ФОРМУЛА 1

Хаас прв го претстави болидот за новата сезона

Хаас е првиот тим од Формула 1 што го претстави својот дизајн на болиди и боја за годинава, објави „Би-би-си“. Болидот VF-24 ќе го возат Нико Хулкенберг и Кевин Магнусен и ќе го има своето деби на патеката во Силверстоун, на 11 февруари. Директорот на тимот Ајао Комацу рече дека концептот е продолжение на надградбата што Хаас ја претстави во Остин во минатата сезона, пишува „Би-би-си“. Првата трка сезонава, за големата награда на Бахреин, треба да се вози на 2 март. Н.М.


Почнува 21-то Светско првенство во ватерполо

Со денешните натпревари во четирите групи почнува 21-то Светско првенство (СП) во ватерполо, во Катар, каде што титулата ја брани репрезентацијата на Унгарија, која славеше лани на планетарниот шампионат одигран во Јапонија.
Унгарија на годинашниот Мундијал во првото коло на групата Д ќе игра со Романија, а во таа група е и дуелот Казахстан – Италија. Унгарија и Италија играа во иста група и на неодамнешното Европско првенство (ЕП), кое се одржа во Хрватска, во јануари.
Финалистите на ЕП 2024, Шпанија и Хрватска, ќе одиграат трет меѓусебен дуел во период од неколку недели, откако беа во иста група на ЕП во јануари (победи Хрватска) и се сретнаа во финалето (победи Шпанија) на континенталното првенство. На СП 2024 во групата А двојките за денеска се Јужна Африка – Шпанија и Хрватска – Австралија. Во групата Б во првото коло играат Кина – Грција и Бразил – Франција, а во групата Ц, Јапонија – Србија и Црна Гора – САД.
Првопласираните селекции од четирите групи ќе се пласираат во четврт-финалето, а второпласираните и третопласираните прво ќе настапат во осминафиналето.
Светските првенства во ватерполо се одржуваат од1973 година. На претходните пет мундијали титулите ги освојуваа репрезентациите на Србија (2015 година), Хрватска (2017), Италија (2019), Шпанија (2022) и на Унгарија (2023). Н.М.


ФУДБАЛ – ПОЛУФИНАЛИЊА УТРЕ И ЗАДУТРЕ

Почнува разврската за трофеите на првенствата на Азија и на Африка

Јордан – Јужна Кореја утре и Иран – Катар в среда се двојките од полуфиналето на 18-то фудбалско првенство на Азија, кое се игра во Катар. Во полуфиналето на 34-от шампионат на Африка во Брегот на Слоновата Коска, пак, утре ќе играат Нигерија – Јужна Африка, а задутре Брегот на Слоновата Коска – ДР Конго. Од полуфиналистите, досега прваци на Азија биле Иран (1968, 1972, 1976 година), Јужна Кореја (1956, 1960) и Катар (2019 година), а од четирите најдобри годинава, титули на шампионатите на Африка освојувале Нигерија (1980, 1994 и 2013 година), Брегот на Слоновата Коска (1992 и 2015), ДР Конго (1968 и 1974 година) и Јужна Африка (1996 година). Н.М.


ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА

Милер ја забележа 500-та победа во дресот на Баерн

Томас Милер ја освои својата рекордна 12-та титула во германската фудбалска Бундеслига на крајот на сезоната 2022/2023, а Господинот Баерн ја постигна неверојатната 500-та победа во својот 690-ти натпревар за Баерн на дуелот со Борусија Менхенгладбах во 20. коло, пишува Бундеслигата. Тој му се приклучи на Баерн како 10-годишник во 2000 година и брзо почна да се искачува низ клупските рангови, дебитирајќи за првиот тим еден месец пред неговиот 19-ти роденден, во 2008 година. Милер постигна 237 гола и забележа 214 асистенции во 690-те натпреварувачки настапи за Баерн, а победнички гол за клубот постигна 70 пати, пишува Баерн на својата интернет-страница. Н.М.


ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Лани испаднатите од Премиер-лигата сега се на првите три места во Чемпионшип

По 30 кола во англиската фудбалска втора лига, дивизијата Чемпионшип, екипите што лани испаднаа од Премиер-лигата, Лестер, Саутемптон и Лидс, се на позиции на табелата за брзо враќање во најсилната фудбалска лига во Англија. Во дивизијата Чемпионшип убедливо води Лестер, со 72 бода од 30 меча, второпласиран е Саутемптон, со 61 бод од 29 натпревари, а на третото место е Лидс, со 60 бода од 30 средби. Првите два тима по 46 кола ќе се пласираат во Премиер-лигата, а екипите пласирани од третото до шестото место ќе играат во плејофот за уште едно место во елитата. По мечевите во саботата, на четвртото место е Ипсвич со 59 бода (29 натпревари), а потоа следуваат ВБА со 48 (29), Хал 45 (29), Ковентри и Норвич со по 44 бода (30)… Н.М.