Фото: Маја Јаневска-Илиева

Она што е важно за возачите во зимски услови е дека соодветниот притисок во пневматиците е клучен за безбедноста на автомобилот, но и за „здравјето“ на самите гуми. Ако притисокот во гумите не е точен, тоа влијае на животниот век на гумите и може да биде многу опасно.Зошто е важно да се изберат нови зимски гуми?
Гумите се единствениот дел од целото возило со кој е воспоставен „контакт“ со подлогата. Токму затоа тие се најважни за безбедноста. Ако гумите се лоши, нема да закочиме навреме или ќе се лизнеме во кривина. Возењето со лоши гуми е ризично без разлика колку внимателно возите. Затоа не треба да се штеди на делот од кој зависи нашиот живот, а еве и зошто не треба да се купуваат користени зимски гуми

ОД НАШИОТ ПРОЕКТ ЗА БЕЗБЕДНОСТА ВО ПАТНИОТ СООБРАЌАЈ: СÈ ШТО НЕ СТЕ ЗНАЕЛЕ ЗА ГУМИТЕ НА АВТОМОБИЛИТЕ

Пневматиците на возилата се можеби едни од најважните делови на кои не само што им се посветува мало внимание туку и голем број возачи не знаат дека и за нив во зимски услови постои цела една наука, почнувајќи од тоа колкав треба да биде притисокот, дали е потребно да се менуваат на секои четири години, зошто никогаш не треба да се купуваат половни гуми. Голем број возачи воопшто не се запознаени со основните работи за пневматиците, па, од тие причини, разговаравме со вулканизери што даваат одговор на овие прашања.

Каков треба да биде притисокот на воздухот
во зимските гуми?

Иако сега сме во некој период на стабилно суво и потопло време, метеоролозите најавија нов студен и снежен бран во текот на февруари, а тоа значи дека сме далеку од пролетни услови на патот.
Она што е важно за возачите во зимски услови е дека соодветниот притисок во гумите е клучен за безбедноста на автомобилот, но и за „здравјето“ на самите гуми. Ако притисокот во гумите не е точен, тоа влијае на животниот век на гумите и може да биде многу опасно.
– Пропишаниот притисок во гумите варира многу од возило до возило и зависи од типот на гумите, тежината на автомобилот и неговата оптовареност. Препорачаните информации за притисокот во гумите обично може да се најдат на столбот Б на автомобилот од страната на возачот или од внатрешната страна на капачето за полнење гориво. Доколку ги нема на некое од овие места, сигурно ќе ги најдете во упатството за употреба на автомобилот – вели Димитар Димовски, вулканизер од Скопје.
Тој вели дека во зависност од тоа колку возите, возраста и состојбата на гумите, оптоварувањето на автомобилот, надворешната температура и многу други фактори, притисокот на воздухот во гумите не е константа, туку често се менува, а понекогаш може значително да опадне со текот на времето.
– Затоа, се препорачува редовно да го проверувате притисокот во гумите. Не мора да биде премногу често, а идеално е да го проверувате притисокот секој вторпат кога ќе полните гориво. За повеќето возачи, ова е приближно на секои две недели до еден месец – вели тој.

Што може да се случи ако притисокот во гумите е несоодветен?

Според познавачите, ако притисокот на воздухот е премногу низок, површината со која гумата има контакт со патот се зголемува. Затоа, отпорот на тркалање се зголемува, што на крајот доведува до поголема потрошувачка на гориво.
– Исто така, и со мало отстапување, гумата е малку деформирана, а поради тоа се намалува стабилноста при возење. Во екстремни случаи ова може да заврши трагично, особено ако возите пребрзо во свиоци. Од истата причина, растојанието за сопирање се зголемува, а гумите може дури и да пукнат додека возите – вели Димитар.
Тој потенцира дека уште поопасен е преголемиот притисок во гумите. Во овој случај површината со која гумата има контакт со патот е намалена, а тоа ги намалува отпорот на тркалање и потрошувачката на гориво, но во исто време го зголемува абењето на гумите на контактната површина. Поради помалата контактна површина, гумата има подолго растојание за сопирање и поголема можност за лизгање во кривините.
Колку да пумпате?

Повеќето автомобилски гуми обично се надувуваат на притисок од 2 до 2,4 бари, а препорачаната бројка за вашиот автомобил, која обично се прикажува на етикета некаде на автомобилот (обично на внатрешниот лим или рамката на вратата), треба да се применува цела година, бидејќи нема различни бројки за лето или зима.
Сепак, надворешната температура влијае на притисокот во гумите, па затоа во зима, кога ќе пристигнат „минусите“, ќе мора почесто да ја проверувате и да ја наполните гумата со воздух отколку во летните месеци, сѐ со цел да го одржите идеалниот притисок, што е еден од најважните фактори за безбедност при возење.
– Старото мислење на возачите е дека недоволно напумпаните гуми се подобри за возење во зимски услови бидејќи тогаш гумите имаат поголем контакт со теренот на кој возат. Теоретски, ова е точно, а понекогаш е корисно, на пример, при извлекување од длабока кал или снег, но, сепак, не е безбедно да се вози со низок притисок во гумите. Совет е да се одржува притисокот на воздухот во гумите точно како што е препорачано од производителот, и во лето и во зима – потенцираат познавачите.

Зошто не е добра идеја да купувате користени зимски гуми

Секоја година голем број возачи се одлучуваат да купат користени зимски гуми. Единствената причина поради која се одлучуваат на тој чекор е првично да заштедат пари. Сепак, таквото купување често може да биде многу ризично, па дури и непрофитабилно.
Од ноември до март, возачите во Македонија се обврзани да имаат зимски гуми на своето возило. Секој што не го почитува ова правило ќе биде соодветно санкциониран.
Затоа е крајно време ако гумите на нашето возило се стари и истрошени, да купиме нови. Но, имајќи ја предвид финансиската состојба на повеќето наши граѓани, често се случува возачите наместо нови гуми, да изберат половни, за што поевтино да се снајдат. Тоа често може да биде многу ризично.
Се поставува прашањето зошто е важно да се изберат нови зимски гуми.
Гумите се единствениот дел од целото возило со кој контактираме со подлогата. Токму затоа тие се најважни за безбедноста. Ако гумите се лоши, нема да закочиме навреме или ќе се лизнеме во кривина. Возењето со лоши гуми е ризично без разлика колку внимателно возите. Затоа не треба да се штеди на делот од кој зависи нашиот живот, а еве зошто не треба да се купуваат користени зимски гуми.
Кога купува користени гуми, просечниот купувач ја гледа длабочината на шарата и врз основа на тоа одлучува дали да ги купи, бидејќи се заснова на тоа колку долго ќе може да ги вози. Колку е подлабок моделот, толку подолго ќе користиме таква гума. Помал број купувачи гледаат на шарата и општата состојба на гумата, каде што се трудат да не пропуштат видливи оштетувања.
Сепак, опасноста всушност се крие во оштетувањето на гумите, кое често не е видливо со голо око. Станува збор за пукнатини во структурата на гумата, дури и микропукнатини, кои настануваат доколку претходниот сопственик, на пример, ненадејно го преминал рабникот, паднал во дупка и слично. Ќе се согласите дека овие ситуации се всушност многу чести и можат да направат голема штета, што може да предизвика пукање на гумата подоцна при употреба.
Покрај овие оштетувања, кои често не се видливи со голо око, има и такви што настанале доколку претходниот сопственик не се грижел за пропишаниот притисок. Тоа значи дека таква гума многу често се носи на шарата – ако притисокот бил помал, гумата се носела повеќе на нејзините рабови, а ако била повисока, се носела на средината. Во двата случаја, сопирањето и стабилноста со таква гума се нарушени.

Искористените зимски гуми може да се оштетат

Според истражувањето спроведено од британскиот независен институт за безбедност во сообраќајот, утврдено е дека на пазарот на половни гуми, односно во продажба има дури 40 отсто сериозно оштетени гуми.
Освен овие наводи, возачите не треба да го заборават фактот дека некој со причина ги извадил тие гуми од своето возило и дека ако се доволно добри, воопшто не би ги ни вадел.
Екстремно мал број луѓе менуваат речиси нови гуми за подобри, а бројот на користени гуми на пазарот е огромен. Тоа јасно покажува дека повеќето од таквите гуми се всушност отстранети од возилото со добра причина.
И за крај, ако сте имале среќа и сте нашле користена гума без оштетувања, таа сигурно е донекаде истрошена, па времето за купување нови ќе дојде многу побрзо отколку да сте одбрале нови гуми на стартот.


За што служат „влакната“ на гумите?

Ако некогаш внимателно сте ги погледнале гумите на вашиот автомобил или сте ги допреле, сигурно сте виделе мали влакна како излегуваат од гумата и сте се запрашале која е нивната улога. Дали се таму поради некоја безбедносна причина за која не знаеме?
Всушност, станува збор за „гумени мустаќи“. Тие мали делови се една од чудните карактеристики на автомобилите за кои повеќето луѓе обично не размислуваат. Но, некои луѓе го прават тоа. Кога станува збор за мистеријата на гумите и влакната, побаравме од автомобилските експерти да ја решат еднаш засекогаш. Експертите велат дека тие се наоѓаат на вертикалниот дел од гумата, кој е познат и како страничен ѕид. Гумените влакна се познати како лобуси на вентили или мустаќи на гумата. Тие се резултат на процесот на производство на гуми и се создаваат кога калапот на шарата ќе се притисне во нова гума.
– Секој калап е специфичен за големината и видот на гумата што се прави. Како што шарата се втиснува во гумата, дополнителната или непотребната гума бара начин да избега од калапот. Вишокот гума ќе излезе низ мали дупки или канали во калапот. Како што гумата се лади и стврднува, тие ситни прамени или влакна остануваат прикачени на површината на гумата. Така се создаваат мали гумени влакна – велат вулканизерите.
Интересно е тоа што не постои конкретен број на влакна што ќе ги има секоја гума. Точниот број на отвори зависи од дизајнот и големината на гумите. Но, присуството е универзално. Тие не се ништо повеќе од остаток од комплициран процес што произведува силни и издржливи гуми, кои безбедно ве носат низ градот секој ден.
Всушност, влакната играат важна улога. Тие докажуваат дека нема заробени гасови или воздушни меури во гумата што би можеле да ги загрозат нејзиниот структурен интегритет и перформанси. Така, во една секунда можете да проверите дали вашите гуми се безбедни.


Дали е неопходно да се менуваат гумите на секои четири години?

Квалитетот на гумите зависи и од нивната старост. До пред неколку години важеше формулата 4X4X4, што значи дека возилото треба да има четири идентични гуми што мора да се менуваат на секои четири години, а тие (без разлика на возраста) да имаат минимален профил од четири милиметри.
Автомобилските здруженија генерално советуваат гумите да се користат од шест до осум години. Сепак, не се препорачува на возилото да има гуми постари од десет години, бидејќи хемиските промени поради стареењето влијаат на гумената смеса, која ја губи флексибилноста, а со тоа и држењето.


Зошто е важен правилниот притисок во гумите?

Правилниот притисок во гумите е еден од клучните фактори за постигнување најдобри перформанси на гумите. Секое возило има препораки за правилен притисок во гумите. Информациите за ова обично може да се најдат или на капачето за гориво или во упатството за сопственикот на возилото. Исто така, важно е редовно да се проверува притисокот, бидејќи се менува поради температурни флуктуации.

[email protected]