Фото: Игор Бансколиев

Меѓународната агенција за истражување на ракот во 1992 година го класифицира ултравиолетовото зрачење како канцерогено, а од 2007 година и солариумите. Дури девет проценти од сите случаи на меланоми кај жените се поврзани со користење солариум. Експертите истакнуваат дека не е толку важна возраста на личноста, колку што е важно времето што таа личност го поминала изложена на УВ-зраци без заштита. Значи, важен е стажот на сончање

ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: АЛАРМАНТНИ ПОДАТОЦИ ЗА РАКОТ НА КОЖАТА

Холандија ова лето на своите граѓани ќе им понуди бесплатна заштита од сонце, со цел да се справи со сѐ поголемиот број на заболени од рак на кожата што се забележува во оваа земја. Дистрибутерите на кремови за сончање ќе бидат достапни во училиштата и на факултетите, во парковите, спортските објекти и јавните простори, како и на фестивалите што ќе се одржуваат во делови од земјата. Холандската влада објави дека на сите ќе им овозможи заштита од сонце за високите цени на кремовите да не претставуваат пречка за нивното користење. Каква е состојбата во Македонија и како да се заштитат граѓаните ни објасни д-р Наташа Теовска Митревска, дерматолог од „Ре-медика“.

ШТО Е МЕЛАНОМ

Меланом е вид рак на кожата што се развива кога меланоцитите почнуваат да растат без контрола. Најважниот фактор за ризик е изложеноста на ултравиолетово зрачење што природно доаѓа од сонцето или од солариумите.
Меѓународната агенција за истражување на рак, во 1992 година го класифицираше ултравиолетовото зрачење како канцерогено, а од 2007 година и солариумите. Дури девет проценти од сите случаи на меланоми кај жените се поврзани со користење солариуми.
Експертите истакнуваат дека не е толку важна возраста на личноста, колку што е важно времето што таа личност го поминала изложена на УВ-зраци без заштита. Значи, важен е стажот на сончање.
Ризикот е најголем кај луѓето со светол тен, кои имаат ниски пигменти на меланин, а почесто заболуваат мажите од жените или, поточно, белците со европско потекло. Најретко заболуваат во азиските и африканските земји.
Меланомот е петти најчесто дијагностициран рак кај двата пола, кај мажите по ракот на простатата, белите дробови, дебелото црево и мочниот меур, а кај жените по ракот на дојката, дебелото црево, белите дробови и грлото на матката. Тој е еден од 15-те најчести причини за смрт од рак кај двата пола.

КАДЕ СЕ ПОЈАВУВААТ

Меланомите најчесто се појавуваат на кожата, ретко може да се појават и во устата. Кај жените најчесто се појавува на нозете, а кај мажите на трупот, односно на грбот.
Околу 25 проценти, меланомот се развива од младеж. Промените што може да укажат на меланом вклучуваат зголемување на младежот, неправилни работи, промени во бојата и чешање или излупена кожа. Проблемот со меланомите е тоа што многу доцна се откриваат, дури откако ќе метастазираат на другите делови од телото.
Страницата на најголемата невладина организација што финансира истражување на рак на кожата „Меланома рисрч алијанс“ истакнува дека околу 90 проценти од сите меланоми се поврзани со изложеност на ултравиолетово зрачење на сонцето. Тоа значи дека за да се спречи, треба да се избегнува изложеност на сонце, особено во периодите од денот кога УВ-зрачењето е најсилно, односно да користиме соодветна заштита како чадор, шешири, облека, очила и крем за сончање.

КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИМЕ

Во делови од Европа, но и во светот, стапката на заболени од рак на кожата во последните дваесет години значително расте. Според Сојузната канцеларија за статистика, во Германија во 2021 година бројот на починати од рак на кожата пораснал за 55 проценти во однос на 2001 година.
Поразувачки бројки доаѓаат и од Хрватска. Според студијата, бројот на заболени од меланом во оваа земја расте од 3,5 до 4 проценти кај мажите, а 2,8 проценти кај жените. Од 2001 до 2019 година оваа бројка се удвоила.
Според дерматологот д-р Наташа Теовска Митревска, која долги години работи во првата приватна општа болница „Ре-медика“, годинава од рак на кожа ќе починат околу 7.990 лица. Од нив. 5.200 се мажи а 2.570 се жени. Поконкретно, едно од четири лица ќе заболи од рак на кожата.
– Светската здравствена организација (СЗО) препорачува крем за сончање да се нанесува 20 минути пред изложувањето на сонце, со повторно нанесување на секој втор час, и истото тоа да се повторува по пливање или капење – вели Теовска Митревска.
Според неа, изложеноста на сонце може да доведе до карцином на кожата (меланом, базоцелуларен, Меркелов карцином, скамоцелуларен), брчки, стареење на кожата, проблеми со видот и имуносупресија.
– Сонцето содржи три вида ултравиолетови зраци. УВА-зраците се најчести причинители на стареењето на кожата и појавата на брчки. Солариумите вообичаено ги користат овие зраци. УВБ-зраците се најчести причинители на изгореници од сонце, катаракта и оштетување на имуниот систем. УВЦ-зраците пак се најопасни, тие се апсорбираат од нашата озонска обвивка. УВ-зраците (ултравиолетово зрачење) се невидливи светлосни бранови емитирани од сонцето. Овие зраци спаѓаат надвор од видливиот спектар, што значи дека не се видливи со голо око за луѓето.УВ-зраците се присутни во сончевите зраци во текот на целата година и не се поврзани со температурата на воздухот. УВ- зрачењето е составено од три типа бранови, и тоа УВА, УВБ и УВЦ – вели таа.
Според неа, ултравиолетовата радијација може да ја оштети кожата без да знаете, да предизвика карцином на кожата, да биде висока и на ладно и на потемни места, не се чувствува, може да помине низ лабаво ткаена облека и може да се рефлектира од рефлектирачките површини како што се метал, бетон и вода.
– За развој на рак на кожата постојат и ризик-фактори: светол тен, светла коса, шетање на планина и на места поблиску до сонцето, фамилијарна историја на кожен карцином, како и одредени лекарства. Граѓаните треба да ги намалат сончевите активности помеѓу 10 и 16 часот, да ги презакажат работните активности рано наутро или попладне и да се покријат доколку треба да излезат, да користат СПФ-крем, очила, капи, облека – потенцира докторката.
Таа препорачува строго користење заштитен крем што ќе ги блокира УВА и УВБ-зраците од сонцето.
– Заштитен фактор треба да се аплицира 20 минути пред излегувањето и да се повтори по два часа или по пливање, потење или бришење со крпа – нагласува докторката.
Според неа, надворешните фактори, како пливањето, физичката активност, потењето и контактот со песок на плажа и облека, може да го намалат количеството на факторот, а со тоа и ефектот.


Што е заштитен фактор и како дејствува?

Секој заштитен фактор има СПФ, кој е нумерички систем за рангирање за да се укаже на степенот на заштита на производите. Сончањето не ви дава целосна заштита.
Дерматологот д-р Наташа Теовска Митревска вели дека треба да се избере фактор за заштита или производи што ги блокираат УВ-зраците во согласност со рејтингот на СПФ.
При примена на фактор за сончање вашата кожа добива еквивалент на 1 минута од УВБ-зраци за секои 15 минути поминати на сонце.
– Така, два часа на сонце со СПФ 15 заштита од сонце е исто како и поминати осум минути незаштитен. СПФ 15 или повеќе се препорачува да се користи во текот на целата година од страна на сите типови кожа, а за оние со повеќе или помалку бледа кожа се препорачува употреба на заштитен фактор од 30 или повеќе. Ако нашата кожа нормално гори за 10 минути на сонце, користењето крем со заштитен фактор 15 ќе ни ја заштити кожата за 15 пати повеќе од тие 10 минути, значи 10х15 се 150 минути. Сепак, ова е груба процена, која зависи од типот на кожата, интензитетот на сончевата светлина и количеството на крем што се нанесува. СПФ е всушност мерка на заштита од изложеност на УВБ и не е наменето да ви помогне да го одредите времетраење на изложеноста.
За најдобра заштита, експертите препорачуваат да се користи крем со минимум СПФ 15 и да се користи во количество од 2 мг/см2 кожа – нагласува докторката.
Според неа, добро е да се знае дека СПФ-скалата и степенот на заштита не се линеарни:

СПФ 15 блокира 93 отсто од УВБ-зраците
СПФ 30 блокира 97 отсто од УВБ-зраците
СПФ 50 блокира 98 отсто од УВБ-зраците

Ова би значело дека крем со заштитен фактор 30 би дал само 4 отсто поголема заштита од кремот со заштитен фактор 15.