Без оглед кој како гледа, без да биде преценуван или сметан за херој, по неколку аспекти Христијан Мицкоски е клучниот човек на собраниските избори во Македонија на 8 мај 2024 година. Не поради личноста, туку поради позицијата како лидер на најголемата опозициска партија, поради надворешните геополитички околности и внатрешните вистински или вештачки поттикнати поделби. Од неговиот успех или пораз зависи во која насока ќе се движи Македонија, како на домашен така и на меѓународен план. Дали државата ќе попушти под силните домашни или странски притисоци, кои ги загрозуваат македонскиот национален идентитет, историја, јазик и писмо, или ќе покаже имунитет да ги заштити нив со нужни компромиси и по разумна цена, најмногу ќе зависи од неговиот изборен резултат и од способноста да формира влада
Ако може да им се верува на прогнозите во анкетите за собраниските избори во Македонија што треба да се одржат за седум дена, тогаш извесна е победата на ВМРО-ДПМНЕ. Без оглед на анкетите, и од Социјалдемократскиот сојуз најавуваат дека ќе победат, ќе добијат повеќе пратеници, ќе формираат собраниско мнозинство и ќе формираат идна влада. Знаејќи дека за ширење оптимизам не се плаќаат пари, двете страни го нудат бесплатно овој емоционален артикл во големи количества.
Надежите на ВМРО дека ќе се врати на власт по третпат од осамостојувањето на Македонија не се мали. Ги искористи седумте години во опозиција за да ги залечи партиските рани од лошото владеење на Никола Груевски и неговата номенклатура, ги реорганизира комитетите на теренот, изврши дел кадровски поместувања и промени. Политички ја издржа опсадата во Собранието поставена од СДСМ И ДУИ околу уставните амандмани, покажа капацитет да одржи колку–толку константа во ставовите и да го удира СДС таму кај што го боли најмногу.
Никој не верува во пораз
Партијата никогаш не ја достигна енергијата манифестирана во времето на Љупчо Георгиевски, ниту онаа од почетните години на Никола Груевски, но со ремонтирани мотори, возејќи бавно, но сигурно се приближува кон целта. Победата на локалните избори во 2021, освојувањето мнозинство општини и градови додаде ново солидно погонско гориво со кое можеше да се вози на патот проширен со уште една брза лента.
Во видливата еуфорија што ја шират партиските говорители на трибините, вклучувајќи ја и Гордана Силјановска Давкова, кандидатката за претседател на државата, победата како да е веќе врачена на тацна. Сите се среќни, весели и радосни кога се победува, различни се реакциите кога се доживува пораз. Во исход во кој партијата ќе биде исфрлена од игра речиси никој не верува.
Но што ако на овие избори ВМРО–ДПМНЕ доживее неуспех, не ги добие изборите или да ги добие, а да не може да формира влада? Тоа прашање засега е хипотетичко, но утре – другиден може да биде реално. Таа антивмровска трагична претстава јавноста можеше да ја види на изборите во 2016 кога Груевски го победи Заев со осетна разлика во гласови и пратеници, но со недоволен број да состави мнозинство. Во последен момент превртливиот, но практичен, Али Ахмети го предаде својот дотогашен партнер, истото што му го направи на СДСМ претходно.
Последната шанса
Доколку се случи тоа, партијата ќе го преболи поразот, само на лидерот Христијан Мицкоски му се заканува судбината дека ќе замине во политичката историја.
Мицкоски како претседател на партијата ја бие својата пресудна битка за политички опстанок. Со штитот или на него. Со лавот или во неговата уста. Ова му е последната шанса да покаже дека може да биде автор на изборна победа. Цели седум години, речиси од денот кога е на чело, повикуваше на вонредни собраниски избори. Никогаш не успеа. Беше грубо игнориран, често исмеван, дури и понижуван и од Заев и од Ковачевски.
Можниот евентуален пораз за него ќе биде погубен. Никој нема да му го прости, особено внатре во партијата во која поединци со нетрпение чекаат да делат од колачот на власта. Една или две групи се трудат со години да го симнат од тронот. Партијата, иако покажува стабилна слика, сепак не е монолитна, врие од незадоволни, од елиминирани, од одмаздољубиви.
Полна е нејзината историска и ововременска архива со сведоштва за сурови пресметки, за предавства, за нож во грбот, за крвави разврски, за братоубиства. Ќе му измислуваат и лепат вини и одговорности уште од мајка нероден, ќе го провоцираат, ќе му шират интриги, ќе му подметнуваат афери, ќе му се закануваат додека не клекне. Конечно како товар што ќе му тежи си ја носи и сопствената изјава дека доколку ги загуби овие избори ќе ја напушти политиката, што значи и претседателствувањето со партијата.
Иста цел – различни приоди
Без оглед кој како гледа, без да биде преценуван или сметан за херој, по неколку аспекти Христијан Мицкоски е клучниот човек на собраниските избори во Македонија на 8 мај 2024 година. Не поради личноста туку поради позицијата како лидер на најголемата опозициска партија, поради надворешните геополитички околности и внатрешните вистински или вештачки поттикнати поделби.
Од неговиот успех или пораз зависи во која насока ќе се движи Македонија, како на домашен така и на меѓународен план. Дали државата ќе попушти под силните домашни или странски притисоци, кои ги загрозуваат македонскиот национален идентитет, историја, јазик и писмо, или ќе покаже имунитет да ги заштити нив со нужни компромиси и по разумна цена, најмногу ќе зависи од неговиот изборен резултат и од способноста да формира влада.
Значи, овие избори не се војна на световите, не е ова реприза на битката на Марица, на борба меѓу Истокот и Западот, призвук што сака да им се додаде. Ниту е пресудна битка за опстанокот на Македонија, како што некои настојуваат да ја подгреат атмосферата. Станува збор за судир на отворен мегдан на два партии, на две сосема различни концепции за развојот и иднината на државата, но со една заедничка цел – зачленување во Европската Унија. Разликите се во начинот, во квалитетот, во цената, дури и во емоциите, таа важна човекова духовна супстанција на која се сака да ѝ се одземе секаква вредност.
Загубена довербата во СДСМ
Ако им се верува на анкетите, Социјалдемократскиот сојуз ќе ги изгуби овие избори, иако во партијата се сомневаат во вистинитоста на анкетните показатели. Но и без анкетите, повеќекратни се причините поради кои СДСМ ќе ги загуби изборите. На спротивната страна од партијата се неповолната перцепција и загубената доверба на граѓаните од нејзиното владеење минатите седум години.
Од Шарената револуција, на која беше инспиратор и организатор, се потпира на лаги и нечесност, така функционира и како партија и како државен владин орган. Идеологијата ја замени со трговија. Корупцијата ѝ стана матичен број и службена адреса, за што сведочат и извештаите на американскиот Стејт департмент. Традиционалната ароганција кога се на власт ја искачи на највисоките скалила, не покажа ни минимум волја да биде поблиску до маките на граѓаните. Ги изигра, ги злоупотреби, нивните големи надежи.
Го затвори полето за критика во сопствените редови, сите оние што се обидуваа да предупредат на лошата политика беа прогласувани за вмровци, за руски пропагандисти, платеници или шпиони и како такви проскрибирани и замолчени. Недоветната кадровска политика, формирањето нова криминогена капиталистичка елита, потпирањето врз полтрони и анационални персони создадоа слика на партија што е далеку од реалноста и од она што всушност се случува. Судските афери и трагикомичните судења го дополнуваат портретот насликуван со темни бои.
Илинден заборавен – Делчев оспоруван
Раководството на СДСМ го заборави АСНОМ (Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија – да се потсетат младите), го искомплицира одамна решеното македонско национално прашање. Внесе сомнежи за историјата на македонскиот народ, го дезавуира значењето на Илинденското востание, го урна националниот светоглед за Гоце Делчев. Ги заборава славните датуми и лица од Народноослободителната војна, со потценување се однесува кон личностите од тој период, вистинските основачи на сегашната партија. Следбениците не се покажаа достојни на нивните претходници. Она што тие го извојуваа со крв нивните наследници го предаваат со пенкало.
Бегајќи од подалечното и поблиско минато, лишувајќи се од митови и личности, Социјалдемократскиот сојуз сега остана на ниво на празен лист хартија, табула раза. Со таа политика ја остава без историјата и самата држава, ја остава без историски дејци на кои може да се повика и да се одбрани. Нивниот поранешен лидер Зоран Заев ја фрли Македонија во балканска кал и таму ја остави валкана и немоќна да се извлече неповредена и чиста. Преку неговиот коалициски партнер ДУИ, преку министерот за надворешни Бујар Османи со потпишувањето на протоколите со Бугарија, ја дотурна во живиот песок.
И Ковачевски – или победа или оставка
Актуелната екипа на СДС во последните неколку години дозволи целата политичка иницијатива да ја даде во рацете на ДУИ со која ја дели власта. Не само што на албанската партија ѝ ги препушти сите економско–финансиски ресори во Владата, ресорите кај што има најмногу пари, туку ѝ овозможи да го добие приматот на прва и најважна алка во целокупното владеење со државата. ДУИ прва виолина, СДСМ придружен вокал, таков впечаток се создаде во јавноста. Можеби е погрешна таквата перцепцијата, но и низа факти одат во прилог да го потврдат впечатокот.
Во такви неповолни околности, Димитар Ковачевски излегува за првпат пред гласачите. По ненадејното инсталирање на водечката партиска и владина позиција овие избори ќе му бидат првото огнено крштевање како лидер што ја води партијата на избори. Прв и можеби последен пат. Доколку победи и формира коалициска влада, ќе го потврди статусот на прв и прав лидер, доколку загуби ќе нема друг избор, освен да поднесе оставка.
Ковачевски во ракав има само еден адут – Европската Унија. НАТО, иако е најголемиот успех на оваа влада, не носи победнички гласови. Но параванот на ЕУ не може да ги скрие сите слабости и негативности што СДСМ ги сееше низ македонското политичко поле во изминативе шест–седум години. Надежта за постигнување победа е како задоцнета берба на ориз, зрно по зрно. Втората опција е да се мати водата за да може да се фати сламка за спас во последен час.