Ле Пен ги прогласи изборите за Сенатот како „историска победа“
- Првиот сенатски клуб во историјата на Националниот собир на Ле Пен ја менува политичката тежина на партијата, но вистинскиот тест ќе биде претседателската трка во 2027 година
Само неколку месеци пред француската претседателска трка, изборите за Сенатот донесоа резултат што во Париз се чита како важен сигнал за натамошното јакнење на Националниот собир (Rassemblement national) на Марин Ле Пен и Жордан Бардела. По гласањето на 27 септември, Националниот собир за првпат во својата историја обезбеди доволен број сенатори за формирање парламентарна група во горниот дом, во сојуз со Унијата на десницата за републиката (УДР) на Ерик Чиоти. Француските медиуми известуваат за најмалку 14, односно околу 15 сенатори во идниот блок, над минималниот праг од десет члена потребен за формирање група. Марин Ле Пен веднаш го опиша резултатот како „историска победа и голем чекор“. Таа оцена не е само партиска реторика: самото формирање сенатска група навистина претставува преседан за Националниот собир и најзначајното институционално присуство на партијата досега во Сенатот.
Од три до повеќе од десет сенатори
До овие избори Националниот собир имаше само тројца сенатори. На изборите на 27 септември беа обновени 178 од вкупно 348 места во Сенатот, а изборниот резултат му овозможи на Националниот собир, заедно со сојузниците од УДР, да го премине прагот неопходен за создавање сопствена парламентарна структура.
„Ле монд“ го опиша резултатот како важна етапа во институционализацијата и територијалното вкоренување на Националниот собир, додека „Ле паризиен“ нагласи дека партијата за првпат во својата историја добива можност да формира група во палатата „Луксембург“. Тоа е повеќе од симболика. Парламентарната група носи поголема институционална видливост, повеќе можности за учество во работата на комисиите и поголем простор за политичка иницијатива. Пробивот, според тоа, го преместува Националниот собир од позиција на сила со ограничено сенатско присуство кон актер со организирано присуство и во двете парламентарни комори. Но, истовремено, резултатот не го преврте Сенатот. Конзервативната десница ја задржа контролата врз горниот дом, а големите политички односи во Сенатот остануваат релативно стабилни. „Ле монд“ експлицитно укажува дека Националниот собир напредува, но дека десницата и нејзините центристички сојузници и понатаму ја задржуваат мнозинската позиција.
Удар врзмакронистичкиот центар
Вториот важен елемент е состојбата на претседателскиот табор. Според анализата на „Ле монд“, макронистичката група РДПИ во Сенатот го продолжува својот пад и по изборите би требало да се движи околу 14–15 члена, во споредба со 19 претходно. Медиумот зборува за продолжување на „reflux“ – повлекување/опаѓање – на макронистите, иако групата не исчезнува и го задржува своето парламентарно присуство. Токму тука резултатот добива пошироко политичко значење. Изборите за Сенатот се последното национално гласање пред претседателските избори во 2027 година. Иако сенаторите се избираат со индиректно гласање, преку големите избирачи – главно локални избрани функционери – резултатот дава слика за тоа колку длабоко се вкоренети партиите во локалната политичка структура. А токму во тоа поле Националниот собир направи чекор напред. „Ле монд“ потсетува дека напредокот на Националниот собир на сенаторските избори доаѓа по добрите резултати на партијата на локалните избори во март, што му помогнаа на движењето да ја претвори изборната поддршка во поголемо присуство на локално ниво.
Сенатскиот резултат на суверенистите е многу повеќе од парламентарна статистика
Во политичката интерпретација на Ле Пен, сенатскиот резултат е многу повеќе од парламентарна статистика. Таа го претставува како доказ дека Националниот собир постепено ја напушта долгогодишната позиција на протестна и опозициска сила и се претвора во партија со сè поширока институционална инфраструктура. И дел од француските медиуми го регистрираат токму тој процес.
„Еуроњуз Франс“ оценува дека изборите не ги променија фундаментално односите на силите во Сенатот, но истовремено нагласува дека создавањето група на Националниот собир и УДР претставува една од двете големи новости на изборите.
„Ле паризиен“, пак, го става резултатот директно во контекст на претседателските избори во 2027 година: Националниот собир досега имал само три сенаторски места, а сега го достигнува бројот неопходен за парламентарна група. Оттука, тезата на Ле Пен дека се случува „историски“ пробив има јасна фактичка основа ако под „историски“ се подразбира првото создавање сенатска група на Националниот собир. Но од тоа не следува автоматски дека е започнат процес на „детронизирање на Макрон“.
Макрон веќе не е кандидат, а вистинската битка е за наследникот
Ова е важна нијанса за разбирањето на француската политичка сцена. Емануел Макрон, според францускиот устав, не може да се кандидира за трет последователен претседателски мандат. Тој мора да ја напушти Елисејската палата во мај 2027 година. Затоа политичкиот конфликт што се отвора не е класична битка „Ле Пен против Макрон за претседател“, туку борба за тоа кој ќе ја наследи ерата на Макрон и каков политички систем ќе следува по неа. Во таа смисла, сенатскиот резултат може да се чита како дел од поширокиот процес на слабеење на макронистичкиот политички центар и истовремено јакнење на десниот блок. Но тука треба да се направи разлика меѓу две работи: институционален напредок и изборна победа на претседателските избори. Првото веќе се случи. Второто допрва треба да се случи.
Сенатот како политичка лабораторија за 2027 година
Особено е значајно што Националниот собир го оствари резултатот во момент кога Франција веќе влезе во фактичката предизборна фаза за 2027 година. Француските медиуми потсетуваат дека Марин Ле Пен веќе ја објави својата кандидатура за претседателските избори, а Националниот собир ја гради кампањата врз идејата дека неговото локално и институционално ширење треба да се претвори во национална власт. Во исто време, Жордан Бардела и Ле Пен го користат сенатскиот успех како аргумент дека партијата повеќе не е само сила на протестниот глас, туку организација способна да се вкорени во институциите. Токму тоа е можеби најзначајната последица од изборите. Националниот собир сè уште нема контрола врз Сенатот. Десницата ја задржува својата доминантна позиција, а макронистичкиот блок, иако ослабен, останува присутен. Сепак, партијата на Ле Пен за првпат добива сопствена група во горниот дом на парламентот – институција во која со децении беше практично маргинален играч.
Од „протест“ кон „власт“
Затоа вистинското значење на изборите можеби не лежи само во бројот на освоени сенаторски места. Станува збор за постепена промена на политичкиот статус на Националниот собир. Од партија што долго време беше третирана како периферна или претежно протестна сила, Националниот собир се движи кон позиција на партија со локална инфраструктура, парламентарно присуство во двете комори и јасно поставена претседателска амбиција. Тоа е и причината зошто Марин Ле Пен има причина да го претставува овој резултат како „историски“. Но дали тој историски чекор ќе биде и пресврт кон Елисејската палата, ќе биде познато дури по претседателските избори во 2027 година. Сенатот покажа дека Националниот собир го проширува своето институционално присуство. Не покажа дека веќе ја освоил Франција. А токму меѓу тие две констатации се наоѓа следната голема политичка битка на Петтата Република. Р.С.
































