинарство и македонскиот печат имаат богата историја. Кога велам македонскиот печат и новинарство мислам на првиот дневен весник во Република Македонија, „Нова Македонија“, кој се карактеризира со многу осцилации, но и со големи дострели.
„Нова Македонија“ за мене е симболот на печатените медиуми, на слободен и самостоен весник како прв буквар за Македонците. Од исклучителна важност за мене е што „Нова Македонија“ секогаш има релевантни, објективни и професионално изработени информации од локален карактер што ги засегаат граѓаните.
На тимот во „Нова Македонија“ му посакувам уште многу успеси и да продолжи во иднина со одличната работа.

Дарко Костовски, градоначалник на Општина Бутел


Да се опстане на медиумската сцена, особено како печатен медиум, во тешки времиња е подвиг сам по себе, и тоа не само кај нас. „Нова Македонија“ е еден од ретките весници што читателот може да ги допре и со сигурност да ги добие секој ден. Таа се одржува и во печатена и во електронска форма, што значи дека навиката за прелистување на страниците останала, т.е. станала дел на нашата култура на живеење. Освен тоа, за сите нас овој весник е симбол на континуитет во една друга смисла: во време кога се редефинира „брендот“ на сѐ што е македонско, односно сѐ што има корени и традиции е предмет на пазарење и „компромиси“, „Нова Македонија“ останува своја, би рекла дури и „партизанска“ форма на пренесување вести и информации, на начин што нема ништо заедничко со пропагандата, ами со вистината и професионалноста. Лично, како колумнист, весникот го чувствувам и почитувам како зона на слободата на мислата и говорот, а тоа не е мала работа во време на сеопшто ограничување на критичката мисла.

Биљана Ванковска


Среќна сум што секојдневно го читам весникот што го читаа и мојот дедо и мојот татко, а до денешен ден и мојата мајка. Информациите во „Нова Македонија“ ги пишуваат висококвалификувани новинари на кои им верувам, а тоа ми е најважно. Новинарите се стожерот на еден весник, тие ги пишуваат и ги уредуваат текстовите, кои во овој весник се одбрани, проверени и точни. И токму поради тоа ја читам „Нова Македонија“. Згора на сѐ, текстовите се лекторирани од овластени лектори по македонски јазик. Особено се гордеам со нив, зашто тие го одржуваат заветот кон Блаже Конески, кој беше првиот лектор во весникот.
Постоењето на еден ваков весник како вашиот е од суштинско значење за нашата држава и за нашиот народ во овие времиња.
Ви благодарам за сите вести што ги читам преку вас за мојата земја.
Честит 78. роденден, независна и слободна „Нова Македонијо“!

Лорета Трајкоска, Брисел, Белгија


Весникот „Нова Македонија“ е буквар, читанка, која секојдневно нѐ поучува и го просветлува македонското општество. Тоа е денешен гласник, но никогаш да не заборавиме дека тоа е творба на македонските интелектуалци, на македонскиот народ, создадена од зародокот на асномска Македонија во 1944 година.

Ставре Џиков, адвокат и публицист, поранешен јавен обвинител


– Првите средби со „Нова Македонија“ ги имав преку „Колибри“, додатокот на весникот, кој промовираше: младост, талентираност, успешност, но и забава за најмладите читатели. Ако добро се сеќавам, весникот го земавме во основно училиште кога излегуваше додатокот. Но, секако, „ќе ѕирневме“ и во другиот дел од весникот и тој некако „поткожно“ се вовлече во мене. Подоцна, во студентските години, го прелистувавме весникот во библиотеката на Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје и полека, но сигурно стана дел од моето секојдневие. Напоредно со тоа, а и поради мојата професија, до денес, како музејски работник, соработувам со „Нова Македонија“ по разни теми од историјата, музејската и дејноста за заштита на културното наследство. Окоричените примероци од весникот, често ги прелистував во прилепската библиотека „трагајќи“ по текстови од минатото, за настани, личности и други нешта што го предизвикуваа мојот интерес. На крајот, дозволете да му ја честитам годишнината на нашиот прв дневен весник на македонски јазик, сведок и хроничар на настаните, кој одиграл значајна улога во афирмирањето на националното достоинство на македонскиот народ и неговиот идентитет. Посакувам „Нова Македонија“ уште многу години да опстојува на новинарската „сцена“ и нови „средби“ со мене.

Рубинчо Белчески, историчар кустос-советник


 

– Големината на „Нова Македонија“ во однос на сите други печатени гласила во Македонија, симболично би ја споредил со големината на форматот во кој излегуваше во моето детство.
„Нова Македонија“ е дневен хроничар на македонскиот народ и држава со децении. Денес сериозен историски архив. Весник што создаваше навика за читање, па преку тоа и описменуваше. Разновиден по концепт, кој информираше, забавуваше, едуцираше и мислеше и на најмалите преку прилогот „Колибри“ еднаш неделно. Расадник на професионални новинари. Прво вработување на плејада денешни новинарски бардови. Гласило што одолеа на времето и не стана само обичен информативен портал до ден-денес.
Убав спомен и симбол на многу генерации и желба уште долги години да нѐ информира.

Отец Пимен, митрополитот европски на Македонската православна црква – Охридска архиепископија



– Генерацијата на која припаѓам растеше со „Нова Македонија“. Тој весник за нас беше еден од главните прозорци преку чии страници се запознававме со збиднувањата во земјата и во светот. Не можам, а да не речам дека ова навраќање побудува силни чувства, особено што „Нова Македонија“ ја доживувавме како стандард за сериозно новинарство. Би рекол дека историјата на овој весник е нераскинлив дел од постоењето на нашата држава и од формирањето на нашиот светоглед, на секој од нас посебно, и на сите заедно. Благодарност до тимот на „Нова Македонија“ и неговата уредувачка политика за просторот одвоен за здравство, рубрики преку кои ги запознававме читателите за различни дисциплини од медицината. Нашите совети беа и се секогаш во функција на подигање на здравствената едукација, секако на основа од постулатите на медицината базирана на докази.
Од срце ви го честитам роденденот со желби за долгогодишна успешна работа.

Проф. д-р Зоран Петановски, Центар за инвитро-фертилизација, „Ремедика“


– Во актуелниов миг, кога сме соочени со сериозни предизвици и како држава и како македонски народ, изложени на негирање на сите наши идентитетски белези, се чини дека, повеќе од кога било, јасно е дека јазикот ни е последниот идентитетски бастион. А и околу него континуирано се стеснува просторот. Не само однадвор. Ние, дома, самите си го стеснуваме. Одамна е реткост да прочитате/чуете литературен јазик во медиумите, од говорниците при настап на политичарите, но и во амфитеатрите на универзитетите. Многумина, кои се сметаат себеси за интелектуалци, упорно користат латинично писмо во своите текстови, коментари на социјалните мрежи. Не ни се потребни негатори однадвор, доволни сме си самите на себе…
Уште од времето кога беше објавена македонската азбука, па сѐ до денес, „Нова Македонија“ има улога на „учебник“ на македонскиот јазик, а „денес претставува доказ и аргумент за неговата посебност, самостојност и жива автентичност.“
Во едно вакво „време-невреме“, постоењето на „Нова Македонија“ е „лебот наш насушен“!

Проф. д-р Драган Даниловски, епидемиолог


– „Нова Македонија“ е дел од идентитетот на современата македонска држава. Посебно сум среќен што по 78 години, овој симбол опстана покрај сите проблеми со кои се соочи, особено во последниве 30 години.
Како директор на ФЗОМ 2003-2006 година, бев сведок на борбата овој медиум да опстане, се надевам дека и јас лично помогнав во еден заеднички проект во кој преку саботното печатено издание на „Нова Македонија“, дистрибуиравме како додаток информации за осигурениците (позитивна листа на лекови и слично). Со „Нова Македонија“ сум врзан и приватно, уште како дете, бидејќи мојот тетин Панче Михајлов работеше таму, беше и главен уредник и директор. Сѐ уште се сеќавам на звукот на машината за чукање, кога кај тетин ми еден период, како дете живеев, во Скопје и во Софија, кога тој беше дописник. Затоа имам посебно почитување до првиот весник на македонски јазик и посебна почит до новинарската професија, која, според мене, е една од најтешките и најодговорни професии. „Нова Македонија“ не смее да згасне по никоја цена.
Честитки за роденденот и останете на патот по кој сега чекорите, патот на вистината.

Проф. д-р Никола Пановски, микробиолог


– Весникот „Нова Македонија“ по своето историско значење е рамо до рамо не со Македонската радио-телевизија туку со многу позначајни институции како универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и Македонската академија на науките и уметностите. Страниците од неговата архива се најкомплетен архивски доказ за континуитетот на современата македонската држава и за нејзиното природно устројство, кое сѐ повеќе вештачки се поткопува.
Тешко во светот да се пронајде медиум што цели седумдесет и осум години има континуитет на уредувачката политика во една насока и покрај сите пречки и притисоци со кои се соочува. Во услови кога ентузијастички се негира сѐ што е македонско расте и неопходноста од изнаоѓање некаков модел за трајна заштита на „Нова Македонија“ како бренд од национално значење.
Големо било значењето на „Нова Македонија“ и во 1945-та кога на нејзините страници била објавена првата македонска азбука, големо било нејзиното значење и како иницијатор за основање на МАНУ и возобновување на МПЦ и како поддржувач на референдумот во 1991 година. Но не за среќа туку за жал – нејзиното значење е изгледа најголемо денеска. Бидејќи македонскиот народ никогаш во изминативе осум децении не бил вака егзистенционално загрозен и буквално историски отпишуван.
Затоа „Нова Македонија“ мора да опстои како последен некомпромитиран доказ за природната форма и суштина на државата за која македонскиот народ се борел цели илјада години.

Дејан Азески, историчар


„Нова Македонија“ за мене и за моето семејство, за поколенијата пред мене, за татко ми и дедо ми претставува семеен весник што се читаше и се прелистуваше секое утро уште од тие времиња. На некој начин тоа е еден бренд што не е само новинарски, интелектуален, културолошки, туку нешто што е најблиску поврзано со постоењето и опстојувањето на нашата држава. Имам задоволство што со години соработувам во културната рубрика и ми стана дури една пријатна навика секоја недела да пишувам по една своја статија. Опстојувањето на „Нова Македонија“ е исклучително важно и не е само работа на еден весник, туку е работа на целата наша држава.

Александар Прокопиев, писател


Историјата на современа Македонија едноставно не би била комплетна без бележењето на големите страници на вашиот весник, големина што во периодов, не само на медиумски премрежиња, ја манифестирате и низ одржувањето на нивото што значи препознатливост и доверба кај читателите. Честитајќи ви го роденденот, ви се заблагодарувам и за поддршката на мојата уметност низ сите овие години, со надеж дека и во иднина заеднички ќе им носиме радост на вашите ценети читатели.

Симон Трпчески, пијанист


Во моето семејство сите ја читаме „Нова Македонија“ секојдневно од првиот број. Таа била и останува прв избор на дневен весник, не само зашто е првиот печатен весник во слободна Македонија туку и затоа што главно ги задоволува нашите критериуми за дневен печатен информатор. Ѝ посакувам среќен роденден на „Нова Македонија“ и успех за сите вработени во весникот! Остануваме верни читатели.

Нада Поп-Јорданова, академик


„Нова Македонија“ претставува клучен миг во развојот на мојата личност. Колумните, ЛИК, белешките од културата ги читам од времето кога бев средношколец, многу од нив ги зачував во мојата архива. Но најважно е што тие се зачувани во колективната архива на нашата култура. Воопшто, весникот и порталот се идентитетски бележник за континуитетот и развојот на слободната мисла. За мене лично, мојата соработка со „Нова Македонија“ претставува ризница на ликовно/естетскиот развој на мојата уметност.

Никола Пијанманов, уметник


„Нова Македонија“ речиси осум децении е постулат на македонското пишано новинарство. Успеа да ги помине и да ги надмине сите премрежиња и тешки периоди за пишаниот збор и успешно да го задржи своето место меѓу чинителите на седмата сила.
Посакувам да траете уште долго, да останете гласот на народот, двигател на промените и т.н. четврта сила, по законодавната, извршната и судската, која има моќ силно да дејствува и која и натаму ќе нѐ информира објективно, професионално и непристрасно.
Продолжете да дејствувате во иста насока. Останете борци.
Ви посакувам среќен роденден и уште многу успеси!

Александар Стојкоски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров


Кога ќе се вратам наназад, „Нова Македонија“ е весникот што секогаш бил присутен во мојот дом, уште од моите најрани сеќавања. Тоа беше медиум на кој големиот формат му беше симбол за големите содржини што ги пласираше до нас, читателите. Мислам дека сѐ уште чувам од старите изданија што беа, како што реков, поинакви во секоја смисла на зборот. Времињата сега се многу променети и самите медиуми се префрлија во интернет-светот, но има нешто посебно во пишаниот формат, со кој многу често ми започнува денот. И самиот како градоначалник го користам како извор на информации, но и за пласман на информациите што се неопходни да стигнат до моите сограѓани. И морам да назначам дека ми е многу драго што во весникот „Нова Македонија“, кој е етаблиран како веродостоен и со квалитетна медиумска содржина, со новинари што се држат до етиката, многу често ја има Општина Кисела Вода како тема вредна за анализа и промоција. Ви посакувам да одбележите уште многу успешни години и уште многу долго да го задржите епитетот – медиум кому му се верува.

Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Општина Кисела Вода


Најнапред би сакал искрено и од срце да му го честитам роденденот на дневниот весник „Нова Македонија“.
Во изминатите години, дневниот весник „Нова Македонија“ имаше значајна улога во правилното информирање на граѓаните, по што претставува респектабилен фактор во македонското медиумско творештво.
Му посакувам уште долги години успешна работа на весникот!

Бобан Стефковски, градоначалник на Општина Гази Баба


– Нова Македонија уште од 1944 претставува еден непокорен и постојан столб на македонскиот медиумски простор, но истовремено и траен влог во нашиот општествен дискурс, новинарски и медиумски наратив, па дури, ако сакате, во нашата државотворност и нација. Константниот, напати опортун, но најчесто критички осврт, на вкупните текови во општеството, и по толку време, останува освежување во медиумите и во начинот на перцепција за настаните што нѐ опкружуваат, но и нивната анализа. Со задоволство му се навраќам често и секогаш добивам нова перспектива, на една постојана безвременска наративна линија, но никогаш застаната во времето. Среќен роденден, „Нова Македонијо“!

Петар Арсовски, аналитичар и комуниколог


Ако има нешто што толку многу ме врзува со минатото, тоа е „Нова Македонија“. Секоја годишнина ги буди сеќавањата на убавите, но и на тешките моменти доживеани во првиот македонски весник. Не може лесно да се заборави едно творечко време, исполнето со многу предизвици, во кое заедно со другите и јас го градев моето новинарско име. Иако поминаа 50 години откако заминав од матичната куќа и егзистенцијата ја побарав во еден сосема друг амбиент, во телевизиското новинарство, носталгијата ме надвладува и навираат спомените. Бев горд што му припаѓав на ешалонот составен од новинарски имиња што оставија печат на едно време. Таа гордост и денес ме облива, зашто на генерациите што доаѓаа можев да им кажам оти и јас во еден период бев дел од тимот на првиот македонски весник, кој се градеше и се издигнуваше заедно со нашата Македонија. „Нова Македонија“ беше колепка на новинарството, а со својата разнобојност од текстови, напишани од вистински новинарски асови од сите области, им нудеше на читателите комплетна информација. Весникот го имавме како нешто свое, неразделно од нас. Посакувам весникот со кој растевме и се развивавме вечно да живее. Тој тоа и го заслужува.

Зоран Михајлов, доајен на македонското новинарство, некогашен уредник на спортската рубрика на „Нова Македонија“


„Нова Македонија“ беше и сѐ уште е новинарски бренд во Македонија. Меѓу многубројните вести од разните рубрики, во неа секако има и многу спортски вести, а кои, пак, додека бев активен фудбалер ги пишуваа многу искусни доајени на новинарското спортско перо, како што се Никола Ковачевски, Миодраг Мицковиќ, Мирослав Наумовски, Зоран Михајлов и многу други. Посебно ги следев понеделничките фудбалски извештаи во прилогот, во кои секој фудбалер добиваше своја оценка за одиграното на теренот за време на натпреварите, па нормално, со нетрпение чекавме да видиме каква оценка сме добиле. Весникот „Нова Македонија“ имаше и директни известувачи од повеќе европски и светски првенства, кои ја доловуваа вистинската атмосфера од тие настани. Со спортските новинари на „Нова Македонија“ секогаш сум имал коректен однос, кога сум играл слабо со право ме критикувале, а кога играв добро добивав комплименти. Секојдневно ја читам „Нова Македонија“. Ви го честитам јубилејот и ви посакувам весникот да доживее и 100 години постоење.

Кочо Димитровски, поранешен фудбалер на Вардар


– Купувањето и читањето весници е култура на живеење, па затоа „Нова Македонија“ како весник е круцијален елемент во креирањето на таа култура преку текстовите што ги креира и анализите што ги обработува, како и преку пренесувањето на различните мислења и ставови за одредена тема. За мене „Нова Македонија“ е важен дел од секојдневието, бидејќи преку текстовите ми дава добар поглед за одредени теми и ме наведува да размислувам за теми од различен агол. Весникот е многу важен елемент во делот на креирањето на културата, бидејќи покрива и теми што многу ретко се застапени во медиумите и јавноста и со тоа ја подига важноста за тие теми. „Колибри“, ЛИК и другите прилози покажуваат грижа за најмалите, за културата во Македонија, за важноста на битието. Весници купувам секој ден, најмалку два дневни весника, па затоа купувајте весници и подигнете ја културата на живеење и читање.

Синиша Пекевски, аналитичар


Сметам дека весникот „Нова Македонија“ имаше и има многу значајно место во македонскиот општествен (и, секако, медиумски) простор. Од своето основање, паралелно со создавањето на македонската држава кон крајот на Втората светска војна, па сѐ до транзицијата во независна држава на почетокот на 1990-тите, „Нова Македонија“ беше главен хроничар на настаните и неприкосновен извор на информации за случувањата во општеството. Со доаѓањето на плурализмот, тоа се случи и во полето на медиумите, вклучувајќи ги и дневните (печатени) весници. Нови весници се појавуваа, често водени од кадри од „Нова Македонија“. Но и згаснуваа (колку што следам сите или речиси сите веќе ги нема), повеќето набрзо по појавувањето. „Нова Македонија“ опстојува, со содржина на која ѝ се верува, без сензационализми и „клик-бајт“ наслови за привлекување внимание и „читаност“. И во новото (дигитално) време, „Нова Македонија“ продолжува да биде главниот хроничар на случувањата во Македонија и би рекол – еден од столбовите на македонската државност!

Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС)


Во моето време, додека спортував, немаше шанси некој спортист да не го чита весникот „Нова Македонија“, кој имаше искусни и квалитетни новинари. Едноставно, кога патувавме некаде на страна, а требаше да играме натпревар тој или следниот ден, немаше друга можност да се информираме за другите резултати и за противниците ако не купевме весник. Информацијата практично од прва рака ја добивавме од весникот, а „Нова Македонија“ беше правовремено информативно гласило. Новинарите доаѓаа на нашите тренинзи, на натпреварите, патуваа со нас кога гостувавме и секогаш имав коректен однос со нив и ден-денес ги почитувам. Дома чувам многу исечоци од страници од весникот „Нова Македонија“ и од пред 45 години, кои ги собирал татко ми додека играв одбојка. Му посакувам на весникот да излегува уште многу години.

Владимир Богоевски, спортски директор на МОК, поранешен одбојкар на Вардар


Седумдесет и осум години со весникот „Нова Македонија“, весник преку кој се запознаваме со големите луѓе и со настаните што го обликуваат светот. Долга традиција што обврзува, бидејќи новинарството ја пренесува и ја коментира токму неа, нашата непосредна историја. Во таа смисла, одговорноста на новинарите и на уредниците е огромна, бидејќи тие се и креатори на јавното мислење.
Посакувам да останете достојни на оваа голема традиција бидејќи најпрво сте сведоци, но истовремено и толкувачи на ова турбулентно време. Ви посакувам услови што ќе ви обезбедат независност, полна слобода и голема творечка енергија почитувајќи го и во иднина новинарскиот кодекс.

Ацо Каланоски, Гетеборг, Шведска


Дневниот весник „Нова Македонија“ е најстариот медиум во Македонија, кој е активен сведок на целокупната македонска историја во изминативе 77 години. „Нова Македонија“ успеа да ја задржи клучната улога на вистински народен весник и никогаш не стана медиум што публикува заповеди и решенија и политички статии.
Со широчината на рубриките што ги обработува, „Нова Македонија“ ѝ го привлекува вниманието на целокупната македонска јавност, обезбедувајќи навремени и точни вести за целокупната општествено-политичка сфера, но еднакво ги третира и клучните економски, културни и спортски прашања. Младите читатели го добија својот простор преку „Медиум“ – заеднички проект со Институтот за комуникациски студии, кој особено внимание посветува на медиумската писменост на младите и креирањето на нивната критичка мисла.
„Нова Македонија“ посветува особено внимание и на технолошките предизвици со кои се соочува цивилизацијата и како македонските иноватори креираат технолошки засновани производи и услуги, кои се конкурентни на светскиот пазар. Особено им благодариме што будно го следат екосистемот за иновации и стартапи и успеваат пионерски да известуваат и за оваа клучна област, која придонесува во дигиталната трансформација на македонската економија.
Ви посакувам уште многу години будно да го следите развојот на македонското општество и да бидете активен чинител во зачувување на македонскиот идентитет и државност.

Александар Стамболиев, коосновач и главен извршен директор на акцелераторот УКИМ и основач на фондацијата „Проф. д-р Димитар Стамболиев“


Честит празник, тебе, наша „Нова Македонијо“.
Во сите твои 78 лета беше и остануваш силен и респектиран семакедонски гласник – медиум што ги постави темелите на македонското дневно новинарство и стана незаменлив, угледен и ценет информативен мост меѓу нашата родна земја, меѓу татковината Република Македонија, и нас, иселените Македонци, кои век-векуваат на сите меридијани од оваа планета.
Со „Нова Македонија“ низа генерации ги научија првите букви, учеа за милениумските корени на татковината, за слободарската епопеја, за развојот, опстојот и непокорот на суверена и самостојна Македонија. Како весник останавте цврсто, непоколебливо, високопрофесионално и посветено на темелните одредници на Илинден, АСНОМ и потоа. Останавте наша семакедонска информативна гордост и веруваме дека така и ќе продолжите во времињата идни.
Од овде, од Мелбурн, ви посакувам и стотиот јубилеј да си го дочекате онака како што му прилега на еден исклучителен наш македонски весник, во татковината и низ светот.

Д-р Ицо Најдовски-Перин, Мелбурн, Австралија


Ние пораснавме со весникот „Нова Македонија“. Секогаш било задолжително четиво во нашето семејство и сѐ уште е! Секогаш сме ги почитувале објективноста и професионалноста на овој печатен медиум. „Нова Македонија“ е слободна Македонија!

Теона и Лабина Митевски


Многу се радувам што „Нова Македонија“ додава уште една нова година во македонската историја. Како најголем медиумски бренд и хроничар на македонското постоење, НМ е секојдневен ритуал кај мене. Јас сѐ уште сум фан на обоени прсти од прелистување и на мирисот на печатарската хартија. Кај вас уживам во колумни. Ги имате најдобрите колумнисти, кои со задоволство ги читам. Сакам различни мислења, сакам долги текстови, сакам анализа – наспрема кратки, атрактивни и ступидни наслови. Вие сте бисер кога станува збор и за вестите и за репортажите од светот. Има што да се прочита, а да не е домашна политика. Да, и за крај, никој не пишува со жар за нашата татковина и за премрежињата со докази и факти како вас. Среќни сме што ве имаме, ама се плашам многу, многу да не ве изгубиме. Ретко што ни остана… ама ведро дечки, славите роденден! Да сте живи и здрави, да ве читаме уште долги години! Жива е „Нова Македонија“!

Александар Блажевски, новинар, ТВ Сител


„Нова Македонија“ им пркоси на сите предизвици и политичко-општествени случувања со смели текстови и коментари на актуелните теми. Ми се допаѓа оптимизмот, кој без оглед на сѐ провејува во авторските текстови и анализи. Ми изгледа дека новинарскиот тим неуморно трага по решенија што можеа или сѐ уште можат да направат подобра Македонија и посреќни и погорди луѓе. Уште една од причините поради кои читам „Нова Македонија“, секако, е видливата грижа за негување на јазикот и во таа смисла за мене има и едукативната компонента. Ви го честитам јубилејот и ви посакувам да го задржите оптимизмот, но и да останете пример за модерно новинарство, кое е во функција на општеството и на Македонија.

Јована Стојменовиќ – уредничка и водителка на „Ја сакам Македонија“, ТВ Сител


– Како новинар што со години ја гради кариерата во Македонија и како сегашен претседател на Здружението на новинарите на Македонија, кое е формирано некоја година по весникот „Нова Македонија“, најпрво би сакал да му го честитам роденденот на еден од весниците што ги поставија столбовите на македонското новинарство. Чест е и задоволство да се биде дел од македонската новинарска историја заедно со „Нова Македонија“.
Весник што е нераскинлив дел од македонската историја и јазик, речиси осумдецениска традиција што беше и е пример за многу генерации новинари, особено во минато, а се надевам и денес. Новинарска читанка за минатото и медиум што ги следи модерните трендови на дигиталната ера преку своите онлајн изданија.
Посакувам уште многу години и многу јубилеи што ќе нѐ потсетуваат на суштината на новинарството, а тоа е професионалниот пристап кон информацијата, со една цел, да стигне до публиката во најточна и најобјективна форма, да биде пример како се учи и практикува новинарството.

Младен Чадиковски, новинар и претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ)


Ние новинарите што работиме во пишаните медиуми често велиме, да се прочита целата содржина на еден број на еден весник е тешко, а камоли да се направи. Тоа на колегите од „Нова Македонија“ им успевало цели 78 години по ред, што зборува многу за значењето на овој медиум за овој простор. Меѓу другото, таму е испишана целата историја на државата од 1944 година досега, а се надевам и многу години во иднина, иако „Нова Македонија“, како и сите други печатени медиуми, е загрозена од современиот развој на модерната технологија. Сите ние ги знаеме предностите на дигитализацијата, па затоа се приспособуваме постепено како печатени медиуми. Но свесни сме и за нејзините лоши страни, како што се лажните вести и масовната манипулација од таканаречени медиуми. Токму тука сметам дека ќе дојдат време и потреба од вистинско информирање од докажани традиционални медиуми, кои ќе бидат единствени во зачувување на нашата новинарска професија, која во име на слободата на изразување, сега е обезвреднета како никогаш досега од хаосот што го создадоа разни портали и социјалните мрежи.
Затоа дозволете да им изразам голема почит на сите генерации колеги што вложија труд изминативе 78 години во „Нова Македонија“, а и на сегашните и на идните генерации им посакувам успешно справување со предизвиците што ги носи времето што доаѓа. Уште многу години „Нова Македонија“!

Лирим Дулови, новинар


Столб на македонскиот медиумски суверенитет

Една земја на југот, многумина ќе се обидат да ја уништат. Преку неа ќе се скршат многу копја. Поради неа народ ќе војува, а жителите на таа земја неколкупати ќе бидат пред тотално уништување. Кога ќе мине таа војна, таа земја одново ќе се роди. Таа земја многумина нема да ја сакаат и ќе се обидат да ја уништат на секој можен начин. Луѓето таму се алчни и поради многу вредни и драгоцени работи, многу крв ќе биде пролеана. Во таа земја се имаат случено многу војни во минатото. На крајот таа земја ќе допре до самиот Бог и ќе биде почитувана од сиот свет… Во таа земја во октомври 1944 година се роди весникот НОВА МАКЕДОНИЈА… врсник со македонската држава, весник што повеќе од осум децении информира, нотира, бележи и запишува трајни сведоштва за драматичниот од на нашата опстојба, низ времињата и невремињата. Македонската драматична стварност весникот ја става во тој контекст, ја опсервира низ тие процеси, низ локалната домашна сплетка и низ напливот на светските глобализациски фурии.
Светот се преуредува. Светот се гради на нови освоени вредности. Мултимедијалниот третман на новата стварност е важен субјект, за многу работи дури и пресуден. Човечкиот род е длабоко навлезен во постинформатичкиот универзум. Силниот технолошки подем е вгнезден во нашите на изглед кревки информациски тела и во нашата свест и на сите еднакво ни овозможува да бидеме дел од глобалното цивилизациска битие. Но сето тоа заедно не значи по автоматизам некаков антрополошки прогрес.
Преминот од аналогна во дигитална ера, освен технолошки иновации, ја прошири и онтолошката рамка на журнализмот како моќен глобален поглед што ја детектира, набљудува и креативно професионално и одговорно ја преобликува стварноста. Традиционалниот израз – печатените медиуми, исчезнуваат или се преобразуваат во иновативен мултимедијален процес во сајбер-просторот, на интернет и редица нови непрегледни можности. „Нова Македонија“ опстои… и ќе ја има долго, за да сведочи и запишува за една филозофија на животот низ кој транзитираме заедно со целата наша заедница и околина. Текстовите објавени во НОВА МАКЕДОНИЈА збогатуваат и на еден поинаков од медиумски начин ја промислуваат згустената слоевитост на политичките, социјално-културните, духовните и историски збиднувања.
И, се разбира, секогаш треба да се има на ум, дека и во развиениот свет медиумите живеат или умираат според тоа колку и како ѝ служат на широката заедница и според степенот на доверба што го генерираат, без оглед на карактерот, типот и жанрот на материјалот.

Аљоша Симјановски


Новинарот на „Нова Македонија“ е првиот записничар на македонската историја

Во овој период работам на еден труд од најсовремената македонска историја, па поголем дел од денот ми поминува задлабочен над поранешните изданија на „Нова Македонија“ од 1980–тите и почетокот на 1990–тите. Историјата на сегашницата, или историјата на денешницата, во македонски контекст, започнува со читање на најновото издание на „Нова Македонија“, па новинарот на овој наш дневен весник е и првиот записничар на македонската историја.
Задачата на македонските историчари, политолози и другите експерти од сферата на општествените науки е многу олеснета поради ригорозното уредување на „Нова Македонија“ и извонредниот краен производ што ги следи најстрогите правила на новинарскиот занает. Не постои настан од политиката, стопанството, културата или од кој било друг домен на македонското живеење што прво не бил забележан и пренесен во „Нова Македонија“, па потоа темелно обработен, критикуван и дебатиран низ страниците на весникот.
Мое особено задоволство е тоа што јас сум долгогодишен соработник во овој наш дневен весник, особено денеска кога „Нова Македонија“ се бори да ја изнајде формулата за опстанок на сериозен и критичен медиум во ерата на дигитализацијата и глобализацијата, но и кога „Нова Македонија“ повторно е бедемот за одбрана на македонската посебност, македонската државност и самобитност, наспроти силите што сакаат да ги згаснат современата македонска нација и нејзиниот новинарски современик.
„Нова Македонија“ не е само „старата дама на македонското новинарство“, туку е и „првиот сведок на македонската историја“.

Ивица Боцевски


„Нова Македонија“ е антифашизам

Јас живеам номадски живот. Немам сопствен дом. Од кирија под кирија, тоа е моето патешествие. Можам ли тогаш да кажам, бидејќи пишувам колумни од 2009 година, дека „Нова Македонија“ е мој дом каде што најдолго престојувам? Секако не телесно, туку уметнички, колумнистички, интелектуално, меѓу страниците и меѓу редовите на овој наш, прв македонски дневен весник.
Да, секако, можам да кажам дека „Нова Македонија“, на одреден начин е мој дом.
Создадена среде ужасите на војната, додека Македонците ја водеа својата антинацистичка и антифашистичка револуција, „Нова Македонија“ е врсник со модерната македонска република и растеше со неа и во времето на Југославија и во времето на самостојна Македонија. А во светот на печатените медиуми, низ планетава, тоа и не е толку честа појава, еден дневен весник толку долго да опстојува.
Велат, историјата се повторува како фарса. А кај нас, во Македонија, оти во последно време сè е испревртено наопаку и фарсата се повторува како историја, меѓутоа фарсата и историјата жанровски се измешаа, „Нова Македонија“, за среќа или несреќа, неважно е тоа, одново живее среде нацистички и фашистички времиња. Знам, на многумина ќе им звучи сето ова жестоко и стравотно, но вистината е таа. Обидот за укинување на една нација преку ништење на сите нејзини идентитетски обележја е манифестација на нацизам. Отворањето клубови со имиња на фашистички соработници, поддршка е на фашистичката идеологија. Затоа, среде денешнава изопачена нова нормалност, како во светот така и во Македонија, чест ми е да бидам дел од „Нова Македонија“, родена среде антифашистичката катарза на Македонците, а сега возрасна и зрела, столб на отпорот против обидите за воскреснување на оние две зла што го зацрнија светот во Втората светска војна.

Александар Русјаков


Единствената оаза на новинарскиот професионализам

За мене, „Нова Македонија“ е единствениот денес жив и остварен мит на некогашниот идеал на секој чесен новинар: вистината во новинарството. Таа е и моето детство: како шестгодишен, татко ми, Верољуб Андоновски, еден од новинарите на онаа сјајна новинарска империја што тогаш знаеше да достигне и тираж од 40.000 печатени примероци во празничните денови, ме водеше на неговите дежурства. Тие дежурства започнуваа зад машините за пишување, продолжуваа во „оловната“ печатница кај линотиперите и словослагачите, а завршуваа во кафеаната „Букет“ каде што се чекаше првиот излезен примерок на весникот, онака како што по тежок труд, лозарот го чека првиот грозд од својата берба. „Нова Македонија“ е и мојата младост: бев редовен соработник на ЛИК, со книжевни критики, полемики, есеи, но и учесник на Конкурсот за расказ, кој и денес постои, за среќа. Кога сето тоа безумните го уништија (цела една културно-просветна империја сместена во зградата „Пароброд“), кога пропаднаа и „Детска радост“ и серија други изданија и базични културни вредности, благодарејќи ѝ само на благородната и благородничка природа на еден свесен и совесен човек-патриот, препознавач на културните вредности, господинот Минчо Јорданов, се спаси нужното: брендот. Така, „Нова Македонија“, за среќа, постои и денес. Самиот факт што сум нејзин редовен колумнист (во моментов на мала пауза) говори што мислам за неа. Се плашам дека денес овој весник е речиси единствената оаза на новинарскиот професионализам и единственото место каде што може човек слободно, без цензура, да каже што мисли. Затоа, да го чуваме овој олтар на демократијата и професионализмот. Нека ни е вечна и вековита „Нова Македонија“!

Венко Андоновски