Премиерот на преодната влада во неколку наврати спомена дека треба да се работи на зајакнување на заедништвото во државата, но наместо да работи на промовирање на работите што поврзуваат, аналитичарите и соговорниците објективно забележуваат дека тој поттикнува уште поголема сегрегација. Во мултиетничко општество какво што е македонското, јазикот е единственото сврзувачко ткиво што може да биде нуклеусот околу кој ќе се обединат сите граѓани, а во овој случај тоа е македонскиот јазик како уставна категорија, јазик што го говорат мнозинството граѓани и кој треба да биде клучното врзивно ткиво, особено за младите генерации што доаѓаат

Поранешниот спикер, а сегашен „технички премиер“продолжува со старата практика

Уште пред да биде изгласана новата преодна влада, техничкиот премиер Талат Џафери презентацијата на владината програма од собраниската говорница ја започна на албански јазик, спротивно на Уставот и Законот за употреба на официјалниот јазик.
Потврда дека тоа не е инцидентна случка и дека сето тоа не е резултат на триумфализмот и еуфоријата од добиената премиерска функција е тоа што Џафери и во сите објави на социјалните мрежи се држи до оваа практика, па неговите известувањето се прво на албански, а потоа на македонски и на англиски. Се случува да има и официјални објави што се само на албански јазик, без да биде запазено правилото тие да се и на македонски јазик.
Ова не е ништо ново од поранешниот собраниски спикер, кој во својство на прв парламентарец пред некоја година обраќањето во Европскиот парламент го започна на албански јазик, без оглед на реакциите на домашната јавност дека на тој начин го прекршува членот седум од Уставот, во кој јасно е наведено дека македонскиот јазик и неговото кирилско писмо се службени за меѓународна употреба.
Лицемерно е што истиот тој човек при секое стапување на функција, било како министер, претседател на Собрание или сега како технички премиер, секогаш положуваше заклетва дека ќе го почитува уставниот поредок на Република Македонија, за потоа флагрантно да ја прекршува дадената заклетва и да не го користи службениот јазик што е негова законска обврска при секој настап.
Сето ова има и една друга димензија. Имено, техничкиот премиер во неколку наврати спомена дека треба да се работи на зајакнување на заедништвото во државата, но наместо да работи на промовирање на работите што поврзуваат, тој поттикнува уште поголема сегрегација. Во мултиетничко општество какво што е македонското, јазикот е единственото сврзувачко ткиво што може да биде нуклеусот околу кој ќе се обединат сите граѓани, а во овој случај тоа е македонскиот јазик како уставна категорија, јазик што го говорат мнозинството граѓани и кој треба да биде клучното врзивно ткиво, особено за младите генерации што доаѓаат. На тој начин нема да има потреба од посебни училишта и паралелки, туку сите ќе учат заедно, ќе се разбираат и ќе го унитаризираат општеството. Техничкиот премиер го прави спротивното.
За повеќето експерти нема никаква дилема дека техничкиот премиер целосно го прекршува Уставот, но истовремено се свесни дека неговото самоволие оди дотаму бидејќи знае оти нема кој да го санкционира и буквално прави што сака.
– Ќе прави така бидејќи му се може, настапува од позиција на сила. Со употребата на албанскиот јазик ги прекршува Уставот и законите, иако себеси се декларира за Европеец. Каде е и таа Европа да реагира или да реагира на пример стратегискиот партнер, кој е нивен заштитник сиве овие години – вели Драган Јањатов, поранешен дипломат.
И професорката Елка Јачева Улчар од Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ се согласува дека ваквите јавни настапи на Џафери, на кои се фаворизира албанскиот на сметка на македонскиот јазик, се противуставни и незаконски.
– Не само што се прекршува Законот туку и Уставот. Македонскиот јазик е прв јазик и јазик во меѓународна комуникација и сите други јазици што се употребуваат, имам предвид за населението над 20 отсто, тие јазици се регулираат со закон – појаснува професорката.


Воопшто не е важно доколку се сегментира Македонија, важно е да не се сегментира албанското гласачко тело?!

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ја коментираше средбата на повеќето лидери од албанскиот кампус кај премиерот на Косово, Албин Курти. Клучното прашање за Ахмети воопшто не се Македонија и нејзиниот карактер како држава, како и влијанијата однадвор за тоа. Според него, приоритетно политичко прашање е дали движењето „Самоопределување“ на Курти планира да учествува на изборите во Македонија и дека „ако тоа го направи Курти, ќе го сегментира албанското гласачко тело во Македонија“. Имено, Али Ахмети истакна дека „ако Курти има стратегија да се камуфлираат работите, не е добро, да ги кажеме работите отворено“, додавајќи дека „она што го кажа Изет Меџити (расколникот од ДУИ, н.з.) не се совпаѓа со изјавата што ја даде Албин Курти во Скопје“, кој рече дека движењето „Самоопределување“ не учествува на овие избори.
Во врска со претстојните избори, лидерот на ДУИ искоментира дека „учеството на ’Самоопределување’ на косовскиот премиер Курти и така не може да влијае на резултатот, бидејќи албанскиот електорат во Македонија е доста дефиниран“. Ахмети самоуверено изјави дека „ДУИ е победник на изборите уште пред да се одржат и дека тоа го знаат и македонската и албанската опозиција“. Наместо да се осврне на тенденциите на разговорите и политиките што одат во правец спротивен од „демократска интеграција на Македонија“, тој укажа пред сѐ на „штетноста од фрагментирањето на гласовите на Албанците“.
– На Албанците во С. Македонија не им требаат три, четири, пет, шест или седум партии, бидејќи колку повеќе партии има, тогаш Албанците ќе бидат помалку важни – потенцира Ахмети.